Извадок на дел од дневни настани 13.01.2022

На 12.01.2022 во 18.15 часот полициски службеници од СВР Тетово - Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода П.Е. (35) од Гостивар, поради сомнение дека сторил кривични дела „тешки кражби“, извршени во текот на декември 2021 година од деловни објекти во Гостивар. Притоа кај него биле пронајдени и одземени повеќе предмети кои потекнуваат од кривичните дела, кои ќе им бидат вратени на сопствениците. П.Е. е приведен и задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 12.01.2022 од страна на полициски службеници од Полициска станица за граничен премин и граничен надзор Богородица биле лишени од слобода Ф.С.(20) и Б.Е.(19), двајцата српски државјани. Имено, во близина на бензинска станица кај Смоквица, при контрола на патничко возило „голф“, со српски национални ознаки, управувано од Ф.С., каде како совозач бил Б.Е., било констатирано дека во возилото се превезуваат 9 лица мигранти од Куба, од кои две малолетни лица, кои оствариле илегален влез во државата. Во координација со Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК Скопје возачот и совозачот се приведени и против нив ќе биде поднесена кривична пријава, а лицата мигранти се пренесени во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија.

На 13.01.2022 околу 02.36 часот, на ул.„Тоде Думба“ во Куманово, патничко возило „пежо“, со кумановски регистарски ознаки, во кое се превезувале П.П.(26) и Н.С.(29), двајцата од Куманово, удрило во ограда и во паркирано возило. На местото на несреќата починал П.П., а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош. Н.С. се здобил со телесни повреди, констатирани во Општата болница Куманово. Екипа од СВР Куманово извршила увид на местото на несреќата.

На 11.01.2022 од полициски службеници од Полициското одделение Чашка биле лишени од слобода М.Ѓ.(59) и Д.Т.(36), двајцата од Прилеп. При контрола на возило „лада нива“, со прилепски регистарски ознаки, управувано од М.Ѓ., каде како сопатник бил Д.Т., извршена околу 17.00 часот на подрачјето на с.Степанци, Чашка, во близина на манастирот „Св.Димитрија“, ловочувари и полициски службеници пронашле две ловни пушки и соодветна муниција за кои двете лица не поседувале дозвола. Лицата се приведени, оружјето им е одземено и против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 12.01.2022 во 17.05 часот полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода Б.Ш.(27) и Ш.И.(33), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение дека на 08.12.2021 на бул.„3. Македонска ударна бригада“ предизвикале пожар во патничко возило „фиат деа“, сопственост на С.К. од Куманово. Тие биле приведени и задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 13.01.2022 околу 02.00 часот на регионалниот пат Кавадарци – Росоман, кај место викано „Северова падина“, патничко возило „мерцедес“, со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Т.М.(22), излетало од патот. Во несреќата Т.М. се здобила со тешки телесни повреди, а сопатникот В.Ш.(20) со телесни повреди, констатирани во болницата во Кавадарци. Бил извршен увид на местото на несреќата.

На 12/13.01.2022 полициски службеници од СВР Охрид извршија претрес во домот на А.А.(52) од охридското село Горенци. Притоа, пронајдени се и одземени една ловна пушка „Монте Карло“ калибар 12 милиметри и 30 куршуми за ловна пушка различен калибар што нелегално ги поседувал. По целосно документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.

Полициски службеници од СВР Тетово, во рамки на континуираните контролни активности за откривање и санкционирање на лица кои управуваат технички неисправни возила, вчера (12.01.2022) откриле и санкционирале четири технички неисправни возила (ТЕ-2 и ГВ-2), кои вршат јавен превоз. Тие веднаш биле исклучени од сообраќај до отстранување на констатираните неисправности. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци, при што ќе се соочат со парична глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност.

На 12.01.2022 во 12.30 часот во Полициската станица Аеродром, З.Н.(49) од Скопје пријавил на ул.„23 Октомври“ бил каснат од куче скитник.

Во текот на изминатото деноноќие (12.01/13.01.2022) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 18 прекршоци.

На 12.01.2022 во 16.15 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Г.Т.(52) од Скопје пријавила дека на ул.„Лука Геров“ била касната од куче скитник.

 

На 12.01.2022 во 17.30 часот, по преземени мерки и активности во трговски центар на подрачјето на Гази Баба, од страна на полициски службеници од ОКР Гази Баба, биле затекнати двајца малолетници од с.Арачиново, непосредно откако извршиле две тешки кражби во продажен објект, а кај нив биле пронајдени одземените предмети. Двајцата сторители се доведени во Полициската станица Гази Баба и во присуство на родители извршен бил разговор од страна на инспектори по малолетничка деликвенција. Одземените предмети биле вратени на оштетените, а во координација со Јавен обвинител за малолетници, по комплетирање на материјалот ќе биде поднесена соодветна пријава.


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Б.Р.(25) од Берово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. Во временскиот период од 31.07.2021 до 17.08.2021 година, пријавениот неовластено навлегол во трансакциска сметка сопственост на лице од Берово и, искористувајќи ги нејзините податоци, во 23 наврати направил незаконски трансакции, со што се стекнал со противправна имотна корист 22.526 денари.


На 13.01.2022 во 00.20 часот било пријавено дека на подрачјето на Центар, по претходна меѓусебна расправија, М.С.(19) од Скопје му оштетила предмет на С.М.(22) од Скопје, по што тој физички ја нападнал. По целосното документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.


На 12.01.2022 во 15.10 часот А.П.(36) од Велес пријавил дека на подрачјето на Бит Пазар, по претходно недоразбирање околу сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.


ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против И.П.(46) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Пријавениот во почетокот на јуни минатата година во повеќе наврати му упатувал закани на оштетениот, со кого имал должничко-доверителски односи. 


На 13.01.2022 во 00.20 часот З.Ж.(50) од Скопје пријавил дека на 12.01.2022 околу 22.20 часот на подрачјето на Центар неговиот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник.  Се работи на расчистување на случајот. 


На 12.01.2022 во 20.00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, З.К.(55) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечила неговата сопруга З.К.(32). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


Регионален центар за гранични работи Север и Регионален центар за гранични работи Исток поднесоа девет кривични пријави против 10 сторители: А.С.Ф.(43), Б.Ф.(43), М.К.(28), Б.К.(50), К.Д.(22), А.Н.(52), М.Ј.(21), Н.Н.(18), Б.Ч.(27) и А.М.(52), сите македонски државјани, поради постоење основи на сомнение за сторени 18 кривични дела „фалсификување на исправа“ и „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Имено, пријавените во периодот од 16.02.2021 до 06.01.2022 година, на граничните премини „Табановце“ и „Деве Баир“ приложиле фалсификувани документи од наводно извршени ПЦР тестови.


На 12.01.2022 во 23.35 часот во обложувалница на подрачјето на Центар, две лица со закана од вработениот одзеле пари. Се работи на расчистување на случајот.


На 13.01.2022 во 02.30 часот С.З.(19) од Скопје, пријавил дека на 12.01.2022 околу 21.00 часот на подрачјето на Центар неговиот малолетен брат бил физички нападнат од неколку лица. Се работи на расчистување на случајот. 


На 12.01.2022 во 16.00 часот било пријавено дека на Зелен пазар, во продавница во сопственост на Н.Н.(72) и А.Н.(71) од Скопје, две лица се обиделе со закана да одземат пари, но откако не успеале, со тврд предмет го скршиле стаклото на излогот. Се работи на расчистување на случајот. 


На 13.01.2022 во 01.50 часот било пријавено дека на подрачјето на Аеродром, на паркинг, настанал пожар во три патнички возила. Полициски службеници излегле на лице место и констатирале дека станува збор за патничките возила: „бмв“, сопственост на Р.М.(47) од Скопје, „форд фиеста“, сопственост на Д.Ѓ.(67) од Скопје, двете со скопски регистарски ознаки, и „киа“, со кумановски регистарски ознаки, сопственост на Д.Ј.(60) од Крива Паланка. Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита, а повредни лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.