Извадок на дел од дневни настани 29.04.2022

На 28.04.2022, по преземени мерки и активности, полициски службеници од СВР Штип расчистија пет кривични дела извршени на подрачјето на град Штип и тоа; кривично дело „одземање моторно возило“ за кое се осомничени С.Р.(21) и малолетник, двајцата од Штип, три кривични дела „тешка кражба“ од кафемати за кои е осомничен Д.Г.(38) од с.Василево, струмичко и кривично дело „тешка кражба“ од куќа за кое е осомничен Џ.И.(35) од Штип. Поголем дел од украдените предмети се пронајдени, одземени и вратени на оштетените граѓани, а со првите тројцаосомничени бил извршен разговор во полициска станица, при што ги признале делата. По целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

На 28.04.2022 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 20 прекршоци, од кои 4 надвор од населено место и 16 во населено место. Истиот ден во периодот од 13.00 до 19.00 часот СВР Штип спроведе акциска контрола за санкционирање на прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли во сообраќајот, при што се санкционирани вкупно 35 мотоциклисти. Од нив 3 возачи управувале мотоцикл без да поседуваат возачка дозвола, односно потврда за положен возачки испит, 1 мотоцикл бил нерегистриран, 28 мерки се преземени за неносење заштитна кцига и 3 други видови прекршоци. Санкционирани биле и 21 други видови на прекршоци, од кои 2 за нерегистрирано возило, 5 за управување возило без возачка дозвола, 2 за непрописно престигнување, 2 за некористење сигурносен појас и 10 за непрописно паркирање.

На 28.04.2022 во 17:05 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на крстосница од улица „Ресавска“ и улица „Пиринска“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „рено меган“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од С.Т.(41) од Кавадарци и мопед со кавадаречки регистарски ознаки, управуван од малолетник од Кавадарци. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетен сопатник на мопедот од Кавадарци, констатирани во Општа болница Кавадарци, додека со телесни повреди се здобил возачот на мопедот. Увид на местото извршила екипа од ОВР Кавадарци.

На 28.04.2022 во 23.45 часот во Полициската станица Центар, Б.Б.(72) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Центар бил каснат од куче скитник.

На 28.04.2022 во 13.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, С.А. (27) од Скопје пријавил дека во с.Усје бил каснат од куче скитник.

На 28.04.2022 во 15.15 часот во Полициската станица Аеродром, М.П.(71) од Скопје пријавил дека на булевар „12-та македонска бригада“ бил каснат од куче скитник.

На подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово вчера (28 април) од 13 до 19 часот спроведена е акциска контрола на мотоцикли, во рамките на која биле откриени и санкционирани вкупно 25 прекршоци (ТЕ-15 и ГВ-10). Најголемиот број од прекршоците (15) се однесувале на некористење на заштитна кацига, односно шлем (ТЕ-7 и ГВ-8) и на управување без положен возачки испит и валидна дозвола за тоа (ТЕ-5 и ГВ-1). На сите прекршители изготвени им се законски предвидените поднесоци и тие ќе се соочат со парични глоби од 45 евра за неносење на заштитна кацига или 250 евра во денарска противвредност за управување без возачка дозвола. Вчера, исто така, од 8 до 20 часот на ова подрачје спроведени се и засилени контроли за брзина, при што биле санкционирани 18 (ГВ) пречекорувања на максимално дозволената брзина надвор од населено место, од кои едно до 70 километри на час, како и 8 пречекорувања (ТЕ) во населено место, од кои едно за повеќе од 50 километри на час. Во овие контроли санкционирани се и 39 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-26 и ГВ-13).

На 28.04.2022 во периодот од 13.00 до 19.00 часот на подрачје на Секторот за внатрешни работи Струмица била спроведена засилена контрола за откривање на прекршоци кои ги прават возачите на мотоцикли и мопеди. Притоа биле констатирани 22 прекршоци, од кои 11 во Радовиш, 6 во Струмица, 4 во Валандово и 1 во Гевгелија. Сите констатирани прекршоци биле соодветно санкционирани.

Во текот на вчерашниот ден (28.04.2022) во периодот од 13.00 до 19.00 часот спроведена е зајакната акциска контрола на територијата на СВР Куманово за санкционирање на прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли. Притоа, санкционирани се 15 возачи, од кои 8 во Куманово, 6 во Крива Паланка и 1 во Кратово.

На 28.04.2022 во 15.15 часот во ОВР Струга било пријавено дека на регионалниот пат Р-2243 кај село Миследожда, струшко, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „фолксваген венто“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Д.П.(46) од Струга и товарно моторно возило „рено канго“ со струшки регистарски ознаки, управувано од А.Р.(67) од Струга. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Д.П., Н.Ш.(51), сопатник во возилото „венто“ и Л.М., сопатник во товарното возило, додека со телесни повреди се здобил возачот А.Р. и сопатниците од возилото „венто“, М.Ш.(36) и А.П.(44), констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Увид на местото извршила екипа од ОВР Струга.

На 28.04.2022 во 19.00 часот во СВР Охрид било пријавено дека на ул.„Абас Емин“ во Охрид, патничко моторно возило „мерцедес“ со охридски регистарски ознаки, управувано од М.Л. (24) од Охрид, удрило во малолетен пешак од Охрид. Во несреќата со телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Увид на местото извршила екипа од СВР Охрид.

На 28.04.2022 во 21.20 часот во СВР Штип било пријавено дека на магистралниот пат Штип - Делчево, патничко моторно возило „опел“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.А. (28) од с.Облешево, кочанско, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.А. и малолетен сопатник од с.Облешево, констатирани во Клиничка болница Штип. Увид на местото извршила екипа од СВР Штип.

На 28.04.2022 во 21.55 во Полициската станица Кочани било пријавено дека на локален пат во Кочани, мотоцикл со штипски регистарски ознаки, управуван од В.М.(54) од Кочани, излетал од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил В.М., констатирани во Клиничка болница Штип. Увид на местото извршила екипа од ОВР Кочани.

На 29.04.2022 од страна на Одделението за внатрешни работи Кочани во координација со надлежно јавно обвинителство поднесена е кривична пријава до Основно јавно обвинителство Кочани против М.С. (45), М.С. (41) и здружение на граѓани од Кочани. Пријавените сториле седум кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од КЗ, „Фалсификување или уништување на деловни книги“ по член 280 од КЗ и „Измама на штета на средства на Европската заедница“ по член 249-а од КЗ. Пријавените, во временскиот период од 01.01.2019 година до 02.09.2019 година, со прикажување на лажни и неточни податоци и изјави и склучување на фиктивни договори противправно присвоиле парични средства наменети за имплементација на проект во вредност од 522.700 денари, финансиран од Европска Комисија и регистриран во Централната база на податоци за странска помош при Секретаријат за европски прашања во Влада на Република Северна Македонија.

На 28.04.2022, по претходно издадена судска наредба, полициски службеници од Полициската станица Кичево извршиле претрес во домот на Д.Б.(58) од кичевското село Челопеци. Притоа, биле пронајдени и одземени еден гасен пиштол „бруни“ калибар 9 милиметри и една рамка со два сигнални куршуми што нелегално ги поседувал. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 29.04.2022 во 08.30 часот во Полициската станица Кичево било пријавено дека на магистралниот пат Кичево – Гостивар, кај превојот „Стража“, патничко моторно возило „фолксваген голф“ со струшки регистарски ознаки, управувано од А.Ж.(27) од с.Делогожда, струшко, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката Ф.Ж.(49) и уште еден малолетен сопатник, двајцата од с.Делогожда, а со телесни повреди се здобил воачот констатирани во Медицинскиот центар во Кичево. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Кичево.

На 28.04.2022 во 12.15 часот во Полициска станица Гази Баба, М.К.(22) од Скопје пријавил дека на улица „Интернационални бригади“, по претходна расправија, физички бил нападнат од Б.И.(52) и Г.Т. (33), двајцата од Скопје. Увид извршила екипа на Полициската станица Гази Баба и по целосно комплетирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 28.04.2022 околу 02.00 часот во СВР Скопје, Л.Д. (19) од с.Инџиково, скопско, пријавил дека на улица „Методија Андонов Ченто“ тој и негов малолетен пријател од Скопје биле физички нападнати со тврди предмети од повеќе лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 28.04.2022 во 15.30 часот во СВР Скопје, 36-годишна жена од Скопје пријавила дека нејзината малолетна ќерка, неколку дена престојувала кај нејзиното момче, исто така малолетник од Скопје, и дека врз неа била извршена обљуба. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 29.04.2022 во 00.10 часот во СВР Скопје, 44-годишен жител на Скопје пријавил дека околу 23.40 часот , додека бил на работно место во продажен објект во Скопје, едно лице се обидело да го измами и да му одземе пари, но откако не успеало, лицето го турнало и заминало без да одземе ништо. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Т.М.(50) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „перење пари и други приноси од кривично дело“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“ и против И.В.(56), А.М., И.Т.(54), О.А.(40), П.Н.(42), Т.М.(57) и В.Ј.(42), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Првопријавениот, спротивно на Законот за возила, на 01.10.2014 направил фиктивен странски купопродажен договор со фалсификувана и невистинита содржина за товарно возило, по што во 2015 година го употребил во постапка за царинење на возилото и добил царинска декларација. Истата година во Биро за метрологија поднел барање за издавање на потврда за отворање на постапка за идентификација за возилото и потврда за повратник во негово име и се стекнал со потребната документација. По ова, возилото го легализирал со употреба на фалсификувана исправа, со која е зголемена вредноста на возилото, па го продал на друго лице. Второ и третопријавениот, како вработени во Царинска испостава-Скопје, при царинење во делот на сопственоста на возилото овозможиле сообраќајната дозвола за возилото да гласи на сопственост на лице З.Ѓ. од Скопје, додека купопродажниот договор бил склучен помеѓу правно лице и првопријавениот, со што му овозможиле да ја заврши царинската постапка. Потоа, И.Т., О.А., П.Н. и Т.М., во својство на вработени во Бирото за метрологија, при постапка за издавање на потврда за отворање постапка за идентификација на возилото во 2015 година издале потврда на име на првопријавениот, иако сообраќајната дозвола за возилото била сопственост на З.Ѓ. од Скопје. В.Ј., вработен во техничка служба од правно лице од Скопје, спротивно на законските овластувања, издал согласност за регистрација за предметното возило и му овозможил на првопријавениот да прибави противправна имотна корист со стореното кривично дело.

На 28.04.2022 во 21.20 часот во СВР Скопје, В.Н. (50) од Скопје пријавил дека околу 18.50 часот на булевар „Кочо Рацин“ едно лице со употреба на сила одзело мобилен телефон од неговата ќерка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 28.04.2022 во 09.40 часот во Полициска станица Карпош било пријавено дека во спортска обложувалница на ул.„Разловечко востание“ едно лице со закана кон вработениот се обидело да одземе пари, но не успеало. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 28.04.2022 во 17.15 часот во Полициската станица Аеродром, Љ.П.(38) од Скопје пријавил дека на улица „Владимир Комаров“ бил каснат од куче скитник.

На 28.04.2022 во 13.00 часот во Полициската станица Петровец, З.П.(64) од Скопје пријавил дека во с.Катланово, скопско, бил каснат од куче скитник.

На 28.04.2022 во 10:30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, И.Н.(55) од с.Волково, скопско, пријавил дека на подрачјето на населба Стопански двор неговиот малолетен син од с.Волково бил каснат од куче скитник.

Денеска (29.04.2022) околу 10.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во филијала на банка на бул.Јане Сандански во Скопје две лица со закана со пиштол кон вработената одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.