Извадок на дел дневните настани 27.09.2021

 На 26.09.2021 околу 16.00 часот на крстосницата на улиците „Благоја Тоска“ и „Борис Кидрич“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода М.М.(21), С.К.(24), И.С.(27), сите од Тетово и А.С.(24) од тетовска Брвеница. При нивен и преглед на нивното патничко возило „пежо“, со тетовски регистарски ознаки, што го управувал А.С., била пронајдена марихуана. Четворицата се задржани во Полициската станица Тетово за расчистување и документирање на случајот, по што против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 26.09.2021 во 20.40 часот во Гевгелија и во близина на граничната линија со Република Грција, од полициски службеници од Полициската станица за граничен премин „Богородица“ од слобода се лишени 15 лица мигранти, од кои три малолетници, сите од Куба, затоа што осум од нив илегално влегле од државата, а седум се обиделе нелегално да ја преминат државната граница. Сите биле приведени и по целосно документирање на случајот ќе им биде поднесена соодветна пријава.

На 26.09.2021 на подрачјето на СВР Штип, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле констатирани 61 прекршок, од кои 39 за управување возило со брзина поголема од дозволената во населено место и 22 надвор од населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. На 26/27.09.2021, во периодот од 20.00 до 04.00 часот, на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила под дејство на алкохол. Од извршената контрола било констатирано дека осум возачи управувале возила под дејство на алкохол и тие биле исклучени од сообраќај, времено им биле одземени возачките дозволи и изготвени им биле прекршочни платни налози.

На 26.09.2021 во 17.20 часот во Гевгелија, полициски службеници од Полициска станица за граничен премин „Богородица“ од слобода се лишени четири лица мигранти од Куба, кои илегално влегле од државата. Сите биле приведени и по целосно документирање на случајот ќе им биде поднесена соодветна пријава.

Вчеравечер (26/27.09.2021), од 22.00 до 04.00 часот, на подрачјето на СВР Тетово спроведена е акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила под дејство на алкохол. При контролата откриени и законски санкционирани биле 17 возачи (ТЕ-13 и ГВ-4) кои управувале возила под дејство на алкохол. Сите прекршители веднаш се исклучени од сообраќај и изготвени им се соодветни поднесоци. На почетокот на изминатиот викенд на ова подрачје спороведена е и акциска контрола за прекршоците што ги прават мотоциклисти, при што биле констатирани вкупно 37 прекршоци (ТЕ-17 и ГВ-20). Од нив 30 (ТЕ-10 и ГВ-20) се однесувале на некористење на заштитна кацига, односно шлем, 6 мотоциклисти управувале без возачки дозволи (ТЕ), а 1 (ТЕ) мотоцикл бил нерегистриран.

На 26.09.2021 во 23.20 часот во Полициската станица Гостивар било пријавено дека на ул.„Бањешница“ во Гостивар, патничко возило „фолксваген голф“, со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Ш.А.(20) од Гостивар, удрило во две паркирани моторни возила, и тоа „форд“, со гостиварски регистарски ознаки и „шкода“, со скопски регистарски ознаки. Во несреќата, сопатникот во возилото „голф“, С.М. се здобил со тешки телесни повреди, а возачот се здобил со телесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар Гостивар. Извршен бил увид на местото од увидна екипа од Полициската станица Гостивар.

На 26.09.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле преземени 25 мерки против возачи, од кои 12 за пречекорување на максималната дозволена брзина во населено место, а 13 за пречекорување на брзината надвор од населено место. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

На 26.09.2021 во 21.30 часот во Полициската станица Крива Паланка било пријавено дека на магистралниот пат Куманово–Крива Паланка, во атар на с.Ветуница, се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл „харли дејвидсон“, со бугарски национални ознаки, управуван од В.А.А.(34) од Република Бугарија и патничко возило „сеат ибица“, со кратовски регистарски ознаки, управувано од Н.Ц.(42) од Кратово. Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид на местото од увидна екипа од Полициската станица Крива Паланка.

Во текот на изминатото деноноќие (26.09/27.09.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 55 прекршоци.

На 26.09.2021, по преземени мерки и добиени оперативни сознанија, полициски службеници од ОВР Кочани ги лишиле од слобода Д.Ј.(35) од с.Чешиново и А.М.(18) од с.Облешево, општина Чешиново – Облешево, поради постоење основи на сомнение дека во атарот на с.Спанчево сториле кривично дело „незаконит лов“. Во врска со случајот повикан бил А.Ј.(57) од с.Чешиново. Кај А.Ј. и Д.Ј. биле пронајдени и времено одземени три ловечки пушки. Запознаен е Јавен обвинител и по целосно комплетирање на случајот против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.


На 26.09.2021 во  СВР Штип, од Казнено поправната установа Затвор Штип било пријавено дека во просториите на затворот била пронајдена прашкаста материја. Од страна на полициски службеници од СВР Штип  извршен бил увид и прашкастата материја била одземена. Се работи на расчистување на случајот.


На 26.09.2021 во 15.47 часот во СВР Штип, од модуларната болница при Клиничка болница Штип било пријавено дека 84-годишен пациент ја напуштил болницата. Од страна на полициски службеници од Полициската станица Штип лицето било пронајдено на Градскиот плоштад во Штип и со возило на Итната медицинска помош вратено во болницата.


Денеска (27.09.2021) во 03.00 часот на ул.„Ванчо Прке“ во Штип, полициски службеници службеници од Полициската станица Штип го лишиле од слобода К.М.(21) од Штип затоа што кај него била пронајдена и одземена прашкаста материја. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.


На 26.09.2021 околу 14.50 часот во СВР Скопје - Полициско одделение Петровец било пријавено дека околу 13.30 часот во с.Ржаничино, скопско, по претходна расправија во домот, З.Ц.(53) со остар предмет му нанел повреди на неговиот син Ј.Ц.(22). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


ОВР Берово ќе поднесе 15 кривични пријави против Т.М.(42) од Кочани и К.М.(38) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени 15 кривични дела. Тие се сомничат дека во периодот од 08.03.2020 до 24.02.2021 извршиле осум „тешки кражби“ во цркви по член 236 од Кривичниот законик, пет „одземање на моторно возило“ по член 242 од Кривичниот законик и две „тешки кражби“ во викенд куќи по член 236 од Кривичниот законик.


СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Ѓ.(31) од селото Лешани, општина Дебарца, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Тој, во текот на оваа и минатата година, во својство на  референт за сеча и дотур во ЈП „Македонски шуми“-Шумско стопанство Охрид, неовластено издал 16 фиктивни испратници за превоз на буково огревно дрво кои, при контрола не се пронајдени и заверени.


ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Л.Д.(30) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“  и „бесправно градење“.  Тој, во текот на јуни 2021 година на улицата „8 Септември“ во месноста „Бадеми“ во Дебар узурпирал државно земјиште од 48 метри квадратни каде, без одобрение за градба, започнал градба на објект со што се стекнал со противправна имотна корист.


Во периодот од 22.00 часот на 26.09.2021 до 04.00 часот на 27.09.2021 година Секторот за внатрешни работи Струмица презеде засилени мерки за санкционирање на прекршоци во сообракајот, при што биле констатирани 10 прекршувања сторени од возачи кои управувале моторни возила под дејство на алкохол. Сите констатирани прекршоци биле соодветно санкционирани.


На 27.09.2021 во 00.15 часот во Градски парк на подрачје на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода О.А.(21) од Скопје поради сомнение дека на 26.09.2021 на подрачје на Карпош физички нападнал малолетник и му одзел мобилен телефон. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.


На 26.09.2021 во 22.40 часот во Полициската станица Гази Баба, Б.С.(53) од Скопје и А.С. (43) од Скопје пријавиле дека околу 21 часот во кругот на трговски центар на ул.„Маџари“ нивните синови биле физички нападнати од повеќе лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


Во текот на вчерашниот ден (26.09.2021) Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 279 возачи. Од нив, 11 возилa се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 163 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 134 надвор од населено место.


На 26.09.2021 во СВР Скопје било пријавено дека околу 14.30 часот на ул.„Христо Татарчев“ во Скопје, Д.К.(23) од Скопје бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  


На 26.09.2021 во 23.00 часот во СВР Скопје, Ј.В.(43) пријавил дека околу 19.30 часот во угостителски објект на подрачје на Карпош тој и С.Ф.(26), по претходна расправија со Д.А.(38), биле физички нападнати од Д.А.(35), сите од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


На 27.09.2021 околу 00.15 часот во населба Илинден, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Б.С.(23) од Скопје затоа што се однесувал агресивно и физички нападнал полициски службеник кој вршел службени дејствија. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.


 

На 26.09.2021 во 02.30 часот во СВР Скопје, В.Ј.(20) од Скопје пријавил дека на 25.09.2021 околу 23.50 на подрачје на Гази Баба бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.