Извадок на дел од дневни настани 28.04.2022

На 27.04.2022 во 18.30 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид - Одделение за недозволена трговија со дрога и оружје го лишиле од слобода Н.Т.(35) од Охрид. При претресот во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени околу половина килограм марихуана спакувана во повеќе различни пакувања и масло од канабис. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно докумeнтирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 27.04.2022 во 21.00 часот на бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје – Единица за недозволена трговија ги лишиле од слобода К.А.(28) и Н.Д.(31), двајцата од Скопје. При преглед кај нив и при претрес во домот на К.А., извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени неколку пакувања со бела прашкаста материја, неколку пакувања марихуана и дигитална вага со остатоци од дрога. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена пријава по член 215 од Кривичниот законик.

 

На 28.04.2022 околу 02.10 часот на Граничен премин „Долно Блаце“, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода А.Н. (33) од Република Албанија, затоа што при проверка било констатирано дека е евидентиран во службена евиденција со мерка „апси“, издадена од Интерпол – Тирана. А.Н. бил предаден на полициски службеници од Полициска станица Чаир за понатамошна постапка.

На 27.04.2022 во 18.20 часот во Полициската станица Аеродром, А.Л.(34) од Скопје пријавил дека на улица „23-ти октомври“ бил каснат од куче скитник.

На 27.04.2022 во 20.50 часот во Полициската станица Гази Баба, Б.П.(45) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Ќерамидница бил каснат од куче скитник.

На 27.04.2022 во 13.50 часот во Полициската станица Петровец, Б.К.(32) од Скопје пријавила дека на подрачјето на населба Илинден нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник.

Денеска (28.04.2022) околу 02.00 часот во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода А.Ш.(29) од село Врбјане, општина Маврово и Ростуше, затоа што кај него бил пронајден хероин. Тој бил задржан во Полициската станица Гостивар за документирање на случајот и ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

На 27.04.2022 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 25 прекршоци, од кои 5 надвор од населено место и 20 во населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 22 други видови на прекршоци, од кои 2 за нерегистрирано возило, 7 за управување возило без возачка дозвола...

На 27..04.2022 во периодот од 07 до 11.00 часот, при извршени сообраќајни контроли, полициските службеници во Струга санкционирале 22 возачи кои управувале моторно возило со брзина поголема од дозволената (08 надвор од населено место, 14 во населено место). Исто така биле санкционирани и 07 возачи кои во населено место во Кичево ја надминале дозволената брзина на движење.

На 27.04.2022 во 12.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улица „Тодор Александров“, патничко моторно возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки удрило во Б.Д.(81) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Б.Д. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

На 28.04.2022 во 00.05 часот во ОВР Гостивар било пријавено дека на крстосница од улица „Беличица“ со улица „Мара Угринова“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „хонда“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Ш.А. (29) од с.Врбјане, општина Маврово и Ростуше и патничко моторно возило „фиат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Х.И.(38) од Велес. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле Х.И. и неговиот совозач А.Х., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Увид на местото извршила екипа од ОВР Гостивар.

Денеска (28.04.2022) во 12.20 часот во с.Долно Соње, општина Сопиште, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода Н.К.(26) од Скопје. Тој бил баран по централна потерница од Основен кривичен суд Скопје за издржување затворска казна. Лицето ќе биде предадено во казнено-поправна установа за издржување на казната.


Денеска (28.04.2022) околу 08.00 часот во близина на наплатната станица Демир капија, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово ги лишиле од слобода Б.И.(22) од с.Стајковци, скопско и И.Ш.(24) од с.Студеничани, скопско. При преглед во возило „ауди“ со српски национални ознаки, кое го управувал Б.И., а совозач бил И.Ш. биле пронајдени 10 лица илегални мигранти (пет од Сирија, три од Сомалија и двајца од Пакистан). Околу 06.30 часот кај наплатната станица Демир Капија, лицата не застанале на знак за запирање, но по преземени мерки возилото било запрено и двете лица се дале во бегство, но набргу потоа по пребарување на теренот биле пронајдени и лишени од слобода. Возачот, совозачот и мигрантите биле однесени во Полициската станица Неготино за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 27.04.2022, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода А.Ј., С.Б., и С.Ј., сите од Скопје. По преземени мерки и активности е утврдено дека тие на 09.03.2022 во Скопје со запалива течност предизвикале пожар во патничко возило „ауди Q5“, од кој биле зафатени три други возила - „фолксваген пасат“, „нисан“ и „даеву матиз“. Денеска, до Основното јавно обвинителство Скопје, против нив е поднесена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „тешки дела против општата сигурност" по чл. 292, а во врска со чл. 288 од Кривичниот законик.

На 28.04.2022 околу 00.20 часот на локалниот пат во тетовско Горно Палчиште, полициски службеници на СВР Тетово го привеле 22-годишниот А.Б. од тетовска Голема Речица затоа што при негов и преглед на патничко моторно возило „опел вектра“, што тој го управувал, биле пронајдени два ножа. Пронајдените ножеви му биле одземени и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

На 27.04.2022 во напуштена куќа во с.Гостиражни, општина Долнени, полициски службеници од Полициското одделение Ропотово, при преземање мерки и контрола пронашле околу 10,5 метри просторни нежигосани дабови огревни дрва. Дрвата биле предадени на Шумска полиција Прилеп и по целосно докумнетирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 27.04.2022 во 16.20 часот, полициски службеници на СВР Тетово на 39-годишната Н.Б. од Куманово, со престој во Тетово, и изготвиле соодветен поднесок за питачење на улица „Маршал Тито“ во Тетово, каде била затекната.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Д.(38) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Тој, на 7 медицински рецепти извршил преправки и го фалсификувал поттписот од вработеното медицинско лице во здравствена установа. Потоа, фалсификуваните документи, како вистински, ги приложил во една аптека во Охрид, успеал да ги доведе во заблуда вработените, од каде неовластено набавил ампули со течен диазепам.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Д.П.(24) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотички дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При преглед, извршен во неговото патничко возило „киа“ на магистралниот пат Кичево-Охрид, полициските службеници пронашле и одзеле марихуана.

На 27.04.2022 во 23.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на Кеј „13-ти Ноември“, во угостителски објект бил нарушен јавниот ред и мир. Од полициски службеници од Полициската станица Центар било излезено на местото на настанот и било констатирано дека И.Л.Т.(48) од Велика Британија го нарушил јавниот ред и мир на јавно место со карање, викање и дрско однесување, а потоа агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Исто така и Н.Ј.Д.(34) од Велика Британија го нарушил јавниот ред и мир и постапил спротивно на наредба на полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Тие биле приведени во Полициската станица Центар за понатамошна постапка.

На 27.04.2022 околу 18.30 часот во Полициската станица Драчево било пријавено дека, по претходна расправија, Д.П.(34) од Скопје физички го нападнал В.Н.(25) од Скопје. По целосно комплетирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против малолетник од с.Дебреше, гостиварско, поради сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 10.02.2022 во с.Дебреше, по претходна расправија, со метален предмет нападнал малолетник од с.Врапчиште.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.П.(51) и Х.П.(48), двајцата од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 04.03.2022 на ул. „Илинденска“ во Гостивар, првопријавениот со возило го удрил А.С.(55) од с.Дебреше, по што двајцата физички го нападнале.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Ј.П.(60) и С.П.(56), двајцата од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторeно кривично дело „насилство“. На 02.04.2022 во Кочани, пријавените физички ги нападнале А.Ч. и Д.Ч., а оштетиле и дел од стаклата на прозорите од куќата.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Н.А.(31) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „одземање на моторно возило“ и едно кривично дело „кражба“. На 02.11.2020 на ул.„Есперанто“, пријавениот одзел патничко возило „мерцедес“, на 15.12.2021 на ул.„Ѓорче Петров“ одзел патничко возило „хјундаи“ и на 25.01.2022 на ул.„Ѓорче Петров“ одзел патничко возило „фолксваген пасат“. Пријавениот, делата ги извршил на идентичен начин, односно искористувајќи го невниманието на сопствениците, кои ги оставале возилата отклучени на работен погон, ги одземал возилата и го напуштал местото на настанот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Т.Б.(54) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности’’. Во текот на мај 2021, на локалитет Попова Шапка, пријавениот поставил монтажен објект на катастарска парцела, која е евидентирана на АД „Елем“, без да поседува соодветна документација од надлежен државен орган.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ж.Р.(28) од с. Блаце поради сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. На 14.03.2022 на регионалниот пат Тетово – Брвеница, полициски службеници запреле патничко возило „мерцедес“, управувано од пријавениот, а од извршената контрола било констатирано дека пријавениот врши јавен превоз на патници без лиценца.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против Р.С.(30) од Дебар, поради сомнение за сторено кривично дело ,,давање лажен исказ”. На 07.08.2021, при поднесување барање за издавање возачка дозвола пред Управна постапка, дал лажна изјава дека неговата возачка дозвола е изгубена, иако таа му била одземена од полициски службеници од Републука Грција, заради сторен сообраќаен прекршок и неплатена казна.