Извадок на дел од дневни настани 08.05.2022

 Ноќта помеѓу 07.05./08.05.2022, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје извршиле контроли во повеќе угостителски објекти и прегледи на повеќе лица. Притоа, кај 12 лица од Скопје, Битола, Прилеп и Велес биле пронајдени марихуана и бела прашкаста материја, кои биле лишени од слобода. Имено, кај М. Ј.(24) од Прилеп, А.С.(23) од Скопје, С.Л.(48) од Скопје, К.Т.(24) од Велес, Б.С.(25) од Скопје, П.Р.(23) од Скопје, Т.В.(24) од Скопје и С.Ј.(33)од Скопје била пронајдена бела прашкаста материја, додека кај М.К.(26) од Скопје, Н.Н.(22) од Битола, А.Б.(26) од Скопје и А.Б.(25) од Скопје била пронајдена марихуана. Лицата биле приведени и по целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

 

На 08.05.2022 во 00.05 часот во Прилеп, полициски службеници од СВР Битола – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп го лишиле од слобода И.А.(36) од Прилеп. При контрола во негов угостителски објект во Прилеп била пронајдена и одземена марихуана. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава.

 

На 07.05.2022 во 22.15 часот во с.Боговиње, тетовско, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Ф.А.(26) од с.Боговиње поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „приредување на игри на среќа без лиценца, односно дозвола од надлежен орган“ по член 156 став 3 од Закон за игри на среќа. При контрола во објект без фирма во селото, извршена во содејство со УЈП Тетово, кај него и во објектот биле пронајдени и одземени 6455 евра, 220 британски фунти, 200 швајцарски франци, 4100 денари, три мобилни телефони, список со 387 клиенти и други предмети кои потекнуваат од кривично дело. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.  

 

На 08.05.2022 во 01.30 часот на улица „Илинденска“ во Гостивар, полициски службеници од ПОлициската станица Гостивар го лишиле од слобода Х.А.(52) од Гостивар затоа што кај него биле пронајдени пиштол марка „Екол Волга“ и една празна рамка. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

Во текот на вчерашниот ден (07.05.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 232 возачи. Од нив 33 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час. Притоа, 60 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 172 надвор од населено место.

 

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (07.05.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 164 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 35 санкции, 11 мерки за возење без возачка дозвола, 16 санкции за возење под дејство на алкохол. Изречени се 43 мерки за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл, две мерки за користење на мобилен телефон, две санкции за прекршоци што ги прават пешаците, 21 за непрописно паркирање...

 

Во текот на изминатата вечер 07/08.05.2022 во периодот од 22.00 до 04.00 часот на подрачјето на СВР Битола спроведена е акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возило под дејство на алкохол. При контролата констатирани и законски санкционирани се 35 возачи. Најголемиот број од санкционираните се на подрачјето на Битола – 12, на подрачјето на Прилеп – девет, по пет на подрачјето на Ресен и Демир Хисар...

 

Во текот на вчерашната вечер (07/08.05.2022) во периодот од 22.00 до 03.00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе зајакната акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возило под дејство на алкохол на територија на Илинден, при што санкционирани се вкупно 12 возачи. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.

 

На 07.05.2022 во 21.42 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул.„Филип Втори Македонски“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „Фиат Пунто“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Т.П.(31) од с.Долно Оризари, битолско и патничко возило „Шкода Октавија“ со битолски регистарски ознаки, управувано од П.Х.(62) од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Б.Х.(53) од Битола, сопатничка во возилото „Шкода Октавија“, констатирани во Клиничка болница Битола. Увид на местото извршила екипа од СВР Битола.

 

На 07.05.2022 околу 20.00 часот во СВР Куманово било пријавено дека во с.Романовце, кумановско, патничко возило „БМВ“ со непознати регистарски ознаки удрило во пешакот С.С.(67) од с.Романовце и го напуштило местото. Во несреќата С.С. се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Општа болница Куманово. Увид на местото извршила екипа од СВР Куманово.

 

На 07.05.2022 во 09.20 часот во Полициската станица Кичево било пријавено дека на крстосница помеѓу магистрален пат А2 и бул.„Ослободување“ во Кичево, патничко возило „Пежо“ со кичевски регистарски ознаки, управувано И.Ј.(65) од Кичево, удрило во пешакот Р.С.(77) од Кичево. Во несреќата Р.С. се здобила со тешки телесни повреди констатирани во Медицински центар Кичево. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Кичево.  

 

На 07.05.2022 во 09.45 часот во Полициската станица Гази Баба, В.О.(39) од Скопје пријавил дека на ул.„519“ во н.Керамидница бил каснат од куче скитник.

 

На 07.05.2022 во 20.55 часот во Полициската станица Карпош, С.Т.(55) од Скопје пријавила дека на бул.„Партизански Одреди“ била касната од куче кое било со сопственик. По документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок. 

На 07.05.2022 во 14.50 часот во с.Враништа, струшко, полициски службеници од Полициското одделение Велешта, врз основа на наредба од Основен суд Струга го привеле П.И.(28) од с.Велешта, струшко, за издржување затворска казна од една година. Во 15.20 часот лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Струга за издржување на казната.  

 

На 07.05.2022 околу 01.40 часот на ул.„Вашингтонска“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје – Полициско одделение Шуто Оризари го лишиле од слобода А.М.(22) од Скопје. Во моментот на лишувањето тој управувал товарно возило „Мерцедес Вито“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.Т.(67) од Скопје, за кое тој на 06.05.2002 пријавил дека му било одземено. Возилото било вратено на сопственикот. По преземени мерки биле пронајдени и предметите кои биле во возилото, а кои А.М. ги продал на повеќе лица. Предметите, исто така, биле вратени на сопственикот. Лицето било приведено во полициска станица и во службен разговор го признал делото. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.  

 

На 06.05. и 07.05.2022 на 2022 на ул.„Иван Аговски“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје – ЕВР Карпош – Одделение за криминалистички работи Карпош ги лишиле од слобода М.К.(21), Е.К.(21) и Б.Џ.(26), сите од Скопје. Тие се сомничат дека извршиле повеќе кривични дела „тешка кражба“. Кај нив биле пронајдени повеќе предмети кои потекнуваат од кривични дела. По целосно документирање на случаите против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.  

 

На 07.05.2022 во 10.35 часот на ул.„Ѓорче Петров“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје – ЕВР Карпош – Одделение за криминалистички работи Карпош го лишиле од слобода И.И.(45) од Скопје. Тој се сомничи дека на 03.05.2022 извршил разбојништво во аптека на бул.„Партизански Одреди“. Против него биле обезбедени докази и тој бил приведен во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.  

 

На 08.05.2022 во 01.00 часот на ул.„Сандо Масев“ во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле Д.И.(26) од Струмица затоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 07.05.2022 околу 19.30 часот автопатот Велес-Скопје, пред наплатна станица Отовица, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода И.Т.(37) и З.С.(25), двајцата од Битола. При преглед во возилото „Ауди А6“ со битолски регистарски ознаки, кое го управувал И.Т., кај З.С. била пронајдена бела прашкаста материја. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 08.05.2022 во 03.20 часот на ул.„Тодор Велков“ во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода А.С.(24) од с.Костурник затоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 07.05.2022 во 18.45 часот во СВР Штип, од Казнено-поправната установа Затвор Штип било пријавено дека кај осуденикот Д.Е.(42) од Свети Николе биле пронајдени повеќе различни видови таблети. Од полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при СВР Штип таблетите биле одземени за понатамошна постапка. По документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

 

На 07.05.2022 во 19.45 часот на ул.„Кланица“ во Битола, полициски службеници до СВР Битола го лишиле од слобода Ј.У.(31) од Дојран затоа што кај него бил пронајден пиштол непозната марка и една празна рамка и затоа што се однесувал агресивно и се заканувал на неговата поранешна сопруга и нејзината мајка. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 07.05.2022 во 10.00 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Н.П.(34) од Битола затоа што со остар предмет се заканувал на неговата мајка и неговиот брат. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 07.05.2022 во 13.45 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Љ.Н.(63) од Охрид затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 08.05.2022 во 01.00 часот во Прилеп, полициски службеници од Полициската станица Прилеп го лишиле од слобода С.Ѓ.(60) од Прилеп затоа што физички ја нападнал неговата сопруга. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 08.05.2022 во 03.30 часот во Кичево, полициски службеници од Полициската станица Кичево го лишиле од слобода Ш.А.(29) од Кичево затоа што се однесувал агресивно и упатувал закани кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 07.05.2022 во 23.10 часот на Плоштад „Македонија“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода малолетник од скопско село затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија, а се обидел и да го удри со мотоциклот кој го управувал. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 07.05.2022 во 17.05 часот на ул.„Христо Татарчев“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода М.Г.(52) од Скопје затоа што се однесувал агресивно кон  полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 08.05.2022 околу 03.30 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода Н.А.(25) и П.Н.(33), двајцата од Куманово, затоа што го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. На двајцата им биле изготвени записници за констатиран прекршок по член 11 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

 

На 07.05.2022 околу 21.15 часот во Полициската станица Радовиш било пријавено дека на регионален пат Р1403 од крстосница за с.Воиславци кон Радовиш, патничко возило „Ауди 80“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од Н.С.(27) од с.Воиславци, излетало од патот. Во незгодата Н.С. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во ЈЗУ„Здравствен дом“ Радовиш. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Радовиш.

 

ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против Т.П.(42), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”. На 31.10.2021, полициски службеници од ОВР Кавадарци извршиле преглед во возилото кое го управувал пријавениот и претрес во неговиот дом, при што на двете места бил пронајден и одземен кокаин.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ј.Џ.(23) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”. На 07.01.2022, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје извршиле преглед во патничко возило „фолксваген голф“, кое го управувал пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.   

 

На 07.05.2022 околу 07.30 часот во СВР Битола било пријавено дека Љ.Б.(61) од Битола се здобил со тешки телесни повреди додека извршувал работни задачи на објект во изградба на ул.„Хераклеа“ во Битола. Тој бил пренесен во Клиничка болница Битола за укажување лекарска помош. Увид на местото извршила екипа од СВР Битола, а за настанот бил запознаен трудов инспектор. 

 

На 07.05.2022 во 08.30 часот во СВР Штип, Д.К.(75) од село Чифлик, штипско, пријавила дека во дворот од нејзината куќа била физички нападната од нејзината соседка Ј.А.(43). Се работи на расчистување на случајот.

 

На 08.05.2022 во 00.50 часот во Полициската станица Кичево било пријавено дека пред угостителски објект во Кичево бил нарушен јавниот ред и мир со физички напад од Х.Ш.(19) од од Кичево над Д.Ѓ.(19) од Кичево. Се работи на расчистување на случајот.

На 08.05.2022 во 02.20 часот во Полициската станица Кичево, М.Н.(18) и малолетник од Кичево пријавиле дека на ул.„Маршал Тито“ во Кичево биле физички нападнати од пет лица.  Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 07.05.2022 во 14.10 часот во Полициската станица Гостивар било пријавено дека околу 13.00 часот во нас.Циглана 1 бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу лицата А.Н., Л.Т., Ф.Т. и С.Т.,сите од Гостивар. Според пријавеното, при пресметката тие оштетиле и едно возило сопственост на друго лице. Се работи на расчистување на случајот. 

 

На 07.05.2022 во 21.50 часот во СВР Тетово, Б.А.(39) од Тетово пријавил дека околу 20.00 часот во близина на градските гробишта бил физички нападнат од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 07.05.2022 во 15.45 часот во СВР Скопје, А.У.(38) од с.Инџиково, скопско, пријавил дека околу 15.05 часот во с.Инџиково бил физички нападнат од Ф.И. и М.И. од Скопје. Се работи на расчистување на случајот.  

 

На 07.05.2022 во 21.00 час во Полициската станица Чаир, малолетник од Скопје пријавил дека во 19.00 часот на ул.„Босна и Херцеговина“ бил физички нападнат од Н.Х.и И.Р. од Скопје, при што Н.Х. се обидел да го повреди со остар предмет. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 07.05.2022 во 21.35 часот во Полициската станица Битола, Г.П.(47) од Битола пријавил дека на ул.„Димче Лахчански“ неговата малолетна ќерка била касната од куче скитник.

 

На 07.05.2022 во 22.40 часот во Полициската станица Прилеп, П.С.(60) од Прилеп пријавил дека на ул,,5-та Прилепска“ бил каснат од куче скитник.  

 

На 07.05.2022 во 16.00 часот во Полициската станица Аеродром, С.М.(52) од Скопје пријавила дека на ул.„Бојмија“ Скопје била касната од куче скитник.