Извадок на дел од дневните настани 24.11.2021

Денеска (24.11.2021) околу 01.00 часот на улица „Илинденска“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода Х.С.(26) од гостиварско Речане и 24-годишната Д.С. од Република Косово. При нивен и преглед на возилото „фолксваген голф“ со гостиварски регистарски ознаки, со кое се превезувале, била пронајдена марихуана. Двајцата се задржани во Полициската станица Тетово за расчистување и документирање на случајот, по што ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци.

На 24.11.2021 во 00.40 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје на подрачјето на Центар го лишиле од слобода Г.Б.(39) од Скопје затоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 23.11.2021 во 19.50 часот на ул.„Димитрија Чуповски“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода малолетник од Скопје. Тој бил затекнат при извршување разбојништво во продажен објект. Одземениот промет веднаш бил вратен во касата, а од него бил одземен ножот со кој го извршил делото. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 23.11.2021 во 16.00 часот во Виница, полициски службеници од Полициската станица Виница го лишиле од слобода Џ.С.(51) од с.Романовце, кумановско. При истовар на товарно возило и полуприколка со кумановски регистарски ознаки во фабрика во Виница биле пронајдени две лица мигранти, А.Ј.(23) и М.Н.(26), двајцата од Сирија. За настанот бил запознаен Јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција, а мигрантите биле пренесени во Прифатнуиот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 23.11.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле преземени 22 мерки и тоа 15 за пречекорување на максималната дозволена брзина во населено место и 7 за пречекорување на максималната дозволена брзина надвор од населено место. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

На 23.11.2021 во периодот од 09 до 14.00 часот на поширокото гостиварско подрачје спроведена е локална контрола за престигнување, во која биле откриени и санкционирани 21 прекршок. Најголемиот број од прекршоците (19) се однесувале на престигнување на забранети места. На сите прекршители изготвени им се поднесоци.
Вчера, во Тетово, биле санкционирани шест лица кои управувале возила без положен возачки испит и исто толку кои непрописно ги паркирале нивните возила, најчесто во таканаречени „двојни редови“, на тротоари, во зона на крстосници или на обележани пешачки премини.

На 24.11.2021 околу 02.45 часот во ОВР Свети Николе било пријавено дека на крстосница од локалниот пат за с.Горобинци, светиниколско, патничко возило „ауди“, управувано од В.С.(37) од Свети Николе, излетало од патот. Во несреќата возачот и сопатничката С.А.(21) од Свети Николе се здобиле со повреди и починале на местото на настанот. Сопатникот Д.Ј.(28) се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Јавна здравствена установа Свети Николе. Увид на местото извршиле Јавен обвинител и увидна екипа на ОВР Свети Николе.

На 23.11.2021 во 10.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Ѓорче Петров“, на спојување со ул.„Крсто Раковски“, товарно моторно возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Љ.А.(47) од Берово, удрило во велосипед управуван од Г.М.(77) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Градската општа болница „8-ми Септември“. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје.

На 23.11.2021 во 12.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Јане Сандански“, во автобус на ЈСП, управуван од И.Б.(52) од Скопје, паднала патничка С.А.(61) од Скопје. С.А. се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје.

На 23.11.2021 во 12.15 часот во Полициската станица Карпош, Т.С.(56) од Скопје пријавила дека на ул.„Трнодол“ нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник.

На 23.11.2021 во 22.00 часот во Полициската станица Драчево, Д.С.(57) од Скопје пријавил дека на ул.„Иван Хаџиниколов“ бил каснат од куче скитник.

Во текот на изминатото деноноќие (23.11/24.11.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 20 прекршоци.

На 23.11.2021 во 23.00 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово, врз основа на судска наредба, го лишиле од слобода E.Р.(25) од Куманово за издржување на казна затвор за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик. Тој бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор К'шање за издржување на казната. 


Во текот на вчерашниот ден (23.11.2021) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 126 возачи. Од нив осум возилa се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 53 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 73 надвор од населено место.


СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Ч.(38) од Велес и О.К.(47) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“. Двете, во својство на инвеститори на станбен објект на улицата „Ѓорче Петров“ во Охрид, без одобрение извршиле неовластена доградба и узурпирале државно земјиште. 


На 24.11.2021 во 05.00 часот, полициски службеници од Полициската станица Гевгелија во приколка од товарно возило со српски регистарски ознаки, кое било паркирано на бензинска пумпа во близина на граничен премин Богородица, пронашле пет лица мигранти од Сирија, на возраст помеѓу 20 и 30 години. Мигрантите се предадени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија. Се работи на расчистување на случајот.


На 24.11.2021 околу 01.00 часот во с.Текија, скопско, полициски службеници од Полициското одделение Петровец го лишиле од слобода Б.К.(23) од с.Петровец затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Тој бил приведен во полициска станица. Претходно, Б.К. пријавил дека околу 00.00 часот во с.Дељадровци, скопско, бил физички нападнат од А.Н., Б.Н. и С.Д., а по излегување на местото Б.К. физички го нападнал полицискиот службеник. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.  


На 23.11.2021 околу 16.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг на основно училиште „Живко Брајковски“ на ул.„Хо Ши Мин“, М.Б. од огнено оружје пукал во паркирано патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, во кое биле М.А. и А.У.(34), двајцата од Скопје. Притоа, со повреди се здобиле М.А. и А.У., по што М.А. бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ за укажување лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 


На  23.11. 2021 во 14.50 часот  во  СВР Куманово  било пријавено дека во куќа во населбата Перо Чичо, извршувајќи градежни работи на кровот од куќата, паднал М.К.(51) од село Облавце, општина Старо Нагоричане и починал на местото. Извршен бил увид, а од екипа на Итна медицинска помош била констатирана смрт. По наредба на Јавен обвинител телото било предадено  на обдукција.  


На 23.11.2021 во СВР Битола било пријавено дека во бунар во с.Кукуречани било пронајдено телото на Б.М.(55) од с.Кукуречани. Телото било извлечено од екипа на Територијалната противпожарна единица, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Увид извршила екипа на СВР Битола. 


На 23.11.2021 во 15.15 часот во СВР Скопје, И.К.(40) од Скопје пријавил дека во 14.50 часот на подрачје на Карпош, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од З.М.(61) од Скопје. Сочинет е записник за констатиран прекршок од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.  


На 24.11.2021 во 02.25 часот во Полициската станица Чаир било пријавено дека во с.Визбегово, скопско, настанал пожар во патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.И.(37) од с.Визбегово. Повредени лица нема. Увид ќе се врши во текот на денот. 


На 23.11.2021 околу 19.00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Г.А.(36) од с.Сарај, скопско, пријавил дека околу 16.30 часот, додека извршувал работни задачи со патничко возило за приватна брза пошта, во с.Радуша три лица со закана со оружје му одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  


На 23.11.2021 во 15.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека од Јавна установа за згрижување деца самоволно се оддалечила нивната штитеничка Л.Д.(18), која и претходно се оддалечувала од установата и била враќана назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето. 


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С.Ш.(40) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста при тепачка или караница“. На 23.09.2021 во Гостивар, пријавениот физички го нападнал и се обидел со остар предмет да го повреди Г.Ш.Ш.(22) од Гостивар, но бил спречен од таткото на Г.Ш.Ш.. 


СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Г.(22) од с.Мала Речица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги,психотропни супстанци и прекурсори“. На 29.12.2020 на стариот пат од с. Желино кон Тетово, на паркинг простор, полициски службеници извршиле преглед во паркирано патничко возило „фолксваген голф“, сопственост на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.  


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава  против Д.К.(42) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 30.11.2020 во Гостивар, полициски службеници службеници извршиле преглед во возило „фолксваген голф“ со словачки регистарски ознаки, во кое биле три лица од с. Врапчиште, гостиварско, при што бил пронајдени одземен кокаин, а тие биле приведени во полициска станица. Во разговор со полициски службеници тие изјавиле дека дрогата ја купиле од пријавениот.