Извадок на дел од дневни настани 15.07.2022

 На 15.07.2022 околу 01.00 часот на улица „Душко Поповиќ“ во Гостивар, полициски службеници на СВР Tетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 28-годишниот гостиварец Г.Д. затоа што кај него било пронајдено ќесе со марихуана. Тој бил задржан во Полициската станица Гостивар за расчистување и документирање на случајот, по што ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

На 14.07.2022 во Куманово, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција од Куманово го лишиле од слобода А.С.(24) од Куманово. Тој се сомничи дека на подрачјето на Куманово извршил четири тешки кражби, од кои две извршени во цркви, една во угостителски објект и една на приватен имот. По целосно документирање на случаите против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 14.07.2022 во 23.15 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода М.С.(26) од Скопје затоа тоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 14.07.2022, полициски службеници од Полициската станица Гевгелија извршиле службен разговор со В.К. од Гевгелија и В.Х. од Струмица затоа што во 15.10 часот на место викано „Топлик“ - атар на Гевгелија, изведувајќи работи со алат-шлајферица, предизвикале пожар кој зафатил необработена нива обрасната со трева и дел од пчеларник. По интервенција на Територијалната противпожарна единица Гевгелија пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. За настанот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Во текот на изминатата вечер (14.07.2022) во периодот од 21.00 до 24.00 часот Министерството за внатрешни работи со посебно опремен радар за снимање во ноќни услови, спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 133 возачи. Од нив, 12 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. При тоа 76 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 57 надвор од населено место.

На 14.07.2022 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 31 прекршоци, од кои 29 во населено место и 2 надвор од населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 17 други видови на прекршоци, од кои 2 за нерегистрирано возило, 6 за управување возило без возачка дозвола, 3 за некористење сигурносен појас, 4 за некористење заштитна кацига и 2 за непрописно паркирање.

На 14.07.2022 на територијата на СВР Битола, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, санкционирани биле 43 возачи, од кои 25 санкции изречени во населено мести и 18 санкции надвор од населено место.

На 14.07.2022 во периодот од 21.00 до 24.00 часот, полициски службеници на СВР Тетово спровеле засилена акциска контрола за брзина со која се движат возилата на тетовско-гостиварското подрачје. Во контролата, реализирана со таканаречен „ноќен радар“, биле откриени и санкционирани 25 пречекорувања на максимално дозволената брзина надвор од населено место (ТЕ-18 и ГВ-7), од кои 1(ТЕ) за повеќе од 70 километри на час. Санкционирани биле, исто така, и 6 (ТЕ) пречекорувања на пропишаната брзина во населено место, како и 7(ГВ) други видови сообраќајни прекршоци.

На 14.07.2022 во периодот од 21.00 до 24.00 часот на подрачје на Секторот за внатрешни работи Струмица била спроведена контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. Притоа, биле констатирани 25 прекршувања на брзината, кои биле соодветно санкционирани.

На 14.07.2022 во 17.00 часот во СВР Тетово било пријавено дека на локалниот пат во с.Слатино, тетовско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл без регистарски таблици, управуван од Л.Ш.(19) од с.Теарце, тетовско и трактор со приколка без регистарски таблици, управуван од А.С.(60) од с.Слатино, тетовско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Клиничкиот центар во Тетово, по што бил пренесен во Комлексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје каде починал. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Тетово.

На 15.07.2022 во 00.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Јане Сандански“, Т.Д.(23) од Скопје, превезувајќи се како сопатник на мотоцикл „јамаха“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Ф.Р.(24) од Скопје, паднала од мотоциклот. Во несреќата, таа се здобила со тешки телесни повреди констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 14.07.2022 во 16.40 часот во СВР Охрид било пријавено дека кај место викано „Блато“ во Струга се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „мерцедес“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Б.А.(26) од с.Радолишта, струшко и патничко моторно возило „бмв“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Е.Л.(33) од с.Калишта, струшко. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи, а со телесни повреди се здобил сопатникот од возилото „бмв“ М.Х.(28) од с.Радолишта, констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Струга.

На 14.07.2022 во 12.00 часот во Полициската станица Делчево било пријавено дека на магистралниот пат Делчево-Македонска Каменица се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно моторно возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Г.С.(47) од Скопје и патничко моторно возило „сеат“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Т.М.(46) од с.Тркање, кочанско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Т.М., а со телесни повреди се здобил Г.С. констатирани во Итната медицинска помош во Делчево и Клиничка болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Делчево.

На 14.07.2022 во 23.50 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Д.С.(39) од Скопје пријавил дека на ул.„Лука Геров“ неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 14.07.2022 во СВР Битола, М.М.(31) од Битола пријавила дека на ул.„Караорман“ во Битола била касната од куче скитник.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против 58-годишна жена од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Таа, во својство на судски извршител, на 09/10.04.2022 во дневен весник објавила лични податоци на машко лице од Кичево без негова согласност. Објавата се однесувала за предмет кој немал извршен наслов, со што, спротивно на условите утврдени со закон, му нанела штета, му го нарушила личниот авторитет и приватност.

На 14.07.2022 во 10.00 часот на ул.„Прилепска“ во Кичево, полициски службеници од Полициската станица Кичево го лишиле од слобода Б.Б.(20) од Битола. Тој се сомничи дека околу 02.30 часот со метален предмет ја нападнал И.И.(68) од Кичево. Според пријавеното, И.И. го забележала Б.Б. како претура во метален шкаф пред влезната врата од нејзиниот дом, кој потоа ја нападнал со метален предмет, по што одзел велосипед и побегнал. И.И. била пренесена во Медицински центар Кичево за укажување лекарска помош, а по преземени мерки Б.Б. бил пронајден и лишен од слобода и од него биле одземени предмети кои потекнуваат од кривичното дело. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 14.07.2022 во 21.00 часот, А.Г.(52) од Гостивар во СВР Тетово пријавил дека 34-годишниот В.Б. од тетовско Боговиње, работејќи на објект во изградба во Гостивар, паднал од скала и се здобил со повреди, по што бил пренесен во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“ за укажување на лекарска помош. Увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар.

На 14.07.2022 во 07.55 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Блаже Биринчето“ во Скопје била пронајдена почината М.М.(28) од Скопје, која боледувала од хронична болест. Смрт без видливи траги на насилство констатирал лекар од Итна медицинска помош, а по наредба на Јавен обвинител телото било дадено на обдукција.

СВР Штип поднесе кривична пријава против О.О.(35) од Скопје и Н.Д.(32) од село Црешево, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”. На 23.05.2021 во Казнено-поправната установа Затвор Штип, при претрес во просторијата каде што пријавените издржувале казна затвор, бил пронајден и одземен хероин.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Д.Н.(27) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, На 12.05.2021 во Штип, полициски службеници извршиле преглед на лице и возило, управувано од пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и амфетамин.

ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против И.Б.(21) од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 02.03.2022 и на 04.03.2022 на подрачје на Кавадарци и Неготино, пријавениот неовластено употребил платежна картичка на лице од Кавадарци и во повеќе наврати подигнал парични средства во износ од 16.500 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против Л.Р.(39), Р.Р.(66) и правно лице, сите од село Трсино, виничко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 10.01.2022, второпријавениот без соодветна документација вршел јавен превоз со патничко возило, сопственост на првопријавениот, кој е и управител на пријавеното правно лице.

На 15.07.2022 во 00.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Гази Баба, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу В.С.(42) и А.Б.(21), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 14.07.2022 во 22.10 часот во СВР Скопје, И.С.(44) од Скопје пријавил дека во соба во неговиот дом пронашол зрно од залутан куршум, а на ѕидот имало оштетување. Полициски службеници излегле на местото на настанот и зрното било подигнато за понатамошна постапка. Се работи на расчистување на случајот.

На 14.07.2022 во 16.30 часот во СВР Скопје, А.Н.(34) од Штип со живеалиште во Скопје, пријавил дека на 13.07.2022 околу 21.30 часот на подрачјето на Аеродром, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од едно лице. Се работи на расчистување на случајот. На 14.07.2022 во 14.00 часот во СВР Скопје, Б.П.(39) од Скопје пријавила дека на 12.07.2022 околу 20.30 часот на подрачјето на Карпош нејзиниот син бил физички нападнат од четири лица. Се работи на расчистување на случајот.

На 14.07.2022 во 14.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на место викано „Врапче“, кај стариот пат за с.Батинци, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу М.Е.(33), од една страна, и Н.С.(44) и С.С.(18) од друга страна, сите од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 14.07.2022 во 22.50 часот во СВР Велес, Б.Т.К.(45) пријавила дека на ул.„Благој Ѓорев“ нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.