Извадок на дел дневните настани 13.09.2021

 Денеска (13.09.2021) во 09.35 часот на ул.„Трета Македонска бригада" во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим - Потраги ја лишиле од слобода О.Л.(37) од Скопје, која се барала по потерница од Основен Суд - Скопје 1 за издржување казна затвор од една година и шест месеци за сторено кривично дело по член 236 од Кривичниот законик.

На 12.09.2021 околу 22.25 на улица „Кузман Јосифоски-Питу“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода Н.А.(39) од Тетово, со времен престој во Кавадарци, затоа што кај него бил пронајден кокаин и марихуана. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

На 12.09.2021 во 17.30 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје во с.Батинци го лишиле од слобода Д.Р.(29) од Скопје затоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Во текот на вчерашниот ден (12.09.2021), СВР Штип спроведе засилена акциска контрола во областа на сообраќајот, при што се изречени 99 мерки, меѓу кои 63 за управување возила со брзина поголема од дозволената, 14 за управување на возило без возачка дозвола, 5 за управување возило под дејство на алкохол, 1 за нерегистрирано возило, 4 за некористење сигурносен појас и 6 за користење мобилен телефон. Истиот ден спроведена е и акциска контрола на возачи кои вршат непрописно престигнување, при што на 6 возачи изречени им се соодветни санкции.

На 12.09.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле преземени 16 мерки, од кои 9 за пречекорување на максималната дозволена брзина во населено место и седум против возачи за пречекорување на брзината надвор од населено место. Откриени се и 11 останати прекршоци. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

На 12.09.2021 година во периодот од 15.00 до 20.00 часот на подрачјето на СВР Струмица биле преземени засилени мерки за санкционирање на прекршоци во сообракајот, при што биле констатирани 14 прекршоци сторени од возачи кои извршиле неправилно престигнување. Сите констатирани прекршоци биле соодветно санкционирани.

На 12.09.2021 во 07.50 часот во СВР Велес било пријавено дека на ул.„Панко Брашнаров“ во Велес, патничко возило „Шкода јети“, сопственост на МВР, управувано од полициски службеник В.А.(25) од Велес, удрило во пешакот Д.Т.(75) од Велес. Во незгодата Д.Т. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Велес. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Велес.

Во текот на изминатото деноноќие (12.09/13.09.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 62 прекршоци.

На 12.09.2021 на подрачјето на СВР Тетово била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои вршат непрописно престигнување. Притоа, биле санкционирани 64 возачи кои непрописно престигнувале (ТЕ-37 и ГВ-27).

Вчера (12 септември) од 8 до 20 часот на подрачјето на СВР Тетово спроведена е акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле откриени и санкционирани 22 возачи (ТЕ-14 и ГВ-8), кои ја пречекориле максимално дозволената брзина надвор од населено место, од кои 2 (ТЕ) за повеќе од 70 километри на час од дозволеното. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци и ќе се соочат со законски предвидените парични глоби и други санкции. Покрај ова, санкционирани се и 16 возачи (ТЕ), кои ја пречекориле дозволената брзина во населено место, меѓу кои 1 (TE) за повеќе од 50 километри на час. При контролата откриени биле и 91 друг вид прекршоци (ТЕ-41 и ГВ-50).

На 12.09.2021, полициски службеници од Полициската станица Кочани ги лишиле од слобода А.И.(36) и малолетник бидејќи околу 18.30 часот во куќа на ул.,,Вера Которка“ во Кочани биле фатени при вршење на кривично дело “тешка кражба на дрзок начин“. По комплетирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

На 12.09.2021 од 15 до 20 часот, при извршени сообраќајни контроли на подрачјето на СВР Охрид, полициските службеници регистрирале и санкционирале 23 возачи на патнички моторни возила кои претекнале други возила на места каде е забрането престигнување (Охрид-12, Струга-04, Кичево-04, Дебар-03).

Денеска (13.09.2021) во 10.10 часот на ул.„Петре Георгиев" во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим - Потраги го лишиле од слобода Б.С.(32) од Скопје, кој се барал по две потерница од Основен Суд - Скопје 1 за издржување вкупна казна затвор од две години и 10 месеци за сторени кривични дела по член 236 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде предадено на казнено поправна установа.

Вчера (12.09.) полициски службеници од СВР Куманово спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возило со брзина поголема од пропишаната, на територија на СВР Куманово, при што санкционирани се 21 возачи.

Вчера (12.09.) полициски службеници од СВР Куманово спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои вршат непрописно престигнување на територија на СВР Куманово, при што санкционирани се 13 возачи.

Вчера (12 септември) околу 19.20 часот, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода Д.М.(20), Х.Д.(29) од Скопје, фудбалери на тетовски Тетекс и М.Р.(20) и В.И.(29), фудбалер и претставник на Фудбалскиот клуб Кадино од истоименото скопско село, а поради нивна инволвираност во физичка пресметка по завршувањето на првенствениот фудбалски напревар помеѓу овие две второлигашки екипи. Покрај тоа, Д.М. удрил полициски службеник кој преземал службени дејствија околу физичката пресметка, а Х.Д. попречувал полициски службеник при преземање службени дејствија. Се расчистува и документира случајот и ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 12.09.2021 во Крушево, полициски службеници од Полициската станица Крушево запреле патничко возило „шкода” со прилепски регистарски ознаки, управувано од Т.И.(47) од Крушево кое било натоварено со нежигосани огревни дрва без потребна документација. Возилото и дрвата биле одземени и предадени на шумската полиција. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера (12 септември) во 15 часот и 30 минути во СВР Тетово пријавено е дека, работејќи на објект во изградба покрај локалниот пат што ги поврзува гостиварските села Здуње и Дебреше, 21-годишниот А.М. од гостиварско Чегране се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“. Увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар и.

Во периодот од 06.09.2021 до 12.09.2021 Министерството за внатрешни работи спроведе контрола за санкционирање на возила на кои се вградени неатестирани фолии (затемнети стакла) при што санкционирани се 31 возач.

На 13.09.2021 околу 01.15 часот во СВР Скопје, Б.М.(29) од Скопје пријавил дека на ул.18 во Радишани тој, Ф.М.(27) и Ј.К.(31), двајцата од Скопје, биле физички нападнати од повеќе лица, кои го оштетиле и возилото „опел астра“ во кое се превезувале. Како што е пријавено лицата користеле и тврди предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 12.09.2021 во 23.30 часот во СВР Скопје, В.С.(38) од Радовиш пријавил дека околу 16.00 часот во спортска сала во населба Радишани во Скопје, по претходно нарушен јавен ред и мир со физичка пресметка помеѓу повеќе малолетници, неговиот малолетен внук бил физички нападнат од неколу лица, при што еден од нив му нанел повреда со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 12.09.2021 во 15.05 часот во СВР Скопје, И.Ф.(48) од Скопје пријавила дека од домот се оддалечил нејзиниот сопруг Д.Ф.(45) од Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.