Извадок на дел од дневни настани 25.07.2022

На 24.07.2022 околу 22.15 часот на ул.„Џон Кенеди“ од страна на полициски службеници од Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција лишен е од слобода М.М.(30) од скопско.
Имено, откако полициски службеници се обиделе да сопрат патничко возило „ауди А3“, со скопски регистарски ознаки, М.М., управувајќи го возилото, се дал во бегство, при што удрил и оштетил службено полициско возило. Откако бил запрен, при извршен преглед во возилото „ауди“ било пронајдено пакување со кокаин, дигитална вага за мерење и предмети со остатоци од кокаин. Лицето е приведено во полициска станица и во координација со Јавен обвинител од ОЈО Скопје, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 23.07.2022 во 11.00 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода С.К.(56) од Штип. Тој бил баран со судска наредба за издржување затворска казна од 11 месеци. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Струмица за издржување на казната.

На 24.07.2022 во 23.30 часот на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Н.Р.(30) од Скопје, затоа тоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 25.07.2022 во 01.15 часот на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Т.С.(25) од Скопје, затоа тоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 24.07.2022 во 17.00 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Е.С.(31) од Скопје, затоа тоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 24.07.2022 во 22.00 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Полициската станица Карпош лишиле од слобода малолетник од Скопје, затоа тоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 24.07.2022 во 06.00 часот на регионалниот пат кон езеро Мантово, Штип, полициски службеници од СВР Штип ги лишиле од слобода Ј.Д (18) и А.Д.(47) од Неготино затоа што со товарно возило „застава“ со неготински регистарски ознаки превезувале огревно дрво без потребните документи, а за кое постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело „кражба“. Дрвата, возилото и моторна пила биле одземени и предадени на Шумска полиција. Ј.Д. и А.Д. биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во текот на изминатата вечер (24/25.07.2022), од страна на патролни тимови составени од полициски службеници од Одделот за униформирана полиција, Единицата за брзо распоредување, Посебната единица за поддршка, Единицата за интервентна полиција и Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп беа спроведени контроли на лица и патнички возила на подрачјето на Прилеп. За време на контролите од слобода бил лишен Г.К.(31) од Прилеп, бидејќи кај него е пронајдена бела грутчеста материја и против него ќе биде поднесена пријава по чл.215 од Кривичниот законик. Во периодот од 21.00 до 04.00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе засилена акциска контрола на територијата на град Прилеп за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се 24 возачи, од кои 23 возачи се исклучени од сообраќај. Од нив, 8 возачи управувале возила под дејство на алкохол, 15 управувале возило без важечка возачка дозвола, а констатиран и законски санкциониран е и еден прекршок од такси превозник кој не поседувал комплетна документација.

На 24.07.2022 во 20.45 часот на улица ,,Живко Брајкоски“ во Гостивар, полициски службеници од Полициската станица Гостивар ги лишиле од слобода Е.К.(23) од гостиварско Калиште и М.О.(37) од скопско Шуто Оризари. Тие се сомничат дека околу 13.45 часот со употреба на сила и подесен алат влегле во подрум од зграда на улица ,,19 Ноември“ во Тетово и одзеле велосипед, сопственост на Ј.Ш. (32) од Тетово. Двајцата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

Во текот на вчерашниот ден (24.07.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 355 возачи. Од нив 19 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час. Притоа, 178 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 177 надвор од населено место.

Во текот на изминатиот викенд, полициски службеници од СВР Куманово спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возило со брзина поголема од пропишаната, при што на подрачјето на Куманово санкционирани се 180 возачи. Од нив шест возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.

На 24.07.2022 во рамки на засилените акциски контроли во областа на сообраќајот, на територија на град Скопје изречени се вкупно 134 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 68 санкции, осум мерки за возење без возачка дозвола, 12 санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл. Изречени се две мерки за користење мобилен телефон, 21 санкција за возење под дејство на алкохол, четири за нерегистрирани возила...

На 24.07.2022, во периодот од 17.00 до 22.00 часот, полициските службеници во Охрид и Струга извршија засилени сообраќајни контроли во патниот сообраќај. Притоа, затекнати и санкционирани се 17 возачи кои управувале моторно возило со брзина поголема од дозволената (Охрид-06, Струга-11).

На 24.07.2022 во 12.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на локалниот пат с.Страчинци– с.Стајковци, патничко возило „фолксваген голф“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Ф.А.(19) од Скопје, излетало надвор од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 24.07.2022 во 16.00 часот во СВР Штип било пријавено дека на ул.„Железничка“ во Штип, мопед со штипски регистарски ознаки, управуван од М.И.(54) од Штип, излетал надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мопедот, констатирани во Клиничката болница во Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.

На 24.07.2022 во 17.10 часот во СВР Тетово било пријавено дека на регионален пат Тетово-Јажинце, во тетовско Глоѓи, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“, управувано од С.О.(50) од тетовско Орашје и патничко возило „шевролет“, управувано од Ф.А.(33) од тетовско Шемшево, двете со тетовски регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил М.А(62) од С.Шемшево, сопатник во возилото „шевролет“, а со телесни повреди се здобиле двајцата возачи и уште еден сопатник од возилото „шевролет“ С.А.(43), констатирани во Клиничка болница Тетово. По овластување на Јавен обвинител увид на местото извршила увидна екипа од СВР Тетово.

На 24.07.2022 во 11.10 часот во Полициската станица Центар, С.Ц.(23) од Скопје пријавила дека на ул.„Никола Карев“ била касната од куче скитник.

На 24.07.2022 во 18.20 часот во Полициската станица Гостивар било пријавено дека на локалниот пат за село Тресонче се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „југо“, управувано од Ш.О.(65) од с.Долно Косоврасти и мотоцикл „ктм“, управуван од В.Ч.(36) од Дебар, двете со дебарски регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во ЈЗУ Дебар. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Гостивар.

На 24.07.2022 во 13.20 часот во Полициската станица Гази Баба, Н.С.(27) од Скопје пријавил дека на ул.„Сава Михајлов“ бил каснат од куче скитник.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против З.А.(38) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Во текот на 2022 година пријавениот набавил семе за производство на марихуана и го засадил во саксии, по што произведената марихуана ја препродавал на корисници на подрачјето на град Скопје. На 04.07.2022 бил извршен претрес во домот на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

На 24/25.07.2022 во периодот од 23.45 до 02.00 часот, полициски службеници од СВР Тетово во содејство со Државниот пазарен инспекторат извршиле акциска контрола во угостителски објект во тетовско Жеровјане. При контролата било констатирано дека Ф.Ј.(29) од Украина не поседувала дозвола за работа и била приведена во СВР Тетово за понатамошна постапка.

На 25.07.2022 во 02.15 часот во СВР Тетово било пријавено дека на регионалниот пат Тетово-с.Пирок, на крстосница со локален пат за с.Синичане, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел корса“, со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Р.(29) од с.Синичане и патничко возило „опел зафира“, со тетовски регистарски ознаки, управувано од Д.Д.(43) од с.Камењане. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи, а со телесни повреди се здобиле две сопатнички од возилото „опел корса“, И.Р.(26) и Ф.А.(19), двете од с.Синичане, констатирани во Клиничката болница во Тетово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Тетово.

Во периодот од 18.07.2022 до 24.07.2022 спроведена е засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли, при што санкционирани се 427 возачи. Од нив, 282 возачи не користеле заштитна кацига за време на возење, 77 возеле без возачка дозвола, 24 мотоцикли се одземени поради истечена сообраќајна дозвола и предизвикување голема бучава, а санкционирани се и други прекршоци.

На 24.07.2022 во 22.30 часот во Полициската станица Гевгелија било пријавено дека на регионален пат од Стар кон Нов Дојран, М.А.(43) од Нов Дојран, управувајќи мотоцикл „сузуки“, без регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Медицински центар Гевгелија. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Гевгелија.

На 24.07.2022 во 21.30 часот во СВР Скопје, Н.И.(43) од Скопје пријавил дека околу 19.00 часот на подрачјето на Чаир, по претходна расправија, бил физички нападнат од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.

На 24.07.2022 во 14.39 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Дижонска“ во Скопје настанал пожар на бандера, при што бил опожарен и дел од куќата на З.Н.(50) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Извршен бил увид на местото.

На 24.07.2022 во 11.00 часот во СВР Скопје, С.Џ.(53) од Скопје пријавил дека околу 10.00 часот на ул.„Вера Радосавлевиќ“ на подрачјето на Гази Баба, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од едно женско лице со тврд предмет. Се работи на расчистување на случајот.

На 24.07.2022 околу 20.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект во с.Студеничани, скопско, при семејна веселба бил нарушен јавниот ред и мир со пукање од огнено оружје. Полициски службеници излегле на местото и се работи на расчистување на случајот.

На 24.07.2022 во 18.10 часот во СВР Скопје, А.Б.(46) од Скопје пријавил дека на ул.„Лазар Личеновски“ бил физички нападнат од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.

На 24.07.2022 во 15.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред маркет на подрачјето на Гази Баба настанал пожар. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

На 24.07.2022 во 10.20 часот во Полициската станица Кичево, В.С.(20) од с.Лазоровци, кичевско, пријавил дека околу 05.40 часот на ул.„11 Септември“ во Кичево, тој и Б.Н.(20) од Кичево биле физички нападнати од три лица, кои употребиле и остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 24.07.2022 во 20.30 часот во Полициската станица Гази Баба, М.И.(42) од Скопје пријавила дека од дома се оддалечила нејзината мајка С.Ѓ.(74). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.