Извадок на дел од дневните настани 23.11.2021

На 22.11.2021 во 23.45 часот, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје на подрачјето на Гази Баба го лишиле од слобода С.Б.(27) од Скопје. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени марихуана и бела прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 22.11.2021 на ул.„Бидимаж“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода Ч.Д.(30) и А.Д.(28), двајцата од Прилеп, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 22.11.2021 во 11.15 часот на граничен премин „Табановце“, полициски службеници ја привеле А.К.(25) од Русија, затоа што при контрола приложила ПЦР тест за кој по извршена контрола било констатирано дека е фалсификат. Лицето било предадено на полициски службеници од Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и редамисија Куманово за понатамошна постапка.

На 22.11.2021 околу 09.35 часот во тетовски Копачин дол, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода М.Ј.(30) од истото село. Тој бил затекнат како пренесува огревни дрва без потребните документи. Извршен е увид, дрвата се одземени и предадени и на Шумска полиција, а М.Ј. бил задржан во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот, по што против него ќе следува соодветен поднесок.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (22.11.2021) продолжи со акциски контроли во областа на сообраќајот. На територијата на град Скопје изречени се вкупно 131 мерка, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 35 санкции, 24 за возење без возачка дозвола, пет санкции за користење мобилен телефон, четири мерки за возење под дејство на алкохол, 30 за непрописно паркирање.

На 22.11.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле преземени 14 мерки, и тоа 9 за пречекорување на максималната дозволена брзина во населено место и 5 за пречекорување на брзината надвор од населено место. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

На 22.11.2021 во 15.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот Скопје – Куманово, спроти нас.Хиподром, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел корса“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.Т.(41) од с.Долно Коњари, скопско и патничко возило „сеат ибица“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од А.С.(44) од с.Агино село, кумановско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничка од возилото „сеат ибица“, Б.Т.(47) од с.Агино село, а уште една сопатничка од возилото, А.С.(26) од истото село, и двајцата возачи се здобиле со телесни повреди констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 22.11.2021 во 08.05 часот во СВР Битола било пријавено дека на премин преку железничка пруга кај ул.„Индустриска“ во Битола се случила железничка несреќа помеѓу работна машина на Железници на РСМ, која сообраќала на релација Богомила - Битола и патничко возило „пежо 206“, со битолски регистарски ознаки, управувано од М.К.(35) од Битола. Во несреќата двајца малолетни сопатници од возилото се здобиле со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница во Битола. Извршен бил увид на местото од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Битола.

На 22.11.2021 во 19.50 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, С.И.(40) од Тетово пријавил дека на ул.„Кадињача“ неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

Во текот на изминатото деноноќие (22.11/23.11.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 19 прекршоци.

На 22.11.2021 во 07.40 часот во СВР Тетово било пријавено дека на локалниот пат во с.Добарце, тетовско, патничко возило „фолксваген голф“, со тетовски регистарски ознаки, управувано од Џ.С.(54) од с.Добарце, излетало од патот. Во несреќата возачот се здобил со тешки телесни повреди, а сопатникот се здобил со телесни повреди, констатирани во Клиничката болница во Тетово. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Тетово.

На 22.11.2021 во 19.00 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, Е.М.(26) од Скопје пријавила дека на ул.„Индира Ганди“ била касната од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Т.Ф.(62) од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 31.01.2021 во Берово, на место викано „Црвени брегови“, пријавениот бил затекнат во лов со ловечка пушка „ИЖ 58“ калибар 16 мм, за која не поседувал дозвола. 


Полициски службеници од СВР Куманово, по преземени мерки и активности, ја расчистија кражбата во маркет во с.Лопате, кумановско, која се случи на 15.11.2021, при што беа одземени повеќе производи. Поради постоење основи на сомнение дека се сторители на кривичното дело, во СВР Куманово бил извршен службен разговор со двајца малолетници од Куманово. Поголем дел од предметие биле пронајдени кај нив и ќе бидат вратени на сопственикот, а по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава. 


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Б.М.(39) од с.Поум, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 19.06.2021 во Струга, поради претходни меѓусебни недоразбирања, пријавениот со уште едно лице физички го нападнале Л.Х.(23) од с.Радолишта, струшко и му нанеле тешка телесна повреда. 


На 22.11.2021, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода И.Ј.(25) од Скопје, затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници кои преземале службени дејства. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 


На 22.11.2021 во СВР Битола било пријавено дека во близина на с.Маково, при сечење дрва, А.А.(43) од Прилеп се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Клиничката болница во Битола за укажување лекарска помош. Увид на местото извршила екипа на СВР Битола. 


На 22.11.2021 во 19.15 часот во СВР Скопје, Б.Р.(36) од с.Огњанци, скопско, пријавил дека во неговата куќа бил физички го нападнат од неговите роднини Б.Т. и В.Т. поради нерасчистени должничко – доверителски односи. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 


На 22.11.2021 во ОВР Прилеп, И.С.(45) од Прилеп пријавил дека во периодот од 19.00 часот на 20.11.2021 до 07.00 часот на 22.11.2021 со употреба на сила било влезено во деловен објект на ул.„11 Октомври“ во Прилеп и биле одземени пари и лап топ компјутер. Увид извршила екипа на ОВР Прилеп и се преземаат мерки за расчистување на случајот.  


На 22.11.2021 во 16.15 часот во СВР Скопје, од Јавна установа за згрижување деца било пријавено дека самоволно се оддалечил нивниот штитеник С.Ј.(13) од Битола, кој и претходно во повеќе наврати се оддалечувал од установата и бил враќан назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


На 22.11.2021 во 10.00 часот во СВР Скопје, Б.К.Т.(41) од Скопје пријавила дека на 19.11.2021 околу 15.00 часот на игралиште на подрачјето на Аеродром, по претходно недоразбирање, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од К.А.Ж.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


На 22.11.2021 во СВР Скопје било пријавено дека од Јавна установа за згрижување деца самоволно се оддалечил нивниот штитеник Р.Џ.М.(14), кој и претходно во повеќе наврати се оддалечувал од установата и бил враќан назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 22.11.2021 во 17.40 часот во СВР Скопје, Ј.К.(48) од Скопје пријавил дека околу 14.00 часот на подрачјето на Гази Баба неговиот син бил физички нападнат од три лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


На 22.11.2021 во 14.30 часот во СВР Скопје, А.П.(35) од Скопје пријавила дека на ул.„1606“ била касната од куче скитник.