Извадок на дел од дневни настани 15.10.2021

На 14.10.2021 полициски службеници од полициска станица Битола го лишиле од слобода К.Н.(67) од Битола. При претрес на дом и други простории на ул.„Илинденска“ во Битола, биле пронајдени и одземени марихуана, таблетки, две ловни пушки, пиштол и куршуми. По документирање на случајот, по насока на Јавен обвинител, против него ќе биде поднесен поднесок поради основано сомнение за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по член 215 и за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, по член 396 од Кривичниот законик.

На 14.10.2021 во 20.50 часот во Горно Нерези, скопско, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода М.Ч.(19) и Д.М.(18), двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена марихуана. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 14.10.2021 во охридското село Велгошти, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода К.Ч.(20) од Охрид, затоа што кај него била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот против него СВР Охрид ќе поднесе соодветна пријава.

На 14.10.2021 во 17.30 часот на Граничен премин Делчево, полициски службеници го лишиле го слобода Б.Ф.(55) од Република Турција, затоа што при пасошка контрола било констатирано дека на увид приложил туѓа патна исправа, од лице кое е негов роднина. Тој бил приведен и предаден на полициски службеници од Полициската станица Делчево за понатамошна постапка.

На 14.10.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле преземени шест мерки за пречекорување на максималната дозволена брзина во населено место. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

На 14.10.2021 во 15.00 часот на автопат „Мајка Тереза“ - обиколница на Град Скопје, во близина на клучка Смилковци, З.Д.(38) од с.Мојанци, скопско, управувајќи патничко возило „сеат алтеа“, со скопски регистарски ознаки, излетал од коловозот. Во несреќата, сопатникот Н.А.(46) од с.Арачиново се здобил со тешки телесни повреди, додека возачот З.Д. се здобил со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Скопје.
На 14.10.2021 од страна на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово, во рамки на континуираните контролни активности, биле откриени 4 лица кои управувале без возачки дозволи, 9 непрописно паркирани возила, 2 возила со вградени неатестирани возила, 2 возачи кои управувале возило под дејство на алкохол и други сообраќајни прекршоци кои биле законски санкционирани.

На 14.10.2021 во 18.35 часот во СВР Куманово било пријавено дека на ул.„11 Ноември“ во Куманово, патничко возило „форд фокус“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од Е.Љ.(32) од Куманово, удрило во пешакот Ф.Љ.(87) од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Општата болница во Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.

Во текот на изминатото деноноќие (14.10/15.10.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 10
прекршоци.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.Н.(24) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. При извршен преглед, полициските службеници кај него пронашле и одзеле марихуана.

 

ОВР Струга поднесе кривична пријава против У.К.(34) од битолското село Грешница и против албанската државјанка Е.Р.(41), со привремено живеалиште во Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на пари“. Двајцата, во продажен објект во Охрид, пуштиле во оптек фалисификувана банкнота од 50 евра.

 

На 14.10.2021 на подрачјето на СВР Штип, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 5 прекршоци, од кои 4 надвор од населено место и 1 во населено место. Притоа, санкционирани биле 25 други видови на прекршоци, од кои 7 за нерегистрирано возило, 1 за технички неисправно возило, 9 за прекршоци што ги прават пешаците и 8 за непрописно паркирање.

 

На 14.10.2021 во 16.45 часот во СВР Скопје, В.П.(66) од Скопје пријавил дека околу 00.30 часот на подрачје на Центар бил физички нападнат од едно лице, кое заедно со уште едно женско лице му одзеле пари и предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 14.10.2021 во 14.50 часот во СВР Скопје, Д.Н.(54) од Скопје пријавил дека околу 13.30 часот во маркет на подрачјето на Центар бил физички нападнат од Н.З.(41) од Скопје. Сочинет е записник за констатиран прекршок од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Е.А.(45) од с.Опае, општина Липково, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „фалсификување исправа“. Пријавениот, од октомври 2020 до 26.02.2021 во куќа сопственост на А.Д.(57) од с.Јажинце, со лажна исправа и со намера противправно да се стекне со имотна корист, го довел во заблуда А.Д. дека е вработен во ЕВН Скопје и во неговата куќа поставил електрично броило кое не било одобрено од Операторот на дистрибутивниот систем.

 

На 14.10.2021 во 15.55 часот во СВР Скопје било пријавено дека во средно училиште на подрачјето на Центар, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу С.С.(61) и Д.Р.(36), двајцата од Скопје. Сочинети се записници за константиран прекршок од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

 

На 14.10.2021 во 08.40 часот во Полициското одделение Петровец било пријавено дека во текот на ноќта со употреба на сила и погоден алат било влезено во објект на АД „Пошта на Северна Македонија“ во с.Миладиновци и бил одземен сеф во кој имало 84.000 денари и писма. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ј.Б.(19) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“. Пријавената, не пријавила реализирани приливи и не поднела до УЈП задолжителна Годишна даночна пријава за 2020 година за наплата на данок за личен доход, со што го оштетила Буџетот на Република Северна Македонија.

 

На 14.10.2021 во 09.30 часот во Полициското одделение Петровец, Р.К.(50), шеф на изборен штаб на политичка партија за општина Петровец пријавил дека на 14.10.2021, во периодот од 02.00 до 09.30 часот, на три локации во с.Петровец биле симнати три банери од неговата политичка партија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 14.10.2021 во 15.15 часот во Полициската станица Центар, Д.К. пријавил дека околу 13.15 часот на ул.„Ѓуро Стругар“, додека држел прес конференција пред штаб политичка партија, неколку лица го нападнале вербално и се обиделе да ја прекинат изјавата, но биле спречени од присутните. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 14.10.2021 околу 11.00 часот во СВР Скопје, С.А.(40) од Скопје пријавила дека била пронајдена нејзината ќерка Љ.А.(16), за која на 13.04.2021 било пријавено дека се оддалечила од дома.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.И.(29) и В.И.(20) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојничка кражба“. На 30.08.2021 на ул.„Доне Божинов“ во Куманово, пријавените влегле во куќа сопственост на М.З. и У.З., одзеле предмети и физички ги нападнале сопствениците, кои ги затекнале на местото.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против О.Д.(49) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 25.03.2021 полициски службеници кај пријавениот пронашле и одзеле хероин.

 

На 13.10.2021 на Граничен премин „Ќафасан“, А.А.(25) од Прилеп приложил фалсификуван ПЦР тест за Ковид-19. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 14.10.2021 околу 14.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека од Јавна установа - Меѓуопштински центар за социјална работа во с.Визбегово, скопско, се оддалечил нивниот штитеник Б.П.(15). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе кривична пријава против М.А.(20) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“. На 15.09.2021 на Граничен премин „Табановце“, пријавениот употребил фалсификуван ПЦР тест за Ковид - 19.