Извадок на дел дневните настани 09.05.2022


На 08.05.2022 во 22.15 часот од страна на полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при Одделението за криминалистичка полиција од СВР Битола на ул.„Довлеџик“ во Битола биле лишени од слобода С.Д.(48), С.М.(24) и С.А.(44), сите од Прилеп. При преглед извршен кај нив, кај С.Д. биле пронајдени и одземени две пакувања хероин, амфетамини, како и поголем износ на пари. Тие биле приведени во полициска станица и во координација со Јавен обвинител, по целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна кривична пријава.
На 08.05.2022 во 17.55 часот на „Меѓународен aеродром Скопје“, полициски службеници го лишиле од слобода В.К.(40) од Република Романија, затоа што при проверка било констатирано дека во службената евиденција е евидентиран со мерка „апси“ по барање на Интерпол. Тој ќе биде спроведен во Казнено-поправна установа Затвор Идризово.

На 08.05.2022 во 12.45 часот на подрачјето на Аеродром, од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје биле приведени двајца малолетници од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. Лицата и предметите се предадени на инспектор за малолетничка деликвенција Аеродром и Драчево и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 08.05.2022 во 16.10 часот на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Р.С.(30) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 08.05.2022 во 15.40 часот на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ј.П.(35) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена кафеава прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 08.05.2022 во 01.30 часот на ул.„Илинденска“ во Гостивар, полициски службеници од СВР Тетово - ОВР Гостивар го лишиле од слобода А.Х.(52) од Гостивар, поради основано сомнение за сторено кривично дело „недозволена изработка и поседување на оружје и распрскувачки материи“, казниво по член 396 од Кривичниот законик. Тој бил задржан во Полициска станица Гостивар и по документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 08.05.2022 во 22.30 часот на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода М.Р.(20) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 08.05.2022 во 11.15 часот на Граничен премин Аеродром „Св. Апостол Павле“ - Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Ш.А.(20) од Република Албанија, затоа што при проверка било констатирано дека има фалсификувани лични документи. Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Охрид за понатамошна постапка.

На 08.05.2022 во 20.20 часот во Полициската станица Аеродром, Ѓ.З.(61) од Скопје пријавил дека во с.Горно Лисиче бил каснат од куче скитник.

Во текот на викендот СВР Куманово продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На подрачјето на Куманово изречени се вкупно 38 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 20 санкции, 14 санкции за возачи кои управуваат возила под дејство на алкохол и 4 за управување возило без возачка дозвола.

На 08.05.2022 околу 13.30 часот било пријавено дека во Куманово, на крстосницата од ул.„Доне Божинов“ и бул.„Октомвриска револуција“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.Ш.(60) од с. Опае, липковско и мопед „јамаха џог“, со кумановски регистарски ознаки, управуван од З.Г.(60) од Куманово. Во несреќата З.Г. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Ургентен центар Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.

На 08.05.2022 во 16.20 часот во Полициската станица Карпош, М.С.(28) од Скопје пријавила дека во близина на мостот „Обединети Нации“ била касната од куче скитник.

На 08.05.2022 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 31 прекршоци, од кои 14 надвор од населено место и 17 во населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 30 други видови на прекршоци, од кои 12 за управување возило без возачка дозвола, 6 за нерегистрирано возило, 1 за технички неисправно возило, 1 за управување возило под дејство на алкохол и 10 за некористење заштитна кацига.

На 08.05.2022 околу 13.45 часот во Полициска станица Делчево од Итна медицинска помош Делчево било пријавено дека на регионалниот пат од с.Разловци кон с.Тработивиште, кај место викано „Лошана“, во с.Разловци, делчевско, трактор „ИМТ“, со делчевски регистерски ознаки, управуван од Ѓ.С.(53), каде сопатничка била Ј.С.(45), двајцата од с.Разловци, излетал од коловозот. Во несреќата возачот и сопатничката се здобиле со тешки телесни повреди, констатирани од лекар од Итна медицинска помош, по што се пренесени во Медицински центар во Штип за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициски станица Делчево.

На 08.05.2022 во рамки на засилените акциски контрола на територијата на државата за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, биле санкционирани 380 возачи. Од нив 32 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час. Притоа, 155 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 225 надвор од населено место.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против И.С.(47) од Виница, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“. Во периодот од 01.01.2014 до 22.11.2017, И.С. злоупотребувајќи ја функцијата директор на јавно комунално претпријатие од Виница, без претходно од негова страна и од страна на управниот одбор да бидат донесени одлуки, правилници, финансиски планови или други интерни акти за начинот на користење на средствата од буџетот на јавното претпријатие, свесно, по основ на ставка за репрезентации, од буџетот на јавното комунално претпријатие потрошил средства во износ од 2.249.950 денари, нанесувајќи му штета на претпријатието. Исто така, дозволил да застарат ненаплатени побарувања во износ од 32.752.532,32 денари, или нанесената штета на јавното претпријатие од Виница е во вкупен износ од 35.002.482,32 денари.


На 08.05.2022 во 23.40 часот во СВР Скопје, И.Ш.(19) од с.Љубанци, скопско, пријавил дека во селото бил физички нападнат од Ф.Т. од с.Љубанци. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


На 08.05.2022 од страна на полициски службеници во Полициската станица Штип биле приведени Д.М.(31) и Б.С.(20), двајцата од Штип, кои како навивачи на фудбалски натпревар кој се играл на Градскиот стадион во Штип, околу 18.30 часот, започнале меѓусебна физичка пресметка. По комплетирање на случајот против лицата ќе биде поднесен соодветен поднесок.


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Б.Б.(27) од с.Цер, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. На 18.07.2017, Б.Б. во својство на раководител на управата за имотно-правни односи при Министерство за финансии, подрачно одделение Кичево, донел решение со кое на Н.С. од Кичево му било приватизирано градежно земјиште и му било овозможено бесправно да се стекне со 78 м² површина на земјиште во државна сопственост, за која биле оштетени други корисници на катастарската парцела, а причинета е материјална штета на државата од 480.083,76 денари.


На 08.05.2022 во 11.30 часот во Полициска станица Ѓорче Петров, С.Ѓ.(22) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Ѓорче Петров била физички нападната од едно лице, поради претходно недоразбирање во сообраќајот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против К.С.(66) од Пехчево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 12.10.2021 во Пехчево, пријавениот во дворот на неговиот сосед физички го нападнал со остар и дрвен предмет.


На 08.05.2022 во 18.50 часот на Грaдскиот стадион во Тетово полициски службеници од СВР Тетово го привеле А.И. (25) од с.Пршовце, тетовско, а службен разговор ќе биде извршен и со Д.А. од с.Шемшово, тетовско, поради недолично однесување на спортски натпревар, односно недозволено влегување во натпреварувачки простор за време на одржување на фудбалски натпревар. Според пријавеното, за време на натпреварот биле регистрирани прекршувања на правилата за навивање со палење на пиротехнички материјали и фрлање предмети, при што бил повреден еден играч кому му била укажана лекарска помош во приватна медицинска установа во Тетово. По целосно документирање на случајот ќе бидат изготвени соодветни поднесоци.


На 08.05.2022 во 09.29 часот во СВР Куманово С.М.(21) од Р.Сирија кој е илегален мигрант пријавил дека во атар на с.Ваксинце, кумановско, при обид да ја преминат државната граница кон Република Србија, тој и неколку членови од групата со која бил, физички биле нападнати од четири лица кои им одзеле пари и мобилни телефони. Увид на местото извршиле полициски службеници од СВР Куманово, а по насока на Јавен обвинител С.М. е пренесен во транзитен центар во с.Сопот, кумановско. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 09.05.2022 во 01.30 часот П.К.(41) од Охрид пријавил дека на 08.05.2022 околу 23.40 часот пред казино во Охрид, додека бил на работа како обезбедување, по претходна расправија бил физички нападнат од Л.К. од Охрид. Се работи на расчистување на случајот.