Извадок на дел дневните настани 05.05.2022


Денеска (05.05.2022), полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола -Надворешна канцеларија за криминалистички работи Прилеп – Отсек за недозволена трговија ги лишиле од слобода Е.Е.(34) и С.Д.(29), двајцата од Прилеп. При претреси во нивните домови, извршени со судска наредба, кај Е.Е. бил пронајден и одземен еден пиштол марка „Ekol Tuna” без муниција, додека кај С.Д. биле пронајдени и одземени пиштол марка „Застава” и 6 куршуми калибар 6,35 мм. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава по член 396 од Кривичниот законик.

На 04.05.2022 во 18.30 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода А.Д.(40) од Куманово. Тој бил баран со потерница од Основен суд Куманово за издржување на затворска казна. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор К’шање за издржување на казната.

На 04.05.2022 во 22.40 часот на граничен железнички премин „Табановце“, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Сопот“ ги лишиле од слобода Е.Ш.(34) од село Романовце, кумановско и Р.И.(47) од село Псача, општина Ранковце. Тие биле затекнати при обид да одземат предмети од меѓународен товарен воз. Двајцата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава.

На 04.05.2022 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 54 прекршоци, од кои 38 надвор од населено место и 26 во населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 7 други видови на прекршоци, од кои 3 за управување возило без возачка дозвола, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 1 за некористење сигурносен појас, 1 за непрописно престигнување и 1 за непрописно паркирање.

На 04.05.2022 на територијата на СВР Битола, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, санкционирани биле 22 возачи, од кои 7 санкции на територија на Ресен, 3 санкции во Битола, 9 на територија на Прилеп, 1 во Демир Хисар и 2 во Македонски брод.

На 04.05.2022 во 14.50 часот во СВР Тетово било пријавено дека на улица „ЈНА“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „тојота“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Ј.А.(43) од Тетово и мопед со тетовски регистарски ознаки, управуван од малолетник од Тетово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Клиничка болница Тетово. Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово.

На 05.05.2022 во 01.20 часот во ОВР Македонска Каменица било пријавено дека на регионалниот пат Македонска Каменица – с.Саса патничко моторно возило „бмв“, управувано од Г.Г. од Македонска Каменица, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на возилото констатирани во Клинички центар Штип. Увид на местото извршила екипа од ОВР Македонска Каменица.

На 05.05.2022 околу 01.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на булевар „АСНОМ“ мотоцикл „хонда“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Б.Т.(33) од Скопје, излетал од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Б.Т. констатирани во Градска општа болница „Св.Наум Охридски“. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

На 04.05.2022 во 08.40 часот во Полициската станица Бит Пазар, Џ.С.(65) од Скопје пријавил дека на булевар „Никола Карев“ бил каснат од куче скитник.

На 05.05.2022 во 01.20 часот во Полициската станица Карпош, М.М.(18) од Скопје пријавил дека на улица „Трндол“ бил каснат од куче скитник.

Денеска (05.05.2022) во 12.45 часот на ул.„Вељко Влаховиќ“ во Штип, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода Ј.Г.(32) од с.Мралино, скопско. Тој бил баран по централна потерница од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од една година и 10 месеци за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде предадено во казнено-поправна установа за издржување на казната.

Денеска (05.05.2022) во 10.30 часот на ул.„Бутелска“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.Д.(22) од Скопје. Тој бил баран по централна потерница од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од една година за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде предадено во казнено-поправна установа за издржување на казната.

На 04.05.2022 во 17.40 часот во СВР Тетово, 39-годишна жителка од скопско село пријавила дека била измамена од едно машко лице, кое најпрво и рекло дека е од Скопје, а потоа од Тетово. Според пријавеното, лицето и ветило дека ќе и помогне да ѝ доделат стан преку хуманитарна организација, но за подмирување на одредени трошоци побарало од неа преку таксист во Тетово да му испрати извесна сума пари. Како што е пријавено, таа му ги дала парите на таксистот, а лицето со кое контактирала телефонски не се појавило во Тетово, по што сфатила дека е измамена. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Х.Д.(24) од с.Зајас, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотички дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 04.08.2021 во Кичево, полициски службеници извршиле преглед на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против Т.П.(42) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 31.10.2021 на патот Моклиште - Кавадарци, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот и возилото во кое се превезувал, при што пронашле и одзеле кокаин.

ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против Б.А.(49) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 21.12.2021 во Гостивар, полициски службеници извршиле контрола на тезгата на која работел пријавeниот, при што пронашле и одзеле 1641 парче пиротехнички средства.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Б.К.(57) од с.Стар Караорман, штипско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 03.04.2022, пријавениот, преку социјалната мрежа „Facebook“ објавил коментар со содржина која ширел расистички и ксенофобичен материјал.

СВР Штип поднесе кривична пријава против В.С.(40) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. На 23.09.2019, пријавената, без согласност на лице од Штип ги искористила неговите лични податоци за зачленување во продажна мрежа, по што направила и нарачка на производи во износ од 5.860 денари.

СВР Штип поднесе кривична пријава против З.М.(35) од Охрид и правно лице од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Во текот на септември 2021 година, З.М. - управител на правното лице, во негово име и негова корист изготвил лажна исправа - Одобрување за вршење на вонреден превоз на вонгабаритен товар, со намера да се искористи за вршење на транспорт на товар - работна машина на релација Граничен премин Нов Дојран- влез на Штип, со товарно возило и приколка сопственост на правното лице. Таквото одобрување, кое според Законот за превоз во патниот сообраќај се издава од ЈП за Државни патишта, било употребено на 17.09.2021 при влез од Република Грција на Граничен премин Нов Дојран. Но, по извршени дополнителни проверки било утврдено дека исправата е невистинита.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против правно лице од Охрид и управителот З.Г.(55) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. На парцела во државна сопственост, пријавените вршеле ископи и поставувања на бетонски потпори.

На 04.05.2022 во 19.46 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Пакошево, скопско, настанал пожар во автобус сопственост на ЈСП, кој сообраќал на релација с.Ново Село-с.Зелениково. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид на местото извршила екипа од Пoлициската станица Драчево.

На 04.05.2022 во 11.00 часот во Полициската станица Гази Баба, Б.Н.(73) од Скопје пријавил дека на 03.05.2022 околу 20.45 часот во с.Идризово, скопско, три лица го нападнале со тврд предмет и му одзеле пари и други лични предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 04.05.2022 во 11.50 часот во СВР Скопје, М.К.(18) од Скопје пријавила дека во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, по претходна вербална расправија, била физички нападната од две лица додека била на работното место. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 04.05.2022 во 19.50 часот во Полициската станица Кисела Вода, М.А.(25) од Скопје пријавил дека на подрачјето на населба Кисела Вода неколку лица со закана му одзеле предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 04.05.2022 околу 12.30 часот во Полициската станица Шуто Оризари, Е.Ш.(44) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил О.Ф.(13) од Скопје, кој им било доделен од социјалните служби за сместување во згрижувачко семејство. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.