Извадок на дел дневните настани 16.09.2021


 На 15.09.2021 во 14.40 часот на бул.„Партизански одреди" во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим од потраги го лишиле од слобода Б.М.(80) од с.Горно Чичево, општина Градско, со живеалиште во Скопје, кој се барал по потерница од Основен Суд-Скопје 1 за издржување казна затвор од две години за сторено кривично дело „измама“ по член 247 од Кривичниот законик. Лицето било предадено во Полициската станица Карпош за понатамошна постапка.

На 15.09.2021 во 22.10 часот на ул.„Јане Сандански“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Б.К.(58) од Тетово поради сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на пари“. На 14.09.2021 околу 22.00 часот во маркет на ул.„Јане Сандански“ во Тетово тој пуштил во оптек фалсификувана банкнота од 100 евра, за чија исправност вработен се посомневал и пријавил во полициска станица. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 15.09.2021 во 21.45 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје на подрачјето на Гази Баба ги лишиле од слобода Н.С.(20) и еден малолетник, двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена марихуана и кутија со ризли. По документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 15.09.2021 во 21.00 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје на подрачјето на Ѓорче Петров го лишиле од слобода Р.С.(24) од Скопје затоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 15.09.2021 во атарот на с.Табановце, кумановско, маала Чифлик, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север во содејство со полициски службеници од Полициската станица за Граничен надзор Сопот ги лишиле од слобода А.С.(31) и Д.М.(25), двајцата мигранти од Авганистан, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“ врз Г.С.Г.(28) -мигрант од Индија. По преземени мерки и по извршениот разговор со Г.С.Г. било утврдено дека двете лица од Авганистан физички го малтретирале и му одзеле пари. Парите биле пронајдени кај Д.М., а било утврдено дека сите три лица илегално влегле од Република Грција во Република Северна Македонија и имале намера преку Р.Србија да заминат кон ЕУ.

На 15.09.2021 во 22.25 часот на граничен премин „Деве Баир“, полициски службеници го привеле S.A.(24) од Република Албанија затоа што при пасошка контрола било констатирано дека од неговата патна исправа биле отстранети и недостасувале неколку страници. Лицето било предадено на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

На 15.09.2021 во 10.00 часот, полициски службеници од Полициската станица Гази Баба, по претходна судска наредба, го привеле К.А.(27) од Скопје поради сторено кривично дело по член 31 од Законот за оружје.

На 15.09.2021 во периодот од 00.00 до 20.00 часот на подрачјето на СВР Штип, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 48 прекршоци, од кои 19 надвор од населено место и 29 во населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 35 други прекршоци.

На 15.09.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле преземени 35 мерки против возачи, од кои 22 за пречекорување на максималната дозволена брзина во населено место и против 13 возачи за пречекорување на брзината надвор од населено место. Откриени се и 19 други прекршоци. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

На 15.09.2021 во 15.30 часот во ОВР Ресен било пријавено дека на локален пат с.Царев двор-с.Езерани, ресенско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл без регистарски ознаки, управуван од малолетник од Ресен и патничко моторно возило „фолксваген“ со охридски регистарски ознаки, управувано од И.Ц.(37) од с.Езерани. Вo незгодата со тешки телесни повреди се здобил малолетен сопатник на мотоциклот, а возачот на мотоциклот се здобил со телесни повреди, констатирани во Клиничка болница. Увид на место извршила екипа од ОВР Ресен.

На 15.09.2021 во 13.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од бул.„Партизански Одреди“, ул.„Ангел Динев“ и ул.„Иван Цанкар“ во Скопје, патничко моторно возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.С.(49) од Скопје, удрило во пешакот М.Б.(69) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила М.Б., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје.

На 15.09.2021 во 14.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Лисец“ во Скопје, на див железнички премин, се случила железничка несреќа помеѓу електролокомотива и товарно моторно возило „фиат добло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.П.(55) од Скопје. Во несреќата нема повредени лица,а увид извршила увидна екипа од СВР Скопје.

На 15.09.2021 во 10.30 часот во СВР Охрид било пријавено дека на магистралниот пат Кичево- Охрид, кај населба Горица, патничко моторно возило „бмв“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од С.С.(51) од Кичево, удрило во пешакот С.С.(81) од Кичево. Во несреќата С.С. се здобила со тешки телесни повреди констатирани во Медицинскиот центар Кичево. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Кичево.

На 15.09.2021 во 18.30 часот во Полициската станица Аеродром, И.В.(28) од Скопје пријавил дека на ул.„23-ти Октомври“ бил каснат од куче скитник.

На 15.09.2021 во 16.20 часот во Полициската станица Карпош, К.С.(73) од Скопје пријавил дека на ул.„Иван Цанкар“ бил каснат од куче скитник.

Во текот на изминатото деноноќие (15.09/16.09.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 94 прекршоци.

На 16.09.2021 во 03.00 часот, полициски службеници од Полициската станица Штип ги лишиле од слобода Т.Г.(20) и Ј.П.(21), двајцата од Штип, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

На 15.09.2021, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода М.Л.(38) од охридското село Лескоец. При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, биле пронајдени и одземени седум стебла Канабис засадени во саксии. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 14.09.2021 година во 18.45 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Е.А.(27) од Куманово затоа што кај него била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 15.09.2021 година во с.Велешта, струшко, полициски службеници од ОВР Струга ги лишиле од слобода И.Б.(49) и Т.Б.(25), двајцата од с.Велешта. Во близина на селото И.Б. бил затекнат при нелегален транспорт на огревно дрво со товарно возило, додека Т.Б. со патничко возило се обидел да ги спречи полициските службеници да го стопираат товарното возило натоварено со дрва. По целосно документирањ на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОВР Кратово поднесе кривична пријава против Б.Р.(27) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Пријавениот, во периодот од 26.03.2021 до 02.04.2021, лажно се претставувал и ветувал на три лица обезбедување на разни дозволи. Во наведениот период во четири наврати пријавениот им земал вкупно 37.000 денари и 600 евра за ветената услуга.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против В.Н.(36) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Тој, на 13.05.2021 на социјалната мрежа Facebook, по објава на текст на електронски медум, постирал коментар со кој промовирал и поттикнувал омраза.

На 15.09.2021 во 10.12 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул.„Филип Втори Македонски“ во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед со битолски регистарски ознаки, управуван од Д.А.(41) од с.Долно Оризари, битолско и велосипед управуван од В.К.(64) од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила В.К., констатирани во Клиничката болница Битола. Увид извршила екипа на СВР Битола.

На 15.09.2021 во населба „Црквиште“, полициски службеници од ОВР Ресен го пронашле патничкото моторно возило „Фолксваген Пасат”, за кое претходно било пријавено дека е одземено. Возилото му е вратено на сопственикот Ј.Б.(36) од с.Долно Лакочереј, охридско.

На 15.09.2021 во 17.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека од балкон на стан на подрачје на Ѓорче Петров, Ж.К.(70) од Скопје го нарушил јавниот ред и мир така што со пиштол испукал неколку куршуми во воздух. Од лицето бил одземен пиштолот „М- 70“ калибар 9мм., две рамки за пиштолот, 12 куршуми калибар 9мм., футрола за рамка, ловечка пушка „црвена застава“ калибар 16/70мм., два патрона за ловечка пушка „белон 2,50 мм.“, футрола за ловечка пушка и две дозволи за поседување и носење оружје на негово име. По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 15.09.2021 година во ОВР Струга било пријавено дека била пронајдена експлозивна направа во водите на реката Црни Дрим во Струга. По извршен увид, од претставник на Дирекцијата за заштита и спасување констатирано е дека се работи за бомба од Првата светска војна која е безбедно подигната.

На 15.09.2021 во 13.37 часот во СВР Скопје, С.Д.(54) од Скопје пријавил дека настанал пожар во помошна просторија од неговата куќа на ул.„Миодраг Илиќ “. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

На 15.09.2021 во 20.00 часот во СВР Скопје, Ж.П.(63) од Скопје пријавил дека околу 19.30 часот во објект на подрачје на Карпош, по претходна расправија, бил физички нападнат од З.С.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 15.09.2021 во 14.00 часот во СВР Скопје, Г.Ѓ.(49) од Скопје пријавил дека околу 13.20 часот на автобуска постојка на подрачје на Центар, по претходно недоразбирање околу сообраќајот, неговиот син бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 15.09.2021 во 10.20 часот во СВР Скопје, Б.Т.(62) од Скопје пријавил дека на ул.„Јужноморавски Бригади“ бил каснат од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.Б.(32) од Гостивар, Ф.И.(27) од с.Долна Бањица, гостиварско и С.Ф.(33) од с. Беловиште поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Пријавените неовластено организирале и заради продажба купувале, држеле, пренесувале и продавале кокаин. Во периодот од 16.07.2021 до 02.09.2021 при прегледи кај нив бил пронајден кокаин.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Ф.М.(40) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 28.06.2021 на ул.„29-Ноември“ во Кичево, полициски службеници извршиле контрола во возилото кое го управувал пријавениот и кај него лично, при што кај него бил пронајден и одземен пиштол за светлосна звучна сигнализација „Zоrакi“ и една рамка за пиштолот со еден куршум во рамката. По извршеното вештачење било констатирано дека на пиштолот била извршена дополнителна механичка интервенција со монтирање на метална жлебна цевка со што е овозможено истрелување на проектили од куршум од боева муниција со калибар 7,65 мм.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против М.Б.(59) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“. Во текот на јуни 2021 година, М.Б. како инвеститор на крајбрежјето на Дебарското езеро, на место викано „Бадеми“, узурпирал земјиште во државна сопственост без да обезбеди одобрение за градба, започнал градба на објект со тврд материјал и на тој начин се стекнал со противправна имотна корист во износ од 142.560 денари и за тој износ ги оштетил Буџетот на општина Дебар и Буџетот на Република Северна Македонија.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против О.А.(30) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Пријавениот, на 10.05.2021 околу 03.40 часот во Куманово се движел без дозвола за движење за време на забрана за движење.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против К.К.(30) од с.Тркање поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 03.09.2021, полициски службеници извршиле контрола и не ја затекнале пријавената во својот дом и покрај тоа што била потврден позитивен случај на Ковид 19 и имала решение за домашно лекување и изолација.