Извадок на дел од дневни настани 03.05.2022

 На 02.05.2022 во 09.10 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода М.П.(55) од Крива Паланка. За него била распишана потерница од Основен суд Крива Паланка со која се барал за издржување на затворска казна. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор К’шање за издржување на казната.

 

На 02.05.2022 во 03.00 часот на регионалниот пат Валандово – Струмица, полициски службеници од ОВР Гевгелија го лишиле од слобода Н.М.(21), затоа што при проверка било констатирано дека за него бил распишан централен распис за сторено кривично дело по член 418-б од Кривичниот законик. За криумчарење на мигранти. Од Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Гевгелија против Н.М. е поднесена кривична пријава, а од Основен суд Скопје му е одредена мерка притвор. Тој бил предаден во Казнено поправна установа Затвор Скопје за издржување на мерката притвор.

 

На 02.05.2022 во 16.30 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода М.Л.(22) од Куманово, затоа што кај него била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

 

На 02.05.2022 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 56 прекршоци, од кои 34 надвор од населено место и 22 во населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 14 други видови на прекршоци, од кои 1 за нерегистрирано возило, 11 за управување возило без возачка дозвола, 1 за некористење сигурносен појас и 1 за неносење заштитна кацига.

 

На 02.05.2022 во 11.20 часот во Полициската станица Гази Баба, З.Ц.(51) од с.Брњарци, скопско, пријавила дека на улица „6“ во истото село била касната од куче скитник.

 

Во текот на вчерашниот ден (02.05.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 278 возачи. Од нив 14 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 148 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 129 надвор од населено место.


 СВР Охрид поднесе кривична пријава против З.Џ.(45) од Охрид и Н.П.(32) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без лиценца“. При контроли извршени на 08.04.2022 и на 23.04.2022 на булеварот „Туристичка“ во Охрид, полициските службеници сопреле патничко возило „форд“ и комбе „форд транзит“, што ги управувале пријавените, при што констатирале дека немаат соодветна лиценца за вршење јавен превоз на патници во внатрешниот сообраќај, издадена од надлежен државен орган.

На 02.05.2022 во периодот од 14.00 до 19.00 часот во Охрид извршени се сообраќајни контроли кон возачи на мотоцикли. Притоа, поради сторени прекршоци, санкционирани се три мотоциклисти, од кои еден е исклучен од сообраќај поради управување без возачка дозвола.

На 02.05.2022 во ОВР Неготино, од Б.С.(35) од Неготино било пријавено дека дел од падобранска опрема паднала на кровот од неговата куќа и оштетила неколку ќерамиди. Извршен бил увид од екипа од ОВР Неготино и бил пронајден еден војнички ранец, сопственост на војник од сојузничка армија во состав на Мултинационална вежба „Вежбовни десантни падобрански скокови од авион“ над подрачјето на Неготино. Предметот бил вратен на лицето, а штетата на кровот ќе биде надоместена.

На 03.05.2022 во 04.30 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Н.Т.(34) од Скопје, затоа што, по претходна вербална расправија во семејниот дом, физички ја нападнал неговата 41-годишна сопруга. По целосно комплетирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Д.К.(76) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 12.04.2022, полициски службеници од СВР Скопје извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле 24 куршуми, девет рамки од разно огнено оружје, еден револвер „Застава“ R44 без цевка со дрвена рачка и др.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Р.С.(54) од с.Стајковци, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „посебни случаи во фалсификување исправи“. Во периодот од август до ноември 2021 година, пријавениот измамил жена од Штип за сума од 90.000 денари. Тој се претставил дека е сопственик и управител на градежна фирма од Скопје, која во тоа време била избришана од трговскиот регистар, и со неа се договорил да ѝ изврши градежни работи на нејзината куќа. Р.С. земал аванс од 90.000 денари, но не ја завршил договорената работа.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Р.С.(46) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“. Пријавениот, во текот на 2020 година, приливите на своите трансакциски сметки во вкупен износ од 6.668.850 денари не ги пријавил во поднесената задолжителна годишна даночна пријава до даночниот орган и со тоа одбегнал да плати данок во вкупен износ од 666.885 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија.