Извадок на дел од дневни настани 24.05.2022

Во текот на вчерашниот ден (23.05.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 160 возачи. Од нив 10 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 65 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 95 надвор од населено место.

На 23.05.2022 во 21.00 часот во Полициска станица Кисела Вода В.Б.(53) од Скопје пријавила дека на ул. Првомајска била касната од куче скитник.

На 23.05.2022 во 16.40 часот во Полициска станица Карпош И.К.(25) од Скопје пријавила дека на бул.Метрополит Теодосиј Гологанов била касната од куче скитник.

На 23.05.2022 во 22.50 часот на подрачје на Карпош од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје е лишен од слобода Б.А.(35) од Скопје затоа што кај него била пронајдена прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 23.05.2022 во 15.00 часот во Куманово од полициски службеници од Одделение за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Куманово се лишени од слобода М.А.(42) и Д.Ц.(38), двајцата од Куманово, кои биле во патничко моторно возило “рено”, управувано од М.А., затоа што во возилото и кај Д.Ц. пронајден е хероин. Лицата се задржани во СВР Куманово и известен е јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против Д.С.(38) од Скопје и против правно лице од Скопје поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад" по член 230 од Кривичниот законик. На 14.02.2022, полициски службеници од Единица за економски и компјутерски криминал и инспектори од Државен пазарен инспекторат извршиле контрола и утврдиле дека првопријавениот, сопственик и управител на правното лице, во име на правното лице, во нерегистриран склад за откуп и продажба на секундарни суровини на ул.„Ѓорѓи Капчев“ неовластено тргувал со отпад без да поседува дозвола за управување со отпад издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање.

На 23.05.2022 во 10,30 часот во Неготино на ул.„Маршал Тито“ патничко моторно возило „мерцедес“ со неготински регистарски ознаки, управувано од М.М. (50) од Неготино, удрило во В.Т.(79) од Неготино. Со тешки телесни повреди се здобила В.Т., која била пренесена во Клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“-Скопје за укажување на лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициска станица Неготино.

На 23.05.2022 во 14,00 часот во Скопје на подрачје на Бит Пазар од полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје во соработка со Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје е лишен од слобода К.Л.(25) од Франција, затоа што кај него била пронајдена марихуана. За настанот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 23.05.2022 во 08,00 часот на бул. Јане Сандански во Скопје пред спортска обложувалница пријавено е дека се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед „кивеј“ со скопски регистарски ознаки, управуван од А.Д.(21) од Скопје, и товарно моторно возило „фиат добло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.М.(42) од Скопје. А.Д. бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ каде му се констатирани тешки телесни повреди, а на сопатничката од товарното моторно возило А.Т.(22) од Скопје и се констатирани повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

На 24.05.2022 во 00,10 часот на подрачје на Гази Баба од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје се лишени од слобода Б.Р.(22) и Ф.Б.(19) двајцата од Скопје, затоа што кај нив е пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 23.05.2022 во 13.40 часот на магистрален пат А3 Охрид-Ресен пријавено е дека се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „цитроен“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од М.Е.(58) од с.Грнчари, ресенско во кое сопатничка била С.Е.(53) од с.Грнчари, ресенско, патничко моторно возило „голф“ со струшки регистарски ознаки, управувано од А.И.(40) од с.Мислодежда, струшко и патничко моторно возило „ауди“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Д.Г.(58) од Битола. Сопатничката од првото возило С.Е. и возачот на третото возило Д.Г. се пренесени во Специјална болница „Св. Еразмо- Охрид“ каде им се констатирани повреди, а кај возачот на првото возило М.Е. во Општа болница Охрид се констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Охрид .

На 23.05.2022 во 16.40 часот пријавено е дека на магистрален пат А-4 Струмица-Ново Село во с.Дабиле се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „опел вектра“ со струмички регистарски ознаки, управувано од К.Г.(47) од с.Дрвош, струмичко, и товарно моторно возило „пежо боксер“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Т.М.(51), во кое сопатници биле Б.М.(44) и малолетник, сите од с.Дабиле, струмичко. Во незгодата со повреди се здобил возачот Т.М. и малолетникот, а со тешки телесни повреди се здобила сопатничката Б.М. кои им биле констатирани во Медицински центар Струмица. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Струмица.

 На 23.05.2022 во 21.25 часот во Тетово од полициски службеници од Полициска станица Тетово е лишена од слобода М.И.(29) од с.Вруток, гостиварско затоа што кај неа била пронајдена прашкаста материја и предмети со остатоци од прашкаста материја . По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 24.05.2022 во 01.10 часот во Тетово од полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Тетово на локалниот пат Тетово-с.Саракино во близина на угостителски објект лишени од слобода се Д.О.(41), Ш.Б.(57) и Б.Е.(51) сите од тетовско затоа што во нивна близина била пронајдена прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 24.05.2022 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за општ и насилен криминал и СВР Велес, по претходно издадена судска наредба од Основен суд Велес, извршиле претрес на дом и други простории кај Ѓ.П. (52) во с. Ораше, велешко. При претресот, во дворот од куќата биле пронајдени пиштол „застава“ и околу 130 куршуми, по што Ѓ.П. е приведен во ПС Велес, а по документирање на случајот до ОЈО Велес ќе биде поднесена кривична пријава за кривичните дела „недозволено поседување оружје и распрскувачки материјали“ по чл. 396 и „тешка кражба“ по член 236 од КЗ.

На 24.05.2022 година во периодот од 00.20 до 07.00 часот во координирана акција на полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при ОГРМ, БЈБ во соработка со Државниот инспекторат за земјоделие и концесионерот на езерото во водите на Преспанското езеро се пронајдени 22 рибарски мрежи во вкупна должина од околу 1100 метри, со околу 100 кг улов. Мрежите и уловот се подигнати и предадени на Државниот инспекторат за земјоделие за понатамошна постапка.

На 23.05.2022 е пријавено дека околу 19.45 часот полициски службеник од ЕВР Чаир во близина на ресторан на ул. „М.К. бригада“ во Скопје запрел возило „митцубиши“ кое имало вклучено т.н. флешери. Возачот почнал агресивно да се однесува, а за кратко време на местото на настанот пристигнал и М.Љ. со уште неколку лица, при што физички го нападнал полицискиот службеник. На местото на настанот пристигнале и други полициски службеници, кои биле нападнати од групата. М.Љ. испукал од пиштол во воздух, но бил совладан од полициските службеници и пиштолот му бил одземен, а од пукањето нема повредени лица. Потоа дошле и други лица, меѓу кои и полициски службеници, по што М.Љ. се дал во бегство. За М.Љ. бил распишан централен распис, но тој во текот на денешниот ден сам се пријавил во полициска станица. Известен е јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, обезбеден е пиштолот и видео снимки од настанот и се преземаат мерки за расчистување на настанот, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 24.05.2022 во 05.10 часот на подрачје на Гази Баба од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје е приведен К.Ѓ.(23) од Скопје затоа што кај него била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 23.05.2022 во 15,18 часот во СВР Скопје било пријавено дека на потегот помеѓу МРТ и Железничкиот мост од водите на реката Вардар во Скопје бил изваден К.В. (55) од Скопје кој бил во контактибилна состојба и истиот е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Се работи на расчистување на случајот.

На 23.05.2022 во 03.00 часот во Полициска станица Гази Баба е пријавено дека од СОС Детско село во Скопје се оддалечил нивниот штитеник М.О.(17) кој и претходно се оддалечувал од установата и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Д.И.(55) од кичевското село Мидинци. Тој, на 19.11.2021 година, на повеќе објави на социјалната мрежа Фејсбук, постирал коментари со содржинасо која  повикувал на омраза и насилство спрема одредена група граѓани.

ОВР Дебар, поднесе кривична пријава против Б.И.(52) од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,узурпација на недвижности” и „бесправно градење“. Тој, со цел изведување градба на катастарска парцела во месноста ,,Манастирец”, лоцирана во атарот на општината Центар Жупа,  узурпирал земјиште во државна сопственост со вкупна површина од 71 ,41 метри квадратни. Притоа, се стекнал со противправна имотна корист.

На 23.04.2022 во 22.30 часот во Полициска станица Бит Пазар М.Б.(35) од Скопје пријавил дека во 22.00 часот во близина на маркет на подрачје на Бит Пазар по претходно недоразбирање бил физички нападнат од Б.Д. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 23.05.2022 во 15.25 часот во Полициска станица Аеродром Љ.Б.(43) од Скопје пријавил дека на 08.04.2022 околу 19.30 часот пред трговски центар на подрачје на Аеродром неговиот малолетен син бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 23.05.2022 во 21,15 часот во Полициска станица Гази Баба Т.Р.(59) од Скопје пријавил дека на ул. Ташко Караџа во Скопје бил каснат од куче скитник

На 23.05.2022 околу 11.00 часот во Полициска станица Ѓорче Петров е пријавено дека во фирма на подрачје на Ѓорче Петров вработената П.Г.В.(50) од Кавадарци по претходно недоразбирање била физички нападната од Ф.Х., кој бил директор на фирмата. Се работи на расчистување а случајот.

На 23.05.2022 во 14.25 часот во Полициска станица Ресен е пријавено дека во с.Грнчари настанал пожар при обид за стартување на возило „фиат пунто“ со ресенски регистарски ознаки, сопственост на Н.Г., при што бил опожарен моторот и ветробранско стакло. Пожарот е изгаснат од противпожарната единица Ресен. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициска станица Ресен.

На 23.05.2022 во 19.30 часот на подрачје на Бит Пазар од полициски службеници од Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар е лишен од слобода малолетник од Скопје, кој извршил кривично дело „разбојништво“ казниво по чл. 237 од Кривичниот законик, кога во аптека во Скопје со закана со остар предмет ја нападнал вработената и одзел пари. Разбојникот е приведен и поднесена е кривична пријава и од страна на судија му е изречена мерка притвор, по што е спроведен во Казнено поправна установа Затвор Скопје. Парите се вратени на оштетената.

На 23.05.2022 во 12.20 часот во Полициска станица Велес В.Ќ.(62) од Велес пријавила дека околу 12.00 часот во градскиот парк во Велес била физички нападната од едно женско лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 23.05.2022 во 17,10 часот во Полициска станица Кочани, С.К. (36) од Скопје пријавил дека Р.А.(27) од Кавадарци, кој извршувал работни задачи на објект во с.Тркање, најверојатно паднал во канал за наводнување, кој се наоѓал во близина. Полициски службеници излегле на местото на настанот и во координација со ТППЕ на Кочани преземаат мерки за пронаоѓање на лицето. За настанот е запознат јавен обвинител.

На 24.05.2022 во 00.20 часот во Полициска станица Велес Б.Р.(38) од Велес пријавил дека на 23.05.2022 околу 23.00 часот пред казино во Велес бил физички нападнат од Ф.О. и М.О. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 23.05.2022 во 12,10 часот во СВР Штип 62 годишна жена од Кочани пријавила дека во куќа во Кочани каде престојувала едно лице насилно влегло и ја допирало по телото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 23.05.2022 во 15.00 часот во СВР Тетово Љ.Б.(61) од Тетово пријавил дека на 16.05.2022 околу 12.10 часот во угостителски објект во Тетово по претходно недоразбирање бил физички нападнат од Р.М. од с. М.Речица и Б.С.(женско лице) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 23.05.2022 во 21,20 часот во Полициска станица Гостивар М.И.(40) од село Врапчиште,гостиварско пријавил дека околу 18.30 часот пред угостителски објект во Гостивар неговиот син бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 24.05.2022 во 04,00 часот во Гостивар од полициски службеници од Полициска станица Гостивар е лишен од слобода Ф.С. од село Беловиште, гостиварско затоа што околу 03,50 часот пред казино во Гостивар физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 23.05.2022 во 16,20 часот во СВР Скопје е пријавено дека во спортска обложувалница на ул. “Коста Новаковиќ“ во Скопје едно лице со закана врз вработената одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 23.05.2022 во 22,50 часот во Охрид на ул.„7-ми Ноември“, во близина на бензинска пумпа патничко моторно возило “шкода“ сопственост на МВР удрило во малолетен велосипедист од Охрид. По незгодата, велосипедистот бил пренесен во Општата болница Охрид. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Охрид и известен е Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди.

На 23.05.2022 во 02.10 часот во Полициска станица Гази Баба е пријавено дека од СОС Детско село во Скопје се оддалечила нивната штитеничка Р.Г. која и претходно се оддалечувала од установата и била враќана. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.