Извадок на дел дневните настани 22.07.2022

 На 21.07.2022 во Пробиштип, полициски службеници од Полициската станица Пробиштип го лишиле од слобода Р.П.(31) од Пробиштип. Тој се сомничи дека на почетокот на јули со употреба на сила и подесен алат влегол во поранешниот студентски дом „Доне Божинов“ и одзел повеќе предмети. По целосно документирање на случајот, против Р.П. ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 21.07.2022 во Кочани, полициски службеници од Полициската станица Кочани ги лишиле од слобода Б.А.(54) и С.С.(63), двајцата од Република Косово. Тие биле фатени на Градскиот пазар во Кочани при извршување „тешки кражби“ на дрзок начин, односно при одземање пари и други предмети од чанти на неколку лица. Одземените предмети биле пронајдени и вратени на сопствениците, а лицата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 21.07.2022 во 19.30 часот на улица „Мурат Бафтијари“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода С.Б.(56) од Тетово. Тој се сомничи дека извршил кривично дело „кражба“ во продажен објект на улица ,,Страшо Пинџур“ во Тетово, при што одзел повеќе предмети. Тој е задржан во полициска станица за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 21.07.2022 во 22.00 часот во Струмица, полициски скужбеници од Полициската станица Струмица ги лишиле од слобода Џ.Ф.(27) и Т.Ш.(26), двајцата од село Банско, струмичко. Тие се сомничат дека околу 21.30 во село Градско Балдовци, струмичко, физички го нападнале Џ.Т.(58) од село Градско Балдовци и му го одзеле неговиот трактор. Тие биле приведени во полициска станица, а тракторот бил пронајден и одземен од Џ.Ф.. За случајот бил запознаен Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Струмица и по целосно документирање на случајот против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 21.07.2022 во 22.30 часот на регионален пат Радовиш – село Ораовица, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш го лишиле од слобода Д.Т.(30) од село Ораовица, радовишко, затоа што кај него била пронајдена марихуана. За случајот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш и по документирање на случајот против лицето ќе се изготви соодветен поднесок.

На 21.07.2022 во 18.00 часот на патот Гевгелија - с.Богородица, на место викано „Поново мовче“, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Богородица“ го лишиле од слобода С.А.(47) од Скопје. На местото било забележано како во неговото возило „фиат линеа“, со скопски регистарски ознаки, влегуваат четири лица. При обид да биде извршена контрола на возилото, три од лицата се дале во бегство, нo набргу биле фатени, при што било констатирано дека се од Пакистан, како и лицето што било пронајдено во возилото. С.А. бил приведен во полициска станица, а мигрантите биле сместени во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 21.07.2022 од страна на патролни тимови составени од полициски службеници од Одделот за униформирана полиција, Единицата за брзо распоредување, Посебната единица за поддршка, Единицата за интервентна полиција и Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп беа спроведени контроли на лица, патнички возила и угостителски објекти на подрачјето на Прилеп. За време на контролите во угостителски и хотелски објекти, реализирани во координација со инспектори од Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи е утврдено точење на алкохол на малолетни лица, непоседување на документација за работа на еден угостителски објект, во кој се затекнати четири лица како извршуваат работни задачи, а за кои не постои документација дека се вработени. Констатираните неправилности ќе бидат соодветно санкционирани. При контролите, по преземени дополнителни мерки, лишен од слобода е и Н.Д.(36) од Скопје, кој се сомничи за повеќе извршени кривични дела. За случајот е известен Јавен обвинител, а лицето е приведено во полициска станица за понатамошна постапка, по чие документирање ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Во текот на вчерашниот ден (21.07.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 204 возачи. Од нив 16 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час. При тоа 77 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 127 надвор од населено место.

На 21.07.2022 во рамки на засилените акциски контроли во областа на сообраќајот, на територија на град Скопје изречени се вкупно 148 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 27 санкции, 24 мерки за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл, седум санкции за возење без возачка дозвола. Изречени се седум мерки за користење мобилен телефон, осум санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло), шест мерки технички неисправни и нерегистрирани возила, пет санкции за возач почетник...

На 21.07.2022, во периодот од 07.00 до 12.00 часот, на подрачјето на СВР Охрид извршени се засилени сообраќајни контроли. Притоа, полициските службеници затекнале 43 возачи на моторни возила кои извршиле непрописно престигнување (Охрид-21, Струга-11, Кичево-08, Дебар-03). Против нив се поднесени соодветни прекршочни платни налози.

Во текот на изминатата вечер (21/22.07.2022), во периодот од 21.00 до 04.00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе засилена акциска контрола на територијата на град Прилеп за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се 31 возач, од кои девет возеле без возачка дозвола, четири возеле под дејство на алкохол, исклучени се 13 возачи и две возила од сообраќај...

На 21.07.2022 во 18.20 часот во СВР Битола било пријавено дека на патот Ѓавато – Тополчани, пред с.Могила, малолетничка од с.Могила, управувајќи мотоцикл „хонда“, без регистарски ознаки, изгубила контрола и паднала на коловозот. Притоа, со тешки телесни повреди се здобила малолетна сопатничка од с.Кукуречани, а мотоциклистката се здобила со телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Битола. Увид на местото извршила екипа на СВР Битола.

На 21.07.2022 во 20.40 часот во Полициската станица Струга било пријавено дека на улица „Боро Хаџиески Путе“ во Струга, патничко возило „сеат алтеа“ со струшки регистарски ознаки, управуван од Л.Т.С.(23) од струшкото село Џепи, удрил во велосипед што го управувала С.Ј(59) од Струга. Велосипедистката се здобила со тешки телесни повреди констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, а Л.Т.С се здобила со телесни повреди, констатирани во болницата во Струга. Увид на местото на незгодата извршија полициски екипи.

На 21.07.2022 во 10.00 часот во СВР Куманово било пријавено дека на ул.„Железничка“ во Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Т.П.(47) од Куманово, удрило во запрени возила „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Д.Р.(46) од Куманово и „рено“ со швајцарски национални ознаки, управувано од Р.Л.(71) од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката А.А., а со телесни повреди се здобиле тројцата возачи, констатирани во Општата болница во Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.

На 21.07.2022 во СВР Битола, Б.А.(34) од Битола пријавила дека на ул.„Широк Сокак“ во Битола таа и нејзиното куче биле нападнати од куче сопственост на друго лице. По целосно документирање на случајот против сопственикот ќе следи соодветен поднесок.

На 22.07.2022 во 03.20 часот од страна на полициски полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Битола лишен е од слобода С.Р.(46) од Битола. Тој бил затекнат на ул.„Рузвелтова" во Битола при обид да изврши тешка кражба, предвидена по чл.236 од Кривичниот законик. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска (22.07.2022) полициски службеници од Полициска станица Центар при СВР Скопје го привеле С.А.(48) од Скопје, постапувајќи по пријави од граѓани примени во 07.25 и 07.40 часот, според кои во катна гаража во близина на трговски центар на подрачјето на Центар било извршено оштетување на нивните патнички возила. Од страна на полициски службеници веднаш е излезено на местото на настанот и по преземени мерки било констатирано дека станува збор за оштетување на 18 патнички возила коишто биле паркирани во катната гаража. Извршен бил увид од страна на увидна екипа, а по дополнителни мерки утврден е сторителот кој ги извршил оштетувањата, кој бил приведен во полициска станица и со него бил извршен службен разговор. За случајот е известен Јавен обвинител по чии насоки делото е класифицирано по чл.243 од Кривичниот законик и се гони по приватна тужба, а од страна на МВР ќе се преземат сите неопходни активности за документирање на делото.

Секторот за внатрешни работи Битола – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен до Основното јавно обвинителство Ресен поднесе кривична пријава против М.С.(68) од САД, со привремен престој во с.Крани, ресенско, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“ казниво по член 288 од Кривичниот законик. Пријавениот, на 19.07.2022 во неговата нива на место викано „Барик” во атарот на с.Крани го запалил стрништето, при што пожарот се проширил и зафатил сува трева и овоштарници во соседните ниви. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Ресен.

На 21.07.2022 во 19.30 часот во Полициската станица Гостивар, 36-годишен маж од гостиварско село пријавил дека бил измамен од М.К.(36) од Скопје, сопственик на туристичка агенција од Скопје за сума од 1500 евра и 500 швајцарски франци. Според пријавеното, на 18.05.2022 резервирал термин за одмор за 13.07.2022, по што со нотарски договор му ги дал парите. Како што е пријавено, М.К. ниту му резервирал термин за одмор, ниту пак ги вратил парите. Се работи на расчистување на случајот.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против З.Ј.(28) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 16.07.2021, по претходно добиена судска наредба, извршен е претрес во неговиот дом, при што полициските службеници пронајдоа и одзедоа еден пиштол „ASTRA“ калибар 6,35 милиметри и 22 куршуми различен калибар што нелегално ги поседувал.

На 22.07.2022 околу 05.15 часот на бул.„Илинден“ во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Карпош ги лишиле од слобода Ј.А.(36) и Д.М.(39), двајцата од Скопје, затоа што физички нападнале полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следи соодветна пријава.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Е.М.(35) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лажно пријавување на кривично дело“. На 03.05.2022 во Струмица, пријавениот пријавил кривично дело „одземање моторно возило“, иако такво дело не било сторено.

На 21.07.2022 во 13.30 часот во СВР Куманово, 72-годишен маж од Куманово пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 16.000 денари. Според пријавеното, лицетo му понудило огревни дрва и откако се договориле, се упатиле на местото каде наводно бил камионот со дрвата. Откако пристигнале лицето му кажало дека ќе се врати, а тој да го почека камионот, но отишло во неговата куќа и од неговата сопруга ги побарало и добило парите. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.М.(39) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во текот на март 2022 година, пријавениот го довел во заблуда К.М. од Охрид дека ќе го вработи во државна институција, по што на 29.03.2022 му зел 3.000 евра и се стекнал со противправна имотна корист од 186.000 денари.

На 21.07.2022, полициски службеници од Полициското одделение Петровец го лишиле од слобода М.С.(28) од с.Катланово, скопско, затоа што околу 19.00 часот во с.Петровец, скопско, со уште неколку лица со тврди предмети ги нападнале З.Т.(38) и Т.С.(47), двајцата од с.Петровец. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Т.А.(57) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 25.11.2021, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана и делови од растението канабис.

На 22.07.2022 во 01.10 часот во СВР Скопје, И.С.(20) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Топанско Поле бил физички нападнат од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.

На 22.07.2022 во 00.11 часот во Полициската станица Бит Пазар било пријавено дека во угостителски објект на ул.„Ќурчиска“ починала Љ.С.(22) од кумановско. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека Љ.С. за време на приватна забава, откако излегла од базен го земала телефонот кој бил приклучен на полнач, по што паднала на земја, а во објектот снемало електрична енергија. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатата било дадено на обдукција.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против малолетник од с.Сенокос, општина Врапчиште, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело убиство во обид. На 18.05.2022 во с.Сенокос, пријавениот со остар предмет му нанел повреда на друг малолетник од истото село.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против Д.М.(26) од Виница, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” и „овозможување на употреба на наркотични дроги психотропни супстанци и прекурсори“. На 23.10.2021 на влезот од Виница, полициски службеници извршиле преглед на возило „цитроен Ц3“ со бугарски национални ознака, управувано од Д.М., во кое имало уште едно лице, при што била пронајдена и одземена марихуана.