Извадок на дел од дневни настани 13.10.2021

На 12.10.2021 во 17.30 часот на ул.„Битпазарска“, поточно на влезот од Стара скопска чаршија, врз основа на распишана потерница од Основен кривичен Суд Скопје, полициски службеници од ЕВР Карпош го привеле А.Г.(32) од Скопје за издржување казна затвор од две години за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 од Кривичниот законик. Тој бил спроведен до Казнено-поправната установа Затвор-Скопје за издржување на казната.

На 12.10.2021 во 21.10 часот во с.Желино, тетовско, полициски службеници од Полициското одделение Групчин – СВР Тетово, врз основа на наредба од Основен суд Тетово, го привеле Ф.О.(33) од с.Желино за издржување казна затвор од една година за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 од Кривичниот законик. Тој бил спроведен до Казнено-поправната установа Затвор - Тетово за издржување на казната.

На 12.10.2021 во 19.15 часот, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода К.Р.(35) од Велес. При претрес во неговиот дом и помошни простории, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени хероин, марихуана и таблети . Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 12.10.2021 околу 18.00 часот, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода И.Т.(18) од Битола. При претрес во неговиот дом и други простории на улица „Даме Груев” во Битола, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени дигитална вага и марихуана. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 12.10.2021 во 17.20 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје на подрачјето на Центар го лишиле од слобода Б.П.(25) од Скопје затоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 12.10.2021 во 18.30 часот на улица „Скопска“ во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода И.М.(50) од Кичево затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 12.10.2021 околу 11.00 часот на влез во Гевгелија, полициски службеници од Полициска станица за граничен премин „Богородица“ го лишиле од слобода М.А.(47) од Република Србија. Во патничкото моторно возило „шкода суперб“ со српски национални ознаки, кое го управувал, превезувал две лица мигранти - A.J.(30) од Индија и М.M.(29) од Пакистан. За настанот е известен јавен обвинител, а М.А. бил предаден на полициски службеници од Регионален центар за гранични работи Југ. Лицата мигранти се сместени во Транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија за понатамошна постапка.

На 12.10.2021 на подрачјето на СВР Штип, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 29 прекршоци, од кои 20 за пречекорување на брзината во населено место и 9 надвор од населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 15 други видови на прекршоци, од кои 9 за управување возило без возачка дозвола, 3 за нерегистрирано возило, 1 за непрописно престигнување, 1 за некористење на сигурносен појас и 1 за користење мобилен телефон.

На 12.10.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле преземени 28 мерки против возачи, од кои 20 за пречекорување на максималната дозволена брзина во населено место и 8 за пречекорување на брзината надвор од населено место. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

Во текот на изминатото деноноќие (12.10/13.10.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 34 прекршоци.  

На 12.10.2021 во 14.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Н.А.(42) од Куманово, затоа што кај него била пронајдена прашкаста материја. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Ф.Ш.(33) од струшкото село Велешта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 01.05.2021 на ул.„Боро Калајџиески“ во Струга, полициски службеници при негов и преглед во возилото во кое се превезувал пронашле и одзеле хероин.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ж.Т.(19) од с.Туденце, општина Јегуновце, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикажување на порнографски материјал на дете“. На 25.06.2021, мајка на малолетно девојче од Скопје пријавила дека на мобилниот телефон на нејзината ќерка на апликацијата Вибер од машко лице ѝ биле покажувани делови од машко тело. По преземени мерки било откриено дека пријавениот ги испраќал пораките од телефонот на неговиот татко. Пријавениот го признал делото.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Е.В.(21) и А.С.(34), двајцата од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. При преглед врз Е.В., извршен на 17.02.2021 пред угостителски објект на магистралниот пат Кичево-Охрид, полициски службеници пронашле и одзеле марихуана. При контрола, извршена на 22.06.2021 на бул.„Ослободување“ во Кичево, кај А.С. била пронајдена и одземена марихуана.

На 12.10.2021 во 18.50 часот во СВР Скопје, Р.Ч.(47) од с.Рашче, скопско, пријавил дека околу 15.20 часот на паркинг на подрачје на Карпош бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 12.10.2021 во 14.30 часот во СВР Скопје, Ж.М.(66) од Република Србија пријавил дека околу 13.00 часот на крстосница на подрачјето на Гази Баба, по претходно случена сообраќајна незгода, бил физички нападнат од Р.И.(28) од с.Студеничани, скопско. Сочинет е записник за констатиран прекршок од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

Во текот на вчерашниот ден (12.10.2021) Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 196 возачи. Од нив, 14 возилa се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 85 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 111 надвор од населено место.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.З.(20) од с.Озормиште, тетовско, кој издржува затворска казна во Казнено-поправната установа Затвор Тетово и Љ.Б. (31) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“. На 26.05.2021 во близина на с.Ѓермо, тетовско, пријавените со употреба на физичка сила и закани од Н.Д. од с.Градец, тетовско, одзеле пари.

СВР Куманово и СВР Штип поднесоа кривични пријави против А.Р. (36) и Ф.А. (33), двајцата од Куманово и Ч.Д.(27) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. А.Р. и Ф.А. биле затекнати без дозвола за движење за време на забрана за движење, додека Ч.Д. не бил затекнат во домот иако бил должен да ја извршува мерката изолација и лекување во домашни услови.
На 12.10.2021 во 10.30 часот во Полициската станица Аеродром, 42-годишна жена од Скопје пријавила дека на 05.10.2021 околу 15.00 часот на ул.„Михаил Чаков“ едно машко лице недолично се однесувало кон нејзината малолетна ќерка, додека била со нејзината другарка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Р.Л.(53) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пренесување заразна болест“. На 03.09.2021, полициски службеници извршиле контрола и не ја затекнале пријавената во својот дом и покрај тоа што имала решение за изолација и лекување во домашни услови.

На 12.10.2021 во 13.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека од Јавна установа за згрижување деца се оддалечила нивната штитеничка Л.Д.(18), која и претходно во повеќе наврати се оддалечувала од установата и била враќана назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.Р.(26) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пренесување заразна болест“. На 23.08.2021 година, полициски службеници извршиле контрола и не ја затекнале пријавената во својот дом, и покрај тоа што имала решение за изолација и лекување во домашни услови.
На 12.10.2021 во 13.25 часот во СВР Куманово М.П. (45) пријавил дека едно лице се обидело да изнуди средства во замена за гласови на избори. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.