Дневни билтени

Извадок на дел дневните настани 18.09.2021

 

На 17.09.2021 во 22.00 часот во с.Кокино, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Ф.Н.(37) од Скопје, затоа што кај него билe пронајдени марихуана, прашкаста материја и семки од растението канабис. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 18.09.2021 во 02.45 часот кај с.Егри, битолско, полициски службеници од Полициската станица за Граничен премин Меџитлија ги лишиле од слобода Р.М.Л.А.(26) и Л.С.Б.Л.(26), двајцата од Куба. Тие не поседувале патни исправи и изјавиле дека на 17.09.2021 илегално ја преминале границата од Република Србија кон Република Северна Македонија. На двајцата им биле издадени решенија за протерување на странец и забрана за влез во државата во траење од 5 години. Тие ќе бидат предадени во Прифатен центар „Винојуг“ во Гевгелија за понатамошна постапка.

На 17.09.2021 во 07.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на локален пат с.Танушевци-с.Бродец, патничко возило „киа рио“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.С.(58) од Скопје, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, додека малолетна сопатничка и С.С.(49) се здобиле со телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Увид извршила екипа од СВР Скопје.

На 17.09.2021, полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода Б.А.(31) од с.Туин, кичевско, Н.Б.(52) од с.Мала Речица, тетовско и Џ.С.(33) од с.Вешала, тетовско, а денеска (18.09.2021) и В.А.(33) и А.Ш.(30), двајцата од Тетово, затоа што се однесувале агресивно и физички нападнале полициски службеници кои извршувале службени дејствија за време на протест што се одржал на 17.09.2021 во Тетово, во периодот од 13.50 до 16.30 часот. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

На 17.09.2021 во 14.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, Ј.М.(30) од Скопје пријавила дека на ул.„Доситеј Обрадовиќ“ била касната од куче скитник.

Во текот на изминатото деноноќие (17.09/18.09.2021) на територијата на Република Северна Македонија, во однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 56 прекршоци.

На 17.09.2021 во 11.30 часот во ОВР Прилеп, Т.Т.(81) од Прилеп пријавил дека на кеј „9 Септември“ во Прилеп бил каснат од куче скитник.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ќ.А.(59) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неизвршување на судска одлука“. Тој, на 07.08.2021 бил затекнат при извршување на нелегални градежни активности, иако претходно од надлежни инспекциски служби му било издадено решение за запирање на градежните зафати.

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против М.Б.(59) од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“. Тој, во текот на јуни оваа година во месноста „Бадеми“, на брегот на Дебарското Езеро, на парцела во државна сопственост, без одобрение од надлежен орган и спротивно на Законот за градење, започнал градба на објект. Со тоа, пријавениот се стекнал со противправна имотна корист во износ од 142.560 денари.

На 17.09.2021 во 16.00 часот во Полициската станица Центар, од Јавната установа за згрижување на деца - Организациона единица Капиштец било пријавено дека нивниот штитеник С.Ј.(13), за кого на 14.09.2021 било пријавено дека се оддалечил од установата, e пронајден и вратен.

На 17.09.2021 во 16.00 часот во Полициската станица Аеродром, 48-годишна жена од Канада, со престој во Скопје, пријавила дека во периодот од јуни до август оваа година била измамена за сума од околу 50.000 евра од страна на нејзин роднина Љ.Н. од Скопје. Според пријавеното, откако нејзиниот 21-годишен син дошол во Скопје, мајката на пријавителката во јуни забележала чудно однесување кај него и го споделила проблемот со нивниот роднина Љ.Н., кој ù кажал дека нејзиниот внук најверојатно има проблем со дрога и се понудил да помогне со негово лекување со одредена скапа терапија. Како што е пријавено, пријавителката се согласила и во повеќе наврати му дала на Љ.Н. околу 50.000 евра, но кон крајот на јули и таа дошла во Скопје и се посомневала во терапијата што ја примал нејзиниот син, по што пријавила во полиција. За случајот бил запознаен Јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување.

На 17.09.2021 околу 12.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Борис Трајковски“, поради недоразбирање во сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Д.П.(26) и М.Д.(63), двајцата од Скопје. На лицата им се сочинети записници за констатиран прекршок по член 11 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Во врска со случајот бил извршен разговор и со сопатничките во нивните возила, кои се обиделе да ги спречат во пресметката.

На 17.09.2021 во 21.30 часот во СВР Битола било пријавено дека во Општата болница Прилеп бил донесен Е.И.(28) од с.Алдинци, крушевско, со повреда од огнено оружје. По преземени мерки било утврдено дека тој сам се повредил, од невнимателно ракување со оружјето, кое го поседувал неговиот татко. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 16.09.2021 во 18.05 часот во СВР Куманово, Т.Т.(44) од Куманово пријавил дека во центарот на Куманово бил физички нападнат од три лица. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Т.Т. и Ф.Д.(42) од с.Ваксинце, општина Липково, по што на двајцата им биле изготвени записници за констатиран прекршок по член 11 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

На 18.09.2021 во 02.45 часот во Полициската станица Аеродром, К.И(31) од Скопје пријавил дека околу 01.30 часот во угостителски објект на бул.„Кузман Јосифовски Питу“ бил физички нападнат од неколку лица, за кои појаснил дека работат како обезбедување во објектот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 17.09.2021 во 18.20 часот во Полициското одделение Камењане, Џ.А.(56) од с.Боговиње, тетовско, пријавила дека од дома се оддалечила нејзината ќерка Е.А.(33). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 18.09.2021 во 06.00 часот во Полициската станица Центар, С.С.(24) од Скопје пријавил дека околу 03.35 часот на ул.„Костурски херои“ во Скопје бил физички нападнат од повеќе лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 17.09.2021 околу 09.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска обложувалница на ул.„Финска“ едно лице со закана од вработениот одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 17.09.2021 во 13.45 часот во СВР Струмица, А.А.(37) од Струмица пријавил дека околу 11.30 на ул.„Бетовенова“ неговиoт малолетен син бил физички нападнат од А.К. од Струмица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.