Извадок на дел дневните настани 03.12.2021


 На 02.12.2021 во 15.00 часот на ул.„Браќа Чакреви“, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Д.(55) од Скопје. Тој бил баран по централна потерница за издржување на казна затвор за сторено кривично дело по член 297 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Скопје за издржување на казната.

На 02.12.2021 во 14.10 часот на ул.„Методија Андонов Ченто“ во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода З.А.(66) од с.Брест, општина Чучер Сандево. Тој бил приведен по наредба на Основното јавно обвинителство, поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Основното јавно обвинителство за понатамошна постапка.

На 02.12.2021, по преземени мерки и активности, полициски службеници од Отсекот за економски криминал при СВР Штип ги лишиле од слобода Е.Ј.(39) и С.Ј.(45), од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лихварство“ казниво по член 260 од Кривичниот законик. Тие се сомничат дека давале пари на заем со писмени и усни договори и притоа за себе договарале несразмерно високи камати. Кај нив биле пронајдени и одземени предмети кои потекнуваат од кривичното дело - пари, банкарски картички, лични документи на оштетени граѓани и две тетратки во кои биле евидентирани заеми дадени по енормно високи камати на лица од социјално загрозени семејства корисници на социјална помош и останати социјални додатоци. Се работи на целосно документирање на случајот, по што против Е.Ј. и С.Ј. ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02.12.2021 околу 18.50 часот во објект на ул.„Ѓорче Петров“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода А.А.(27) од Скопје, Н.Д.(30) од Струмица и тетовците Е.А.(30) и И.А.(62), затоа што при нивен и преглед на просторијата во која се наоѓале биле пронајдени хероин и нож. Во координација со Јавен обвинител тие се задржани во Полициската станица Тетово и по расчистување и документирање на случајот ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци.

На 02.12.2021 во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода М.Ј.(34) од Прилеп, затоа што кај него била пронајдена марихуана. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02.12.2021 во 11.15 часот, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 69-годишниот М.И. од тетовски Пирок, кој се однесувал агресивно и ја спречувал Д.М.(63) во извршување на службени дејствија околу геодетско мерење на имот во селото. Тој бил задржан во полициска станица за расчистување и документирање на случајот, по што ќе му биде поднесена соодветна пријава.

На 02.12.2021 на подрачјето на СВР Штип, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 34 прекршоци, од кои 21 надвор од населено место и 13 во населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Истиот ден, во периодот од 07.00 до 11.00 часот, СВР Штип спроведе акциска контрола на возачи кои не даваат првенство на минување на пешаци на пешачки премин. Притоа, биле откриени 2 прекршоци и на возачите им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 9 други видови на прекршоци, од кои 2 за нерегистрирано возило, 2 за управување возило под дејство на алкохол, 4 за некористење сигурносен појас и 1 за користење мобилен телефон.

На 01.12.2021 во 09.50 часот во Полициското одделение Нов Дојран, Б.Л.(67) од Стар Дојран пријавил дека во близина на неговата куќа пронашол граната, која била безбедно подигната од инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување Струмица. Притоа било утврдено дека се работи за неексплодирана граната која потекнува од Прва светска војна со калибар 105 мм.

На 02.12.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле преземени 8 мерки за пречекорување на максималната дозволена брзина во населено место. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

На 02.12.2021 во 11.08 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосница од ул.„Добривоје Радосављевиќ“ и ул.„Рузвелтова“, товарно возило „форд транзит“, со битолски регистарски ознаки, управувано од И.Г.(23) од Битола, удрило во пешакот Г.П.(72) од Битола. Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобила Г.П., констатирани во Клиничката болница во Битола. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола.

На 02.12.2021 во 17.10 часот во Полициската станица Кочани било пријавено дека на ул.„Страшо Ербапче“ непознато патничко возило удрило во малолетен пешак од Кочани и го напушило местото на несреќата. Малолетничката се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Јавната здравствена установа Кочани. Извршен бил увид од екипа од Полициската станица Кочани и се работи на расчистување на случајот.

На 02.12.2021 во 19.30 часот во Полициската станица Аеродром, М.Т.(51) од Скопје пријавила дека на ул.„Симеон Кавракиров“ била касната од куче скитник.

Во текот на изминатото деноноќие (02.12/03.12.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 30 прекршоци.

На 02.12.2021, по преземени мерки и активности, полициски службеници од Отсекот за економски криминал при СВР Штип ги лишиле од слобода Е.Ј.(39) и С.Ј.(45), двајцата од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лихварство“, казниво по член 260 од Кривичниот законик. Тие се сомничат дека давале пари на заем со писмени и усни договори и притоа за себе договарале несразмерно високи камати. Кај нив биле пронајдени и одземени предмети кои потекнуваат од кривичното дело - пари, банкарски картички, лични документи на оштетени граѓани и две тетратки во кои биле евидентирани заеми дадени по енормно високи камати на лица од социјално загрозени семејства корисници на социјална помош и останати социјални додатоци. Се работи на целосно документирање на случајот, по што против Е.Ј. и С.Ј. ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02.12.2021 околу 14.00 часот, помеѓу складиран градежен материјал на ул.„Црни Дрим“ во Дебар, по претходна пријава, полициските службеници пронајдоа една автоматска пушка, една рамка за автоматска пушка со 30 куршуми, една рамка за пиштол со 15 куршуми и една ќеса со марихуана. Предметите се одземени и обезбедени за натамошна постапка и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска(03.12.2021), во периодот од 08.00 до 12.00 часот, на подрачјето на СВР Тетово спроведена е акциска контрола на пешаци, како и колку тие ги почитуваат сообраќајните знаци, правила и прописи. При контролата биле изречени вкупно 28 мерки (ТЕ-17 и ГВ-11), најмногу за небезбедно преминување на улиците надвор од обележани пешачки премини. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци и ќе бидат повикани на сообраќајни поуки. При контролата, исто така, откриени и санкционирани се и 14 други видови сообраќајни прекршоци(ТЕ-5 и ГВ-9).

Денеска, (03.12.2021) СВР Битола поднесе кривична пријава против А.Н(37) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик. Пријавениот, во својство на службено лице, директор на Националната установа - Музеј на албанската азбука во Битола, во периодот од 2015 до 2020 година во повеќе наврати постапил спротивно на Закон за јавни набавки и Закон за музеите и на повеќе физички лица им овозможил незаконски да се стекнат со имотна корист, а со тоа го оштетил буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 4.128.551 денари.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против С.Р.(43) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“ и „непостапување според здраствени прописи за време на епидемија“. Тој, на 27.09.2021 година, и покрај забраната за движење и задолжителна изолација по издадено решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, се упатил во спортска обложувалница во Струга и со остар предмет физички го нападнал вработениот во објектот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Е.Ј.(44) од с. Градец, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 17/18.10.2021 во с.Неготино, гостиварско, пријавениот од пиштол „SIG SAUER“ калибар 9 мм испукал неколку истрели во воздух. Од извршеното вештачење било утврдено дека пронајдените чаури на местото на настанот одговараат на одземениот пиштол од пријавениот.

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против А.И.(36) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторeно кривично дело „насилство врз дете“. Во периодот од 08.10. до 10.10.2021, пријавениот физички го нападнал, му се заканувал и го принудувал да питачи малолетното дете на неговата поранешна невенчана сопруга, а парите му ги одземал насилно. Потоа, заедно со неговиот син го присилувале малолетникот да врши кражби во Штип.

Денеска (03.12.2021) околу 07.50 часот во близина на с.Ново Коњарево, струмичко, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Исток при Бирото за јавна безбедност го лишиле од слобода М.А.К. од Република Бугарија. При преглед во возилото „мерцедес“, со бугарски национални ознаки, кое го управувал, била пронајдена и одземена поголема количина трговска стока без потребните документи, за која нема платено царински давачки. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.Ј.(44) од с.Брежани, општина Дебрца, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 04.11.2021 на објавена фотографија, пријавениот од својот Фејсбук профил поставил коментар со кој промовирал и поттикнувал омраза.

ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против А.Д.(41) од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 10.09.2021, пријавениот на неговата тетка телефонски ѝ кажал дека неговите родители имале сообраќајна несреќа во која била повредена и нејзината сестра и дека од болницата им побарале пари за нејзино лекување. Таа му дала 450 евра за лекување на нејзината сестра, а откако се јавил повторно и побарал пари за лекување и на неговите родители таа се посомневала и отишла во болницата во Тетово да ги провери наводите. Откако ѝ било потврдено дека нема пациенти со такви лични податоци, случајот го пријавила во СВР Тетово. Набргу потоа, тој бил пронајден и приведен и во службен разговор со полициски службеници изјавил дека парите ги потрошил во казино.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.Т.(56) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”. Пријавената, работејќи како службено лице - овластен градежен инспектор во Секторот за инспекциски надзор - Инспекторат при општина Куманово, при вршење на инспекциски надзор по пријава за узурпација на државен имот, пропуштила да донесе должен правен акт и несовесно постапила во вршењето на своите должности и овластувања.

ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против М.И.(38) од с.Чегране, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Во мај 2020 година во с.Чегране, на место викано ,,Рудина“, пријавениот узурпирал земјиште сопственост на Република Северна Македонија, при што извршил ископ на канали и ги срушил заштитните метални столбови со жица кои биле поставени покрај парцелата. Со ваквите дејствија пријавениот нанел штета на Република Северна Македонија.

Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе кривични пријави против Л.Е.(24) и А.А.(32) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа” и „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија”. На 15.10. и 17.10.2021 година на Граничен премин Табановце, пријавените при влез во Република Северна Македонија приложиле фалсификувани ПЦР тестови.

ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против С.Е.(49) од с.Чајле, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија”. На 18.09.2021 во 21.00 часот, полициски службеници во содејство со службени лица од Државен пазарен инспекторат извршиле контрола во неговиот угостителски објект на ул.„Живко Брајковски“ во Гостивар, при што биле затекнати неколку лица кои биле услужени без сертификат за вакцинација. Од Државниот пазарен инспекторат објектот бил затворен, а од полициски службеници пријавениот бил лишен од слобода и приведен во Полициската станица Гостивар.

На 02.12.2021 во 03.00 часот во СВР Скопје, Ѕ.Р.(41) од Скопје пријавил дека на 01.12.2021 во 23.45 часот во угостителски објект во нас.Трубарево, скопско, бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 02.12.2021 во СВР Скопје, Д.К.(31) од Скопје пријавил дека во 08.00 часот настанал пожар во стан на подрачјето на Центар. Пожарот бил изгаснат од екипа на Противпожарната единица од Скопје, а повредени лица нема. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.С.(20), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство”. Пријавениот, на ул.„Тоде Мендол“, по претходна расправија, го нападнал со остар предмет Ф.Р. и му нанел повреди.

На 02.12.2021 во 13.30 часот во СВР Скопје, А.Љ.(44) од с.Арачиново, скопско, пријавил дека околу 13.30 часот во Полициската станица Бит Пазар, по претходна расправија, бил физички нападнат од И.Ф., инаку и двајцата странки во станицата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 01.12.2021 во 17.58 часот во СВР Скопје, С.Р.(39) од Скопје пријавила дека околу 17.10 часот во двор на основно училиште на подрачјето на Бит Пазар нејзината малолетна ќерка била физички нападната од А.Б.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 02.12.2021 околу 13.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред угостителски објект на подрачјето на Бит Пазар, поради нерасчистени семејни проблеми, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу С.А.(39) и А.Ф.(28), двајцата од с.Арачиново, скопско. Притоа, кај С.А. биле пронајдени и одземени пиштол „застава ТТ М57“ калибар 7.62мм, рамка со девет куршуми калибар 7.62мм, седум куршуми калибар 7.62мм и други предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следуваат поднесоци.

На 02.12.2021 во 13.00 часот во СВР Скопје, Р.К.(39) од Скопје пријавил дека околу 08.10 часот, на подрачјето на Бит Пазар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, му биле упатени закани со огнено оружје од И.А. (29). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ф.А.(53) и Е.А.(55), двајцата од с.Лакавица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 17.10.2021, пријавените физички го нападнале И.К.(43).

На 02.12.2021 во 11.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека од домот на згрижувачко семејство се оддалечиле малолетниците Е.А. и Л.А.. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата.

Одделението за прекуграничен криминал и миграции Куманово поднесе кривична пријава против Н.Н.(57), поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа” и „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија”. На 17.10.2021 на Граничен премин Табановце пријавената при излез во Република Северна Македонија приложила фалсификуван ПЦР тест.