Извадок на дел од дневни настани 11.05.2022


На 10.05.2022 во 16.50 часот, полициски службеници од Полициското одделение Камењане, врз основа на судска наредба, го привеле Н.С.(52) од тетовско Камењане за издржување затворска казна. Тој бил предаден во Казнено-поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

На 10.05.2022 во 17.30 и во 18.00 часот, полициски службеници од Полициското одделение Петровец ги лишиле од слобода М.М.(24) од с.Идризово, скопско и Ф.С.(22) од Скопје. Тие се сомничат дека ноќта помеѓу 28 и 29.04.2022 одзеле повеќе предмети од фирма во населба Илинден. Тие биле задржани во полициска станица и во службен разговор го признале делото. Дел од предметите биле пронајдени и вратени на сопственикот. По целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 10.05.2022 во 08.20 часот во тетовско Шемшово, полициски службеници од Полициското одделение Јегуновце, врз основа на судска наредба, го привеле И.Е.(67) од Шемшово за издржување на затворска казна. Тој бил предаден во Казнено-поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

Денеска (11.05.2022) во 00.15 часот на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Б.Л.(23) од Скопје, затоа што кај него бил пронајден и одземен кокаин. По целосно комплетирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 10.05.2022 во 23.00 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода К.С.(32) од Скопје, затоа што кај него бил пронајден и одземен кокаин. По целосно комплетирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 11.05.2022 во 01.10 часот на ул.107 во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово лишиле од слобода двајца малолетници од Тетово и еден од тетовско Ѓермо, затоа што кај нив била пронајдена марихуана. Со нив, во присуство на нивните родители, во Полициска станица во Тетово бил извршен разговор, а по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против З.А.(31) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ по член 378 став 1 и 3 од Кривичниот законик. Во текот на 2021 година, пријавениот со фалсификувана сообраќајна дозвола за патничко возило „фолксваген пасат“, кое го земал на користење од негов пријател, а кој пак, го имал закупено возилото од рентакар агенција, го заложил како гаранција во финансиско друштво за одобрување парична позајмица во износ од 360.000 денари.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Д.Г.(37) од Струмица, поради постоење основи на сомнение дека сторил повеќе кривични дела „тешка кражба“ по член 236 и кривични дела „предизвикување на општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Пријавениот Д.Г., кривичните дела ги извршил во периодот од 21.02.2022 до 30.03.2022 на тој начин што во повеќе наврати со употреба на сила и алат пресекол и украл делови од надворешните единици на фрижидерите во неколку маркети во Струмица, како и делови од гасоводната инсталација на два објекта во Струмица.

На 10.05.20222 во 12.05 часот на улица „Видое Смилевски Бато“, полициски службеници од СВР Тетово привеле двајца малолетници од Тетово и еден од тетовско Озормиште, затоа што кај нив биле пронајдени два ножа и метален предмет. Со нив, во присуство на нивните родители, во Полициска станица во Тетово бил извршен разговор, а по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок по член 80 од Законот за оружје.

На 10.05.2022 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 15 прекршоци, од кои 10 надвор од населено место и 5 во населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Истиот ден, во периодот од 09.00 до 14.00 часот, на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола за прекршоците што ги прават пешаците во сообраќајот. Од извршената контрола биле констатирани 43 прекршоци, од кои 40 за преминување на улиците надвор од обележан пешачки премин, 2 за движење на коловоз и 1 за непочитување на светлосни сообраќајни знаци. На сите им биле изготвени соодветни поднесоци. Санкционирани биле и 20 други видови на прекршоци, од кои 6 за управување возило без возачка дозвола, 4 за нерегистрирано возило, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 1 за некористење сигурносен појас, 1 за некористење заштитна кацига и 7 за непрописно паркирање.

На 10.05.2022 во периодот од 09.00 до 14.00 часот на подрачјето на СВР Велес била спроведена акциска контрола за санкционирање на прекршоци кои ги прават пешаците во сообраќајот. Притоа, биле откриени и санкционирани 18 прекршоци (Велес 7, Кавадарци 8 и Неготино 3).

На 10.05.2022 во 18.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Караорман“ со тешки телесни повреди се здобил М.Н.(43) од с.Кучевиште, општина Чучер Сандево, додека извршувал работни задачи во јавно градско претпријатие. Тој бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје за укажување лекарска помош. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје и се работи на расчистување на случајот.

На 10.05.2022 околу 11.00 часот во СВР Тетово било пријавено дека при чистење на подрумска просторија на основно училиште во с.Јегуновце, тетовско, биле пронајдени три школски противпешадиски распрскувачки мини, една школска противтенковска мина, две школски рачни бомби, 12 парчиња школски електрични детонаторски каписли и две школски мини ПМА 1А, кои потекнувале од периодот на поранешна СФР Југославија. Увид бил извршен, а од стручно лице од Дирекцијата за заштита и спасување пронајдените предмети биле подигнати за понатамошна постапка.

На 10.05.2022 во 09.30 часот во Полициската станица Гази Баба, Г.Г.(54) од Скопје пријавил дека на ул.„516“ бил каснат од куче скитник.

На 10.05.2022 околу 15.30 часот во Полициската станица Арачиново, Ф.Б.(55) од с.Орланци, општина Арачиново, пријавил дека во селото неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 10.05.2022 во 23.50 часот во Полициската станица Аеродром, Т.И.(41) од Скопје пријавил дека на бул.„АСНОМ“ бил каснат од куче скитник.
 
Одделението за внатрешни работи Кочани, до Основно јавно обвинителство Кочани, поднесе кривична пријава против правно лице – угостителски објект од Кочани, Б.Д.(49) од Кочани - одговорно лице во правното лице и А.М.(24) од Кочани - вработен во правното лице поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „точење алкохолни пијалaци на малолетници“ по член 204 став 1 и 4 од Кривичниот законик. На 13.02.2022 во 00.00 часот, при контрола во угостителскиот објект, биле затекнати пет малолетници кои биле послужени со алкохолен пијалaк од третопријавениот А.М..

На 10.05.2022 во 17.20 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода И.В.(40) од Куманово, затоа што кај него била пронајдена прашкаста материја. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 10.05.2022 во 23.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода М.Т.(28), затоа што кај него била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 10.05.2022, полициски службеници од Полициската станица Кочани ги лишиле од слобода Љ.Л.(38), С.С.(20) и С.Т.(22), тројцата од с.Зрновци, бидејќи околу 18.00 часот во патничко возило во близина на с.Видовиште, општина Зрновци ѝ овозможиле употреба на марихуана на 17-годишнo женско лице. Марихуаната била пронајдена и одземена, а по комплетирање на случајот против лицата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

На 10.05.2022 во периодот од 09.00 до 14.00 часот во подрачјето на СВР Тетово била спроведена акциска контрола за санкционирање на прекршоците што ги прават пешаците во сообраќајот. Притоа, биле констатирани и санкционирани 19 прекршоци (ТЕ-17 и ГВ-2), од кои поголемиот дел за преминување на коловозот надвор од обележаните пешачки премини, и непочитување на светлосните сообраќајни знаци. На прекршителите им се изготвени соодветни платни налози. За време на контролата биле констатирани и 11 (ТЕ-5 и ГВ-6) други прекршоци, кои биле соодветно санкционирани согласно законот.

Денеска (11.05.2022) во 01.40 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода В.А.(28) од с.Ваксинце, општина Липково, затоа што на 10.05.2022 околу 23.45 часот во с.Ваксинце со остар предмет го нападнал Х.А.(37) од с.Ваксинце и му нанел повреди, констатирани во Општа болница Куманово. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 11.05.2022 околу 01.55 часот, полициски службеници од Полициската станица Кисела Вода, ги лишиле од слобода Т.С.(21), А.С.(23), Ш.У.(22), М.М.(25) и Х.А.(23), сите од Скопје, затоа што на ул.„Димо Хаџи Димов“ физички го нападнале В.А.(22) од Скопје и му одзеле лични предмети. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 10.05.2022 во 14.50 часот во Полициската станица Центар, С.Ј.(53) и С.К.(51), двете од Скопје, пријавиле дека на паркинг простор во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ - Скопје, Л.Л.(25) од с.Џепчиште, тетовско, откако со патничко возило „фолксваген голф“, со тетовски регистарски ознаки, удрил во С.Ј., физички ги нападнал двете. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје и сочинет е записник за констатиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

На 10.05.2022 во 19.30 часот во СВР Скопје, Д.Ј.(35) од Скопје пријавил дека околу 17.15 часот на ул.„Козара“ едно лице го нападнало со дрвен предмет и го оштетило неговото патничко возило „БМВ“. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 11.05.2022 во 02.36 часот во Полициската станица Чаир, Е.Т.(41) од Скопје пријавил дека во казино на ул.„Јадранска магистрала“ бил физички нападнат од неколку лица, кои му се заканиле со пиштол. Увид извршила екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 10.05.2022 во 13.30 часот во Полициската станица Центар, Р.Ц.(39) од Ново Село, скопско, пријавил дека на работното место во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ бил физички нападнат од Б.Е.(37) од Скопје, негов претпоставен. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје и сочинет е записник за констатиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

На 10.05.2022 околу 14.00 часот во Полициската станица Петровец, А.Р.(18) од Скопје пријавил дека на локалниот пат од с.Долно Коњари кон с.Ржаничино, скопско, едно лице физички го нападнало и му одзело пари и лични предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 10.05.2022 во 12.00 часот во Полициската станица Аеродром, Л.Д.К.(19) од Скопје пријавил дека во угостителски објект каде што извршувал работни обврски бил каснат од куче скитник.

На 10.05.2022 во 19.50 часот во СВР Скопје, Т.Ч. од Скопје пријавила дека во автобус, кој сообраќал на релација Волково – Центар, била физички нападната од неколку лица, кои ѝ одзеле лични предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 11.05.2022 во 02.30 часот во Полициската станица Гази Баба било пријавено дека на паркинг просторот на ул.„Ташко Караџа“ настанал пожар во патничко возило „БМВ“, сопственост на Д.Д.(38) од Скопје. Од пожарот биле зафатени и патничко возило „пежо 207“, сопственост на правно лице од Скопје и патничко возило „ауди А2“, сопственост на Х.С.(28) од Скопје, сите со скопски регистарски ознаки. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

На 10.05.2022 околу 14.20 часот во Полициската станица Чаир, М.Т.(28) од с.Радишани, скопско, пријавил дека на ул.„Скоевска“ бил каснат од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Б.Џ.(62) од с.Добридол, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 29.03.2022 во с.Добридол, пријавениот се однесувал агресивно и упатувал закани со остар предмет на вработен во јавно комунално претпријатие.