Извадок на дел дневните настани 21.07.2022

На 20.07.2022 во 10.45 часот во Гостивар, полициски службеници од Полициската станица Гостивар го лишиле од слобода Х.С.(60) од Гостивар. При претрес во неговиот дом и во возило „мерцедес“, со гостиварски регистарски ознаки, извршен со судска наредба, во возилото биле пронајдени и одземени 15 пакувања со хероин, додека при преглед кај него биле пронајдени поголем износ на пари. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 20.07.2022 во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Р.Р.(32) од Кавадарци. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени предмети кои потекнуваат од кривични дела кражби и тешки кражби, извршени на подрачјето на ОВР Кавадарци и ОВР Неготино. Тој бил приведeн во Полицискaта станица во Кавадарци и по целосно документирање на случјаот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 20.07.2022 во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци ги лишиле од слобода П.Б.(35) и Г.Д.(36 ) од Кавадарци. Тие се сомничат дека на 19.07.2022 извршиле кривично дело „кражба“ од патничко возило во Кавадарци. Одземените предмети биле пронајдени и вратени на сопственикот, а по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 20.07.2022 во 22.40 часот на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Т.Д.(21) од Скопје, затоа тоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 20.07.2022 во 19.45 часот, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода А.Т.(20) и М.Н.(18), двајцата од Куманово, затоа што кај нив била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави.

На 20.07.2022 во 23.15 часот во тетовско Камењане, на излез од автопатот кон селото, полициски службеници од Полициското одделение Камењане го лишиле од слобода С.У.(23) од тетовски Пирок, затоа што при преглед кај него и во возило „фолксваген голф“, со тетовски регистарски ознаки, кое го управувал, била пронајдена и одземена марихуана. Тој бил задржан во полициска станица за понатамошна постапка и по документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 20.07.2022 околу 20.50 часот на автопатот А1, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода А.М.(20) и С.К.(37), двајцата од Велес, бидејќи кај нив било пронајдено пакување со кафеава прашкаста материја. Тие биле приведени во Полициската станица во Велес и по целосно документирање на случјаот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Денеска (21.07.2022) полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за криминалистичка полиција, Одделот за специјални полициски операции - Единица за брзо распоредување, во координација со Управата за извршување на санкции, спроведоа координирана полициска акција во Казнено-поправниот дом Прилеп. Притоа, извршени се претреси во Казнено-поправниот дом Прилеп, со цел пронаоѓање недозволиви или забранети предмети кај лица осуденици кои се на издржување казна затвор, во насока на превентивно делување и спречување на вршење на кривични дела во казнено-поправните установи. При претресите се пронајдени и одземени: ножеви, мобилни телефони и полначи за мобилен телефон, парични средства во износ поголем од законски дозволениот кои осудените лица можат да ги поседуваат и др. Одземените предмети ќе бидат предадени на затворска служба за понатамошна постапка.

На 20.07.2022 во 22.11 часот на булевар „Маршал Тито“ во Тетово, полициските службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово го привеле Н.Ј.(28) од Кочани, затоа што кај него бил пронајден нож. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово за понатамошна постапка, по што ќе следи и соодветен поднесок.

Во текот на вчерашниот ден (20.07.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 275 возачи. Од нив 13 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час. Притоа 135 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 140 надвор од населено место.

На 20.07.2022 во 14.45 часот во СВР Штип било пријавено дека на магистралниот пат Штип-Кочани, во близина на с.Долни Балван, општина Карбинци, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „цитроен саксо“, управувано од Г.Т.(67) од с.Тркање, кочанско и патничко возило „сеат толедо“ управувано од А.Д.(35) од Штип, и двете со штипски регистарски ознаки. На местото на несреќата починал Г.Т., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Со тешки телесни повреди се здобил возачот А.Д., како и сопатничките од неговото возило С.С.(57), Ј.М.(59) и К.А.(42), сите од Штип. Тие биле пренесени во Клиничката болница Штип за укажување лекарска помош. Со телесни повреди се здобила Л.П.(54), констатирани, исто така, во Клиничката болница Штип. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Штип во присуство на Јавен обвинител.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (20.07.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 165 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 60 санкции, 11 мерки за возење без возачка дозвола, девет санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл.
Изречени се шест мерки за користење мобилен телефон, 11 санкции за непочитување на првенство на минување, седум мерки за нерегистрирани возила, шест санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло)...

На 20.07.2022 во 16.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од ул.„Васко Карангелевски“ и сервисна улица од бул.„АСНОМ“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел вектра“, управувано од Б.Ш.(43) од Скопје и мопед „кимко“, управуван од В.С.(45) од Скопје, и двете со скопски регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мопедот констатирани во Градската општа болница „8 Септември“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Во текот на изминатата вечер (20/21.07.2022) во периодот од 20.00 до 02.00 часот Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе засилена акциска контрола на територијата на град Прилеп за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се 45 возачи, од кои 16 возеле без возачка дозвола, четири возеле под дејство на алкохол. Изречени се четири мерки за возачи на мотоцикл поради некористење заштитна кацига за време на возење, а исклучени се 24 возачи и три возила од сообраќај...

На 20.07.2022 во 10.30 часот во Полициската станица Кратово било пријавено дека на на магистралниот пат А-2, кај с.Страцин, кратовско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“, со бугарски национални ознаки, управувано од А.С.(26) од Крива Паланка и патничко возило „пежо 307“, со бугарски национални ознаки, управувано од И.В.Љ.(22) од Република Бугарија. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил А.С., а со телесни повреди се здобила И.В.Љ. и сопатничката од нејзиното возило М.Г.О.(22) од Република Бугарија, констатирани во ЈЗУ Кратово. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Кратово.

На 20.07.2022 во 19.50 часот во Полициската станица Аеродром, Б.Р.(43) од Скопје пријавил дека на ул.„Ѓорѓи Капчев“ неговата малолетна ќерка била касната од куче скитник.

На 20.07.2022 во 10.00 часот било пријавено дека на крстосница со кружен тек од ул.„Филип Втори“ и ул.„23 Октомври“ во Свети Николе, А.А.(64) од Свети Николе, управувајќи мопед „кимко“, со светиниколски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. Во несреќата возачот на мопедот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во ЈЗУ Свети Николе. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Свети Николе.

На 21.07.2022 во 13.05 часот на улица „Гоце Делчев“ во Гостивар, полициски службеници од Полициската станица Гостивар го лишиле од слобода Г.Б.(40) од Скопје, поради сомнение дека денеска од паркинг на Градежен институт Скопје одзел патничко возило „тојота хајлукс“, сопственост на Институтот, кое било оставено со клучеви на бравата. Имено, денеска околу 12.00 часот во ЕВР Карпош, вработен во Градежниот институт пријавил дека било одземено возилото од паркингот, по што биле преземени мерки и во координација со Полициската станица Гостивар, возилото било сопрено, а сторителот бил приведен. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 20.07.2022 во Охрид, во близина спортски центар, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Б.К.(34) од Скопје, затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и други предмети. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

Денеска (21.07.2022) во периодот од 07.00 до 12.00 часот Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола за санкционирање на возила кои непрописно престигнуваат на територијата на Република Северна Македонија, при што санкционирани се 145 возачи. Од нив, по 44 на територијата на СВР Охрид, 24 на територија на СВР Битола, 21 на територијата на СВР Велес...

 

На 21.07.2022 околу 02.45 часот во СВР Велес било пријавено дека на автопатот А1, во правец Градско-Велес, патничко возило „рено“, со српски национални ознаки, управувано од Г.Ј.(41) од Република Србија, излетало од коловозот. Во несреќата, од здобиените повреди починала сопатничката С.П.(36) од Србија, а Г.Ј и малолетен сопатник се здобиле со телесни повреди констатирани во Општата болница Велес. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес.

 

ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против В.Д.(31) од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 07.11.2021 на ул.„Индустриска“ во Кавадарци, при обид да биде легитимиран од полициски службеници, пријавениот се дал во бегство, при што фрлил пакување со кокаин, кој бил пронајден и одземен. Исто така, во текот на денот, бил извршен претрес во неговиот дом и бил пронајден кокаин.

 

На 20/21.07.2022 во периодот од 19.30 до 01.30 часот на подрачјето на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово беше спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. Притоа, биле констатирани 17 прекршоци, од кои 7 во населено место и 10 пречекорувања надвор од населено место. На возачите им се изготвени соодветни платни налози, додека најбрзите ќе се соочат и со заштитна мерка забрана за управување во рок од 3 до 12 месеци.

 

На 20.07.2022 во 08.15 часот во СВР Куманово било пријавено дека на регионалниот пат Куманово-Крива Паланка се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „пежо“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од В.М.(66) од Куманово и мотоцикл „бмв“, со скопски регистарски ознаки, управуван од Д.К.(30) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, а со телесни повреди се здобил возачот В.М., констатирани во Општата болница во Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.Б.(68) од с.Групчин, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“ и против Л.Р.(36) од с.Грчец, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 26.04.2022 на ул.„Благоја Тоска“ во Тетово, првопријавениот се однесувал агресивно кон полициски службеник и вработени во ЈП Градски паркинг, додека второпријавениот се обидел со метален предмет да го удри полицискиот службеник.

 

На 20.07.2022 во 16.43 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„8 Септември“, по претходно недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија помеѓу Д.М.(50) од Скопје, кој управувал патничко возило „мерцедес“ и Е.Н.(19) од Скопје, кој управувал мотоцикл „пиаџо“, а сопатник бил С.Р.(28) од Скопје, и двете со скопски регистарски ознаки. Притоа, според пријавеното, Е.Н. со остар предмет му се заканувал на Д.М., а потоа со возилото удрил во мотоциклот, при што со телесни повреди се здобил С.Р., констатирани во Градската општа болница „8 Септември“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против Д.А.(35) од с.Гиновци, општина Ранковце, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 16.06.2022 во семејната куќа во с.Гиновци, пријавената со умисла предизвикала пожар и го довела во опасност животот на членовите на семејството.

 

На 20.07.2022 во 21.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека во објектот за наплата на ЈП Градски паркинг, во кругот на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ едно лице со закана кон вработениот одзело пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 20.07.2022 во 11.50 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, З.С.(58) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот брат Љ.С.(67), кој имал здравствени проблеми. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.