Извадок на дел дневните настани 17.09.2021

 На 17.09.2021 во 05.20 часот на ул.„Иван Хаџиниколов“ во Скопје, полициски службеници од ЕВР Аеродром и Драчево – Отсек потраги, врз основа на судска наредба, го лишиле од слобода Ј.Б.(25) од Скопје за издржување казна затвор од шест месеци за сторено кривично дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот“ по член 297 став 1 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во казнено-поправната установа Затвор Скопје за издржување на казната. 

 

На 16.09.2021 во Полициската станица Карпош бил повикан Н.С.(34) од с.Глумово, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „затајување“. На 10.09.2021, Д.С.(51) од с.Бардовци, скопско, пријавил дека на почетокот на јули со Н.С. се договорил да му го поправи неговотовозило, но до денот на пријавувањето Н.С. не му го вратил возилото поправено и секогаш наоѓал разни изговори.  Со Н.С. бил извршен разговора, а возилото „опел омега“ било најдено и вратено на сопственикот Д.С.. По целосно документирање на случајот против Н.С. ќе биде поднесена пријава по член 239 од Кривичниот законик.

 

На 16.09.2021 околу 11.00 часот на улица „Љуботенска“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода Б.Љ.(41) од Тетово затоа што кај него бил пронајден хероин. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

 

На 16.09.2021 во 19.20 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје на Средно Водно го лишиле од слобода С.А.(26) од Скопје затоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

Во текот на вчерашниот ден (16.09.2021) СВР Штип спроведе зајакната акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната, при што санкционирани се 51 возач. Од нив 3 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 34 возачи ја пречекориле брзината надвор од населено место, а 17 во населено место. Санционирани се и 32 други видови прекршоци, меѓу кои 17 за управување возило без возачка дозвола, 6 за нерегистрирано возило, 5 за управување возило под дејство на алкохол, 2 за непрописно престигнување, 1 за некористење сигурносен појас и 1 за користење мобилен телефон.

 

На 16.09.2021 во 08.45 часот во СВР Тетово било пријавено дека на регионалниот пат Скопје-Тетово, кај с.Желино, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Е.К.(19) од с.Требош и товарно моторно возило „сканиа“ со тетовски регистарски ознаки управувано од Љ.Т.(50) од с.Сараќино. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Е.К. констатирани во Клиничката болница Тетово. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Тетово.

 

На 16.09.2021 во 15.20 часот во Полициската станица Аеродром, Г.Р.(73) од Скопје пријавила дека на ул.„1612“ била касната од куче скитник.

 

Во текот на изминатото деноноќие (16.09/17.09.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 68 прекршоци. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.А.(37) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на авторски права и сродни права“. Пријавениот, во текот на 2021 година, преку компјутерски средства неовластено објавил, прикажал, дистрибуирал, емитувал и нудел услуги на крајни корисници поврзани со пристап до програмски сервис без да биде лиценциран оператор и не е содржан во регистар на даватели на вакви услуги со што постапил спротивно на чл.56 и чл.57 од Закон за аудио и аудиовозуелни медиумски услуги. На 25.07.2021, полициски службеници од СВР Тетово извршиле претрес во дом и помошни простории на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени три лап-топ компјутери на кои имало елементи кои потекнуваат од кривичното дело, односно на лап-топ комјутерите преку интернет-пребарувач било пристапувано и биле користени портали за продавање на IP ТВ програми, а на еден компјутер бил пронајден и список со активни корисници на неговите услуги.

Во текот на вчерашниот ден (16.09.2021) Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 328 возачи. Од нив, 18 возилa се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 159 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 169 надвор од населено место.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Неготино поднесе кривична пријава против Р.Б.(53) од Република Србија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 01.04.2021 во Неготино, пријавениот од банкарска картичка на С.М. од Неготино во осум наврати извадил 84.000 денари, откако претходно ја обезбедил картичката и пин кодот за користење на банкомати.

На 16.09.2021, полициски службеници од ОВР Свети Николе го лишиле од слобода А.Б.(33) од Свети Николе затоа што во 11.30 часот на ул.„Јане Сандански“ во Свети Николе бил затекнат при вршење на кривично дело „тешка кражба во обид“ во куќа. По комплетирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На подрачјето на СВР Тетово вчера (16 септември) од 8 до 20 часот спроведена е акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. При контролата биле откриени и санкционирани 29 пречекорувања на максимално дозволената брзина надвор од населено место (ТЕ-19 и ГВ-10), од кои 1 (ТЕ) било за повеќе од 70 километри на час. Покрај ова, санкционирани се и 8 (ТЕ) пречекорувања во населено место, а половина од нив биле за 30 до 50 километри на час. При контролата биле санкционирани и 14 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-8 и ГВ-6).

На 16.09.2021 околу 20.30 часот, при извршена контрола на локален пат помеѓу кичевските села Челопеци и Орланци, полициските службеници од ОВР Кичево затекнале товарно возило „Пежо“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од С.М.(33) од Кичево. При извршен преглед, констатирано е дека во возилото, нелегално се превезува огревно дабово дрво. Возилото и дрвната маса се одземени и предадени на претставници на Шумската полиција Кичево. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против В.П.А.(31) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривичнo делo „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги,психотропни супстанци и и прекурсори“. На 03.03.2021, полициски службеници од ОВР Кавадарци извршиле претрес на дом и помошни простории на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана, амфетамин, хероин, опиум, 18 таблети МДМА и трамадол.

На 16.09.2021 во 21.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект во Скопје, по претходна расправија, А.Ш.(24) и И.Ш.(53), двајцата од с.Љубин, скопско, биле физички нападнати од М.Р., Х.Р. и уште две лица. Според пријавеното, притоа Х.Р. со пиштол му се заканил на А.Ш.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Регионален центар за гранични работи Исток поднесе кривични пријави против: Ш.И.(19), С.Р.(19), двајцата од с.Желино,тетовско, А.Е.(24), Ј.Н.(24), двајцата од Тетово и Ј.В.(48) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ и „фалсификување исправа“. Пријавените на излез од Република Северна Македонија на граничен премин „Деве Баир“ доставиле на увид фалсификувани ПЦР тестови.

На 16.09.2021 во 20.30 часот во Полициското одделение Арачиново било пријавено дека во с.Арачиново бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу четири малолетници(двајца од една и други двајца од друга страна). Според пријавеното, притоа бил употребен остар предмет и двајца од нив се здобиле со повреди од остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 16.09.2021 околу 17.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Македонско Косовска бригада“, Р.Ј.(34) од Скопје бил физички нападнат од А.Н., кој притоа му одзел пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 16.09.2021 во СВР Скопје, од Јавната установа за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено здравје било пријавено дека нивниот штитеник Р.М.(14) се оддалечил од установата. Тој и претходно во повеќе наврати се оддалечувал од установата, но бил пронаоѓан и враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.З.(29) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 09.04.2021,полициски службеници од Полициска станица Куманово извршиле претрес во домот во кој престојува пријавениот, при што бил пронајден и одземен пиштол „екол туна” со рамка со седум куршуми, за кој не поседувал дозвола.

СВР Куманово и СВР Тетово поднесоа кривични пријави против Д.Д.(33), Б.К.(27) двајцата од Куманово, И.Љ.(55) од с.Матејче-Липково, С.М.(37) од с.Отља-Липково, Н.Х.(44), Ф.З.(28), двајцата од Гостивар и С.А.(20) од с.Врапчиште, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Пријавените, во периодот од 11.04 до 10.06.2021, се движеле без дозвола за движење за време на забрана за движење.
На 16.09.2021 во 21.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека едно лице влегло во магацински простор на маркет на ул.„Македонско Косовска бригада“ и од чанта на една вработена одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Неготино поднесе кривична пријава против Р.Т.(18) од Демир Капија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“,. На 14.09.2021, полициски службеници од Полициска канцеларија Демир Капија пријавената била затекната во патен сообраќај како управува патничко моторно возило и покрај тоа што имала Решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за здравствен надзор и домашна изолација поради контакт со лице позитивно на Ковид 19.