Извадок на дел дневните настани 15.09.2021


 На 14.09.2021 во 22.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Бит Пазар го лишиле од слобода Г.Д.(21) од Скопје затоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово вчера (14 септември) од 8 до 20 часот спроведена е акциска контрола за брзина во која вкупно биле откриени и санкционирани 30 пречекорувања на максимално дозволената брзина надвор од населено место (ТЕ-17 и ГВ-13). Пет од констатираните пречекорувања биле за повеќе од 70 километри на час (ТЕ-2 и ГВ-3). Додека во населено место санкционирани се 19 прекршоци (ТЕ), најмногу за повеќе од 30 километри на час, како и 7 други видови сообраќајни пречкршоци (ТЕ-4 и ГВ-3).
Во вториот дел од контролата, реализиран со таканаречен „ноќен радар“ од 20 до 24 часот, санкционирани се 11 пречекорувања на брзината надвор од населено место (ТЕ-6 и ГВ-5), од кои 3 (ТЕ-2 и ГВ-1) за над 70 километри на час. Покрај тоа, констатирани и санкционикрани се и 9 пречекорувања во населено место (ТЕ-5 и ГВ-4), како и 2 други видови прекршоци. На сите прекршители изготвени им се законски предвидените поднесоци.

На 14.09.2021 во периодот од 00.00 до 20.00 часот на подрачјето на СВР Штип, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 49 прекршоци, од кои 20 надвор од населено место и 29 во населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 28 останати прекршоци.

На 14.09.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле преземени 20 мерки против возачи, од кои 11 за пречекорување на максималната дозволена брзина во населено место и против 9 возачи за пречекорување на брзината надвор од населено место. Откриени се и 48 останати прекршоци. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

На 14.09.2021 година во 13.25 часот на крстосница на магистрален со локален пат кај кичевското село Другово се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „Опел Астра“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од З.С.(56) од селото Другово и мотоцикл „Сузуки“ со скопски регистарски ознаки, управуван од И.М.(40) од Скопје. Притоа, со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Општата болница во Кичево. Увид на местото на несреќата извршија полициски екипи.

На 14.09.2021 во 06.45 часот во Полициската станица Валандово било пријавено дека на место викано „Железнички мост“ во близина на село Пирава, валандовско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „алфа ромео“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од К.Џ.(49) од село Калуѓерица, радовишко и трактор „фергусон“ управуван од М.С.(44) од село Пирава, валандовско. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот на тракторот, констатирани во Медицински центар Гевгелија. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Валандово.

На 14.09.2021 во 20.50 часот на крстосницата од ул.„Страшо Ербапче“ и ул.„Мородвишка Епископија“ во Кочани, патничко моторно возило „шевролет“ со кочански регистарски ознаки, управувано од К.Д.(29) од с.Грдовци, удрило во велосипед управуван од А.Т.(28) од Кочани. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид на местото на настанот од екипа на Полициската станица Кочани.

На 14.09.2021 во 12.25 часот во Полициското одделение Петровец, Н.К.(36) од Скопје пријавил дека во н.Илинден неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 14.09.2021 во 20.30 часот во Полициската станица Чаир, И.Ј.(24) од Скопје пријавила дека на ул.„Радишанска“ била касната од куче скитник.

Во текот на изминатото деноноќие (14.09/15.09.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 40 прекршоци.

На 15.09.2021 во 01.35 часот, полициски службеници од Полициската станица Свети Николе ги лишиле од слобода М.Ј.(21) од с.Тркање, кочанско и М.З.(21) од Кочани затоа што кај нив била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 14.09.2021 во 12.15 часот во Полициската станица Бит Пазар бил повикан Д.В.(24) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба” извршено на 15.03.2021, при што од А.А.(29) од Скопје биле одземени повеќе предмети. Со Д.В. бил извршен разговор и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена пријава по член 235 од Кривичниот законик.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против А.И.(36) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“. Пријавениот, во периодот од мај 2021 до сега, со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување го запуштил своето дете, како резултат на што детето учествувало во извршување на кривични дела, кои во голем дел биле потикнати од него. Како резултат на ваквата негрижа за детето се документирани 15 кривични дела ,,тешка кражба“ и ,,кражба“ за кои се поднесени две известувања до ОЈО Кочани.

На 14.09.2021 година во ОВР Струга приведена е М.Н.(28) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“. Таа, околу 15.30 часот на улицата „Климетица“ во Струга физички го нападнала својот осум годишен син и го присилувала да питачи. Од полициски службеници и претставници од Центарот за социјални работи малолетникот бил пренесен во Општата болница во Струга каде му била укажана лекарска помош и констатирани телесни повреди, по што бил пренесен и сместен во Јавната установа „Мајчин дом за доенчиња и мали деца“ во Скопје. По целосно документирање на случајот ОВР Струга ќе поднесе соодветна пријава.

На 14.09.2021 година во 14 часот на локален пат кон струшкото село Октиси, полициски службеници од Полициското одделение Велешта извршиле контрола во патничко моторно возило „Нисан“ со струшки регистарски ознаки, управувано од С.Ц.(67) од селото Октиси, при што било констатирано дека бесправно и без соодветна документација превезувал огревно дрво. Возилото и дрвата со записник биле одземени и предадени на Шумската полиција во Струга. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 15.09.2021 околу 05.15 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Д.Ц. затоа што се однесувал агресивно и се заканувал на полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 14.09.2021 околу 19.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„808“ настанал пожар во стар запуштен објект. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

На 14.09.2021 во 03.10 часот во СВР Скопје, било пријавено дека на подрачје на Карпош настанал пожар во патничко моторно возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на фирма од Скопје. Од пожарот биле зафатени и возило „голф 4“ со штипски регистарски ознаки и дел од фасада и еден прозор од стан Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје, а повредени лица нема.

На 14.09.2021 во 22.15 часот во СВР Скопје, Г.Б.(48) од Скопје пријавил дека околу 19.45 часот на автобуска постојка на подрачје на Карпош, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 14.09.2021 во 14.30 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение било пријавено дека од установата самоволно се оддалечил нивниот штитеник Д.С.(17), кој и претходно се оддалечувал. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против М.М.(36) од с.Пласница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 09.12.2020 околу 22,30 часот од полициски службеници од ОВР Кичево на регионален пат Кичево-с.Осломеј при извршен преглед над патничко возило „голф“ управувано од пријавениот кај него била пронајдена и одземена марихуана.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.Ш.(35) од с.Челопек-Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пренесување заразна болест“. На 06.08.2021 на М.Ш. му било издадено решение од ДСЗИ Тетово за изолација во домашни услови. Од полициски службеници од СВР Тетово при вршење на редовна контрола на 13.08.2021, М.Ш. не бил пронајден во својот дом.

ОПКМ Скопје поднесе кривична пријава против Г.В.(59) и Г.Е.(39) поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Пријавените на 08.09.2021 на Граничниот премин „Меѓународен Аеродром-Скопје“, на излез од Република Северна Македонија, приложиле фалсификувани негативни ПЦР тестови.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш поднесе кривична пријава против Р.Ј.(63) од с.Воиславци-радовишко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 30.08.2021 во 17,35 часот, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш, при извршена контрола во домот на Р.Ј. било констатирано дека постапил спротивно на издадено решение за спроведување здравствен надзор и домашна изолација и не бил пронајден во својот дом.

СВР Куманово поднесе три кривични пријави против О.Т.(54) од Куманово, Р.А.(46) од с.Виштица-Липково-Куманово и Б.Д.(18) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела “непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Пријавените во периодот од 26.04 до 31.05.2021 се движеле без дозвола за движење, за време на ограничувањата дадени од страна на Влада на Република Северна Македонија, за забрана за движење на возила и лица поради прогласена пандемија на Ковид -19.