Извадок на дел дневните настани 27.05.2022

На 26.05.2022 околу 13.10 часот во тетовско Желино, полициски службеници на СВР Тетово, со судска наредба, го привеле 25-годишниот А.А. од тетовско Ларце за издржување на затворска казна. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

На 26.05.2022 во 23.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Д.Ш. (40) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 26.05.2022 околу 21.35 часот во близина на клучката за тетовско Камењане, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 27-годишниот Н.М. од тетовски Пирок. При негов и преглед на возилото „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, во кое се превезувал како совозач, а кое го управувал И.А.(26) од истото село, му била пронајдена марихуана. Н.М. бил задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок по член 215 од Кривичниот законик.

На 26.05.2022, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Ѓ.З.(31) од Битола затоа што кај него била пронајдена марихуана и агресивно се однесувал кон полициски службеници кои вршеле службени дејствија. Исто така, тој бил баран поради бегство од ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар. Ѓ.З. ќе биде спроведен во установата и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 26.05.2022 во 11.20 часот на Граничен премин „Табановце“, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Б.С.(37) од с.Чифлик, скопско, затоа што при проверка било констатирано дека е евидентиран во службена евиденција во „Стоп листа“ по барање на Секторот за меѓународна полициска соработка за издржување казна затвор. Лицето било предадено во СВР Куманово за понатамошна постапка.

На 26.05.2022 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 13 прекршоци, од кои 6 надвор од населено место и 7 во населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 43 други видови на прекршоци, од кои 17 за управување возило без возачка дозвола, 1 за технички неисправно возило, 2 за нерегистрирано возило, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 6 за недавање првенство на минување на пешаци, 3 за некористење сигурносен појас, 1 за користење мобилен телефон и 5 за непрописно паркирање.

Во текот на изминатата недела СВР Куманово продолжи со акциски контроли во областа на сообраќајот. На подрачјето на Куманово изречени се вкупно 128 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 65 санкции, 30 санкции за возачи кои управуваат возила под дејство на алкохол, 12 за управување возило без возачка дозвола, 4 за нерегистрирано возило и 17 за возачи кои не ги пропуштаат пешаците на пешачки премин.

На 26.05.2022 околу 21.35 часот во ОВР Струга било пријавено дека на регионален пат во с.Враништа, струшко, патничко моторно возило „фолксваген пасат“ со струшки регистарски ознаки, управувано од А.Р.(18) од Струга, удрило во Н.П.(54) од Струга. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот и бил пренесен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, каде што подоцна починал. Увид на местото извршила екипа на ОВР Струга.

Министерството за внатрешни работи вчера (26.05.2022) во периодот од 10.00 до 14.00 часот на територијата на Република Северна Македонија спроведе засилена акциска контрола за санкционирање на возачите кои не ги пропуштаат пешаците на пешачки премин, односно не ги почитуваат обврските како возачи. При контролата санкционирани се 78 возачи, од кои 31 на територија на СВР Тетово, 10 на територија на СВР Велес...

На 26.05.2022 во 13.28 часот во СВР Тетово било пријавено дека на улица „168“ во с.Мала Речица, тетовско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „ауди а3“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Х.К.(61) од с.Мала Речица и електричен тротинет управуван од Ш.Б.(73) од с.Мала Речица. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Ш.Б., констатирани во Клиничка болница Тетово. Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово.

На 26.05.2022 во 18.50 часот во СВР Тетово било пријавено дека на регионален пат Тетово – с.Пирок, патничко моторно возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од И.А. (49) од с.Жеровјане, тетовско, излетало надвор од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Клиничка болница Тетово. Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово.

На 26.05.2022 околу 20.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на регионален пат Скопје – Тетово се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.П.(44) од с.Ласкарци, скопско и патничко моторно возило „сузуки свифт“ со косовски национални ознаки, управувано од М.З.(37) од с.Ласкарци. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил М.П., констатирани во Градска општа болница „Св.Наум Охридски“ - Скопје, како и сопатничка во патничкото моторно возило „сузики свифт“, С.М. (31) од Швајцарија, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Со телесни повреди во несреќата се здобиле возачот на возилото „сузуки свифт“ и сопатничката Л.Ш.П. (29) од Швајцарија, констатирани во Градска општа болница „Св.Наум Охридски“ - Скопје. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

На 26.05.2022 во 12.00 часот во Полициската станица Петровец, Т.Д.(70) од Скопје пријавил дека во с.Катланово бил каснат од куче скитник.

На 26.05.2022 околу 18.30 часот во Полициската станица Чаир, М.Н.(42) од Скопје пријавила дека на улица „Призренска“ нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник.

На 26.05.2022 во 09.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.К.А. (28) од Скопје и велосипед „каприоло“, управуван од В.М. (64) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил В.М., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

На 26.05.2022 околу 08.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од булевар „Крушевска Република“ со булевар „Кочо Рацин“, товарно моторно возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.Е.(55) од Скопје, удрило во Е.М.(34) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Е.М., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против И.И.(44) од с.Манастирско Доленци, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. Во текот на февруари 2022 година во Кичево, И.И. неовластено дошол до платежна картичка и пин на лице од Кичево и од банкомат во неколку наврати извршил трансакции и се стекнал со противправна имотна корист од околу 126.000 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против А.С.(63) од с.Поповјани, кичевско и против правно лице од Струга поради постоење основи на сомнение за сторенo кривично дело „бесправно градење“. Во текот на 2022 година во атарот с.Мислешево, пријавениот, како сопственик на фирмата и инвеститор, започнал со изградба на објект спротивно на основниот проект и одобрението за градење.

Денеска (27.05.2022) во 11.00 часот часот во с.Студеничани, скопско, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода Н.Д.(49) од Скопје. Тој бил баран по централна потерница од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од три години за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде спроведено во казнено-поправна установа за издржување на казната.

На 27.05.2022 околу 03.00 часот во СВР Велес, малолетник од с.Ореше, општина Чашка, пријавил дека пред угостителски објект бил физички нападнат со тврд предмет од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.05.2022 во 16.50 часот во ОВР Радовиш, К.Т.(19) од с.Подареш, радовишко, пријавила дека на улица „Илија Алексов“ била физички нападната од Ф.Ј. од с.Подареш. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.05.2022 во 14.30 часот во СВР Велес, Б.С.(40) од с.Бузалково, велешко, пријавил дека пред основно училиште во селото неговиот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.06.2022 во 22.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во куќа на улица „Нобелова“, сопственост на Б.Ј., при што била опожарена кровната конструкција и две соби. Екипа на противпожарна бригада Скопје целосно го изгаснала пожарот, а повредени лица нема. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

На 26.05.2022 во 22.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека во oбложувалница на ул.„Разловечко востание“ едно лице со закана кон вработениот одзело пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.Љ.(42) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 20.02.2021 во Тетово, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин и раствор од метадон.

СВР Велес поднесе кривична пријава против Г.Ш.(43) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 22.12.2021, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле амфетамин.

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против М.Д.(67) од с.Селокуќи, дебарско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Пријавениот, во текот на 2021 година на место викано „Бадеми“, на парцела на брегот на Дебарското езеро, без одобрение за градење, изградил објект од втора категорија од тврд материјал, при што се стекнал со противправна имотна корист.

На 26.05.2022 околу 21.45 часот на бул.„Македонско косовска бригада“ во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Чаир ги лишиле од слобода Х.А.(23) од с.Патишка река, скопско и А.С.(23) од Скопје. Тие се сомничат дека физички го нападнале Б.З.(35) од Скопје и со употреба на сила го внеле во возило „мерцедес“, по што му упатувале закани, поради наводен долг. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Т.С.(54) од с.Брвеница, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. На 19.04.2022 на регионален пат с. Брвеница - Тетово, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „форд галакси“, управувано од Т.С., при што констатирале дека врши јавен превоз на патници без да поседува лиценца.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.П.(32) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без лиценца“. На 20.05.2022 на крстосница меѓу бул.„Туристичка“ со ул.„Дејан Војвода“, пријавениот бил затекнат како врши превоз на патници со возило „форд галакси“, сопственост на неговиот татко А.П., без да поседува соодветна лиценца за вршење јавен превоз.

СВР Велес поднесе кривична пријава против Е.М.(26) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. На 06.04.2022, полициски службеници извршиле контрола и не го пронашле пријавениот во домот и покрај тоа што имал решение за изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Денеска (27.05.2022) во 12.00 часот на ул.„Анастас Митрев" во Скопје, полициски службеници од тим потраги од Одделението за криминалистички работи Центар и Бит Пазар го лишиле од слобода Н.В.од Скопје. Тој бил баран по централна потерница од Основен кривичен суд Скопје за издржување затворска казна. Лицето ќе биде спроведено во казнено-поправна установа за издржување на казната.