Извадок на дел од дневни настани 28.07.2022

Денеска (28.07.2022) во 09.45 часот на улица „Ѓорѓи Капчев“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Т.(51) од Македонски Брод, со живеалиште во Скопје. Тој бил баран по централна потерница од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од една година за сторено кривично дело по член 130 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде спроведено во казнено-поправна установа за издржување на казната.

На 28.07.2022 во 01.50 часот на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.К.(19) од Швајцарија, затоа тоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 28.07.2022 во 00.30 часот на улица „Јане Сандански“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид ги лишиле од слобода П.С.(33) и И.П.(23), двајцата од Кичево. При контрола на патнички возило „фолксваген пасат“, со кичевски регистарски ознаки, полициски службеници ги забележале лицата како исфрлаат две пакувања, кои откако биле пронајдени, констатирано е дека во нив има кокаин. Исто така, во возилото биле пронајдени уште три пакувања со кокаин. Тие биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Денеска (28.07.2022) во 01.10 часот во угостителски објект во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Д.Т.(20) од Радовиш, затоа што кај него била пронајден и одземена марихуана. За случајот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот против Д.Т. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 27.07.2022 во 20.55 часoт во село Лешок, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Е.С.(21) од Република Хрватска, со живеалиште во тетовско Слатино. При преглед во возилото „ауди“, со тетовски регистарски ознаки, кое го управувал, бил пронајден хашиш. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 27.07.2022 во 21.00 часот на Граничниот премин „Ќафасан“, по извршени гранични проверки било констатирано дека С.К.(43) од Република Албанија бил во оперативната евиденција на Стоп-листата со мерка „апси“ по барање од Интерпол Германија. Тој бил лишен од слобода и предаден на полициски службеници од Полициската станица Струга за понатамошна постапка.
Во текот на изминатата вечер (27/28.07.2022) во периодот од 22.00 до 03.00 часот Министерството за внатрешни работи со посебно опремен радар за снимање во ноќни услови, спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 260 возачи. Од нив, 17 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 218 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 42 надвор од населено место.

Во текот на вчерашниот ден (27.07.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 205 возачи. Од нив 17 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час. Притоа, 86 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 119 надвор од населено место.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (27.07.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 141 мерка, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 21 санкција, 39 мерки за прекршоци што ги пешаците, 12 санкции за возење без возачка дозвола. Изречени се седум мерки за користење мобилен телефон, пет санкции за некористење сигурносен појас, шест санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло), пет мерки за нерегистрирани возила...

Во текот на изминатата вечер (27/28.07.2022), во периодот од 22.00 до 03.00 часот, Министерството за внатрешни работи со посебно опремен радар за снимање во ноќни услови, спроведе засилена акциска контрола на територијата на СВР Тетово за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 46 возачи. Од нив, 36 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 10 надвор од населено место.

На 27.07.2022 на територијата на СВР Битола, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, санкционирани биле 34 возачи, од кои 26 санкции се изречени за пречекорување на брзината во населено место и 8 надвор од населено место.

Во периодот од 22.00 часот на 27.07.2022 до 03.00 часот на 28.07.2022 на подрачјето на СВР Струмица била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. Притоа, биле констатирани 29 прекршувања, од кои 18 на подрачје на Струмица, 7 на подрачје на Гевгелија и 4 на подрачје на Валандово. Сите констатирани прекршоци биле соодветно санкционирани.

Во текот на изминатата вечер (27/28.07.2022), во периодот од 21.00 до 04.00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе контрола на територијата на град Прилеп за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се осум возачи. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.

На 27/28.07.2022 во периодот од 22.00 до 03.00 часот на подрачјето на СВР Охрид извршени се засилени сообраќајни контроли. Притоа, затекнати и санкционирани се 27 возачи на моторни возила кои, во и надвор од населени места, ја надминале дозволената брзина на движење (Охрид-14, Струга-08, Кичево-02, Дебар-03). Полициските службеници санкционирале и 33 пешаци кои преминале коловоз надвор од обележан пешачки премин (Охрид-14, Струга-09, Кичево-07, Дебар-03).

На 27.07.2022 во 21.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово, врз основа на судска наредба од Основен суд Куманово, го лишиле од слобода И.М.(35) од Куманово, кој се барал за издржување на затворска казна. Тој, исто така, се сомничи дека е сторител на кривично дело „изнуда“, а при приведувањето кај него била пронајдена и марихуана. И.М. бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор К’шање за издржување на казната.

 

Денеска (28.07.2022) во 14.20 часот во с.Идризово, скопско, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода Р.Р.(47) од Скопје. Тој бил баран по централна потерница од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна од осум месеци за сторено кривично дело по член 131 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде предадено во казнено-поправна установа за издржување на казната.

 

На 27.07.2022 околу 12.10 часот на место викано „Орман“ во с.Спас, дебарско, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Блато пронајдоа 13 засадени стебла од растението канабис и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со кривично дело. Увид на местото извршила екипа од ОВР Дебар, а стеблата и предметите биле подигнати за понатамошна постапка. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против В.С.(39) од охридското село Горно Лакочереј, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „уцена“. Таа, во периодот од 28.05.2022 до 15.06.2022, на лице од село во општина Дебарца му упатила повеќе закани и во неколку наврати му одзела вкупно 172.000 денари.

 

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Б.Ш.(53) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,„узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“. Тој, во текот на минатата година, на катастарска парцела од 91.825 метри квадратни во месноста „Манастирец“, покрај брегот на реката Црни Дрим, сопственост на МПЦ-ОА - Дебарско-кичевска епархија, неовластено и без соодветна градежна дозвола, изградил објект од цврста градба, со што се стекнал со противправна имотна корист од 249.480 денари.

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Б.Л.(29) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Тој на М.З. од Кичево му продал амфетамин, кој при преглед бил пронајден и одземен од полициски службеници.

 

На 27.07.2022 во 16.00 часот во СВР Скопје, Г.Љ.(53) од Скопје пријавил дека околу 14.55 часот на подрачјето на Бит Пазар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од М.Ц.(36) од Република Турција. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

 

На 27.07.2022 во СВР Битола, 49-годишна жена од Битола пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 6.500 евра и 72.000 денари. Според пријавеното, тие се запознале во мај оваа година преку социјалната мрежа Фејсбук и биле во љубовна врска, при што лицето и ги побарало парите за да одблокира сметка од негова фирма и ветило дека брзо ќе ѝ ги врати. Како што е пријавено, откако открила дека лицето лажно ѝ се претставило и дека не поседува фирма, случајот го пријавила во полиција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 12.07.2022 околу 11.55 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул.„Македонски гемиџии“, велосипед, управуван од Ј.Б.(70) од Битола, удрил во запрено патничко возило „фолксваген шаран“, со битолски регистарски ознаки, управувано од Р.И.(51) од Битола. По несреќата Ј.Б. бил пренесен во Клиничка болница Битола каде му биле констатирани телесни повреди, по што бил пуштен на домашно лекување. Во координација со Јавен обвинител увид извршила екипа од СВР Битола. Подоцна, во текот на денот, Ј.Б. повторно се јавил во Клиничката болница Битола, при што му биле констатирани тешки телесни повреди, по што бил препратен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што вчера починал на Клиниката за неврохирургија. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

 

На 28.07.2022 околу 00.15 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на ул.„Кузман Шапкарев“ настанал пожар во станбена зграда со четири стана, сопственост на четири лица од Прилеп. Пожарот бил изгаснат од екипи на Територијалната противпожарна единица, а повредени лица нема. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Прилеп.

 

На 27.07.2022 во 12.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во својот дом бил пронајден починат Г.А.(22) од Скопје. Смрт без видливи траги на насилство констатирал лекар од Итна медицинска помош, а увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

 

На 27.07.2022 во 10.30 часот во Полициската станица Неготино, 83-годишен жител на неготинско село пријавил дека на автобуската станица во Неготино бил измамен за сума од 14.800 денари, од едно лице кое се претставило дека е од Гостивар и го замолило да му даде денари затоа што имало странски валути. Според пријавеното, тој му дал пари, а лицето му оставило заклучена чанта со објаснување дека во неа се странските валути, и заминало. Подоцна, според пријавеното, откако ја отворил чантата, видел дека во неа нема пари и сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Г.Б.(53) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во периодот од 01.11.2021 до 30.04.2022, во својство на вршител на должноста директор на ЈЗУ Општа болница Охрид, со искористување на својата службена положба и овластување, со погрешно пресметување на платата по основ на друг коефициент, на секретарот на болницата му овозможил да земе повисока основна плата, при што на буџетот на болницата била нанесена штета од 100.357 денари.

 

На 27.07.2022 во 20.10 часот во СВР Скопје, Н.В.(46) од Скопје пријавил дека околу 17.00 часот на подрачјето на Аеродром, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 28.07.2022 во 00.40 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, С.А.(40) од с.Сарај, скопско, пријавил дека на 27.07.2022 околу 20.30 часот на патот од с.Грчец кон с.Сарај едно лице, кое било со уште три лица и кое го препознал, му се заканило со пиштол. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.К.(30) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „компјутерска измама“. Пријавениот, во својство на шалтерски работник во подружница на пошта, во периодот од 18.01. до 25.02.2022, при наплата на сметки од странки сметките ги заверувал со печат, но не ги внесувал во систем, односно внесувал податоци од друг корисник, со кое вршел препечатување на претходно уплатена сметка од ЕВН. При контрола на платниот промет од одговорни лица, утврдено е дека пријавениот паричните средства од странките не ги уплаќал на сметка од ЕВН, туку си ги задржувал за себе, со што противправно присвоил 14.777 денари.

 

Денеска (28.07.2022) во 10.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во нива покрај патот кој води од с.Арачиново кон с. Грушино, скопско, била пронајдена почината С.Ѓ.(74) од Скопје, за која на 24.07.2022 нејзината ќерка пријави дека се оддалечила од домот. По наредба на Јавен обвинител телото на почината било дадено на обдукција.