На 24.10.2021 во 20.30 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје на подрачјето на Бит Пазар го лишиле од слобода Е.С.(36) од Скопје затоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 24.10.2021 на подрачјето на СВР Штип, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 15 прекршоци, од кои 10 во населено место и 5 надвор од населено место. Санкционирани биле и 42 други видови на прекршоци од кои 24 за управување возило без возчка дозвола, 8 за нерегистрирани возила , 6 за управување возило под дејство на алкохол, 1 за непрописно престигнување и 3 за некористење сигурносен појас.
На 24.10.2021 во 19.45 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосница од ул.„Широка“ и ул.„Смилево“ во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.Р.(42) од Битола и мопед без регистарски ознаки, управуван од малолетник од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, а малолетниот сопатник на мопедот се здобил со телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола. Увид извршила екипа на СВР Битола.
На 24.10.2021 во 22.25 часот во СВР Куманово било пријавено дека на регионалниот пат Куманово-с.Никуштак, во с.Отља, општина Липково, патничко моторно возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од А.С.(52) од с.Ропаљце, општина Липково, удрило во пешакот Н.С.(63) од с.Отља. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Општата болница во Куманово. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Куманово.
На 24.10.2021 во 21.25 часот во Полициската станица Аеродром, Ј.А.(22) од Скопје пријавил дека на бул.„АВНОЈ“ бил каснат од куче скитник.
Во текот на изминатото деноноќие (24.10/25.10.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 25 прекршоци.
На 24.10..2021 во 18.30 часот на улица „Арсо Војвода“ во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода С.А.(44) од Кичево затоа што кај него бил пронајден и одземен кокаин. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 24.10.2021, во 22.30 часот во ПО-Велешта Т.Ш. (32) пријавил дека околу 20.30 часот во центарот на с.Вевчани (пред кафе бар) додека следел митинг на политичка партија едно лице лажно му се претставило дека е полициски службеник и му побарало лична карта и откако ја фотографирал личната карта, му се заканил на пријавителот. Потоа, според пријавеното, лицето влегло во кафе барот и им ги побарал а потоа и ги фотографирал личните карти на И.Д., М.Д., В.П., К.Р., Т.В. и Н.Б., сите од Вевчани, а потоа, без да се легитимира со службена легитимација, се оддалечило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 24.10.2021 околу 07.30 часот во СВР Штип било пријавено дека во рудник во с.Добрево, штипско, А.Д.(55) од Кратово се здобил со тешки телесни повреди додека извршувал работни задачи. Тој бил пренесен во Клиничка болница Штип за укажување лекарска помош. За настанот бил известен трудов инспектор, а увид на местото извршила екипа од СВР Штип.
На 25.10.2021 околу 00.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска обложувалница на ул.„Вангел Тодоровски“ во Скопје две лица со закана од вработениот одзеле пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Регионалниот центар за гранични работи Исток поднесе кривична пријава против О.М.(40) од с.Долно Количани, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија”. Пријавениот, на 18.10.2021 на Граничен премин „Деве Баир“ употребил фалсификуван ПЦР тест.
ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против А.М.(58) од с.Јаргулица, радовишко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија”. На 28.09.2021, полициски службеници извршиле контрола и не го пронашле пријавниот во својот дом и покрај тоа што бил лабораториски потврден позитивен случај на Ковид 19.
СВР Велес поднесе кривична пријава против О.Н.(28) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија”. На 08.09.2021, полициски службеници извршиле контрола и не го пронашле пријавениот во својот дом и покрај то што имал решение за изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
На 25.10.2021 во 01.30 часот во СВР Скопје, К.М.(22) од Скопје пријавил дека на 24.10.2021 околу 02.40 часот во угостителски објект на подрачје на Центар, додека извршувал работни задачи бил физички нападнат од неговиот колега Т.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 24.10.2021 во СВР Скопје, Џ.И.(19) и О.И.(21), двајцата од Скопје, пријавиле дека околу 21.00 часот во близина на угостителски објект на подрачје на Бит Пазар, по претходна расправија биле физички нападнати од неколку лица кои биле со патничко возило со скопски регистарски ознаки. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 24.10.2021 околу 15.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачје на Бит Пазар, поради семејни недоразбирања, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу В.Ф.(22) и Е.Л.(50), двајцата од Скопје, при што Е.Л. се обидел со остар предмет да го нападне В.Ф., но бил спречен. Сочинети се записници за констатиран прекршок од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
На 24.10.2021 во 05.25 часот во СВР Скопје, С.М.(33) од Берово пријавила дека во 05.00 часот пред угостителски објект на подрачје на Аеродром била физички нападната од едно машко лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 24.10.2021 во 18.41 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ со повреди бил донесен повреден Ѓ.Т.(36) од Скопје. По негово кажување, во 18.20 часот во парк во с.Долно Лисиче, скопско, бил физички нападнат од С.К.(28) од с.Долно Лисиче, со кого се познавал од претходно. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 24.10.2021 во 09.16 часот во СВР Скопје било пријавено дека во близина на трговски центар „Скопјанка“ настанал пожар во комбе „форд транзит“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Т.Т.(59) од Скопје. Од пожарот биле зафатени и патничко возило „фолксваген тигуан“ со прилепски регистарски ознаки, патничко возило „опел вектра“ со кочански регистарски ознаки, патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, патничко возило „фолксваген кеди“ со скопски регистарски ознаки и патничко возило „тојота“ со скопски регистарски ознаки. При обид да го изгасне пожарот, Т.Т. вдишил чад и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош. Пожарот бил изгаснат од екипа од Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Увид бил извршен.