Извадок на дел од дневни настани 22.11.2021

На 21.11.2021 околу 22.30 часот во тетовско Камењане, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода Г.Р.(24) и Е.Р.(29) од гостиварски Добридол, затоа што кај нив биле пронајдени марихуана и дробилка. Двајцата се задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот против нив ќе бидат изготвени соодветни поднесоци.

На 22.11.2021 околу 00.30 часот, полициски службеници на СВР Тетово, во акциска контрола спроведена во угостителски објект на ул.„Страшо Пинџур“ во Тетово, сопственост на А.Б.(44) од тетовско Селце, ги лишиле од слобода Е.С.(22) од Република Србија и Б.С.(27) од Скопје, поради сомнение дека Е.С. го злоупотребила туристичкиот престој, а Б.С. поради сомнение за нејзина инволвираност во трговија со луѓе. Двете женски лица се задржани во Полициската станица Тетово за натамошна постапка.

На 21.11.2021 околу 08.15 часот во тетовско Мерово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од скопско Паничари, кој со неговото возило „фолксваген голф“, без регистарски ознаки, пренесувал огревни дрва без потребните документи. Возилото и дрвата се одземени и се предадени на Шумска полиција за натамошна постапка, а Ј.А. бил задржан во полициска станица за расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 21.11.2021, во периодот од 12.00 до 18.00 часот, на територијата на СВР Струмица била спроведена зајакната акциска контрола за санкционирање на возачи кои управувале возило со брзина поголема од пропишаната. Притоа биле санкционирани 62 возачи, од кои по 25 на подрачјата на Струмица и Радовиш и по 6 на подрачјата на Гевгелија и Валандово. Од санкционираните возачи 43 ја пречекориле брзината во населено место, а 19 надвор од населено место. За сторените прекршоци возачите биле соодветно санкционирани.

На 21.11.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле преземени 59 мерки, и тоа 44 за пречекорување на максималната дозволена брзина во населено место и 15 за пречекорување на брзината надвор од населено место. Откриени се и 7 други видови прекршоци. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

На 21.11.2021, СВР Штип спроведе акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, било констатирано дека 27 возачи ја пречекориле дозволената брзина, од кои 22 надвор од населено место и 5 во населено место. За сите прекршоци биле изготвени соодветни налози.

На 21.11.2021 во 14.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на патот кон с.Пуста Брезница, скопско, мотоцикл „хонда“, со скопски регистарски ознаки, управуван од Г.С.(51) од Скопје, излетал надвор од патот. Во несреќата мотоцикистот се здобил со тешки телесени повреди, по што бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош, каде починал. Извршен бил увид на местото на несреќата од увидна екипа од СВР Скопје.

На 21.11.2021 во 16.15 часот во Полициската станица Драчево, К.Е.(28) од Скопје пријавил дека на ул.„Јанко Мишиќ“ неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

Во текот на изминатото деноноќие (21.11/22.11.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 49 прекршоци.

На 21.11.2021 околу 01.40 часот на ул.„Маршал Тито“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово ја привеле косовската државјанка Л.М.(19), поради илегален влез и престој на подрачјето. Таа е задржана во Полициска станица Тетово за натамошна постапка.

На 21.11.2021 во периодот од 12 часот до 18 часот на подрачјето на СВР Охрид спроведени се акциски сообраќајни контроли. Притоа, полициските службеници санкционирале 70 возачи на моторни возила кои во и надвор од населено место управувале со брзина поголема од дозволената (Охрид-24, Струга-30, Кичево-08, Дебар-08).

На 21.11.2021 во 15.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во СОС „Детско село“ - Радишани се вратила нивната штитеничка И.П.(16) од Скопје, за која на 21.11.2021 беше пријавено дека се оддалечила од установата.

На 21.11.2021 во 12.30 часот во СВР Тетово, С.Ј.(58) од тетовско Шемшово пријавил дека во неговата нива во месноста „Леска“, во атарот на ова село, пронашол две рачни бомби и три куршуми калибар 12,5 милиметри. Извршен е увид, а пронајдените експлозивни средства се безбедно подигнати од претставник на Дирекцијата за заштита и спасување.

На 21.11.2021 околу 23.00 часот во СВР Скопје, И.С.(60) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Гази Баба тој и Р.П.(25) од Скопје, поради меѓусебно недоразирање, го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поденесе кривична пријава против А.А.(36), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 16.09.2021 во Гостивар, полициски службеници забележале дека пријавениот од патничко возило „рено“ исфрлил една ќеса со хероин.

ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против И.Д.(68) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 11.03.2021, пријавениот превезувал патници со минибус „мерцедес“ и при контрола од страна на полициски службеници било констатирано дека не ги почитувал правилата за превоз на патници за време на пандемија, односно дека превезувал повеќе патници од дозволеното.

На 20.11.2021 во 23.30 часот во СВР Скопје, С.Ј.(83) од Скопје пријавила дека во 17.15 часот на подрачјето на Центар едно лице ѝ одзело чанта со мобилен телефон и лични предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против пет малолетници од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 21.08.2021 на ул.„Маршал Тито“, пријавените физички ги нападнале Н.Е. и С.С. и им нанеле повреди.