Извадок на дел дневните настани 10.09.2021


 На 09.09.2021 во 12.30 часот во кичевското село Кнежино, по претходна наредба од Основниот суд во Кичево, полициски службеници го привеле Ф.М.(34) од Кичево за издржување казна затвор во траење од една година. Тој бил предаден во Казнено- поправната установа-Затвор Битола за издржување на казната.

На 09.09.2021, полициски службеници од Полициската станица Кичево го лишиле од слобода Р.В.(44) од Кичево. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени пакувања со марихуана и 19 семки од Канабис сатива. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 09.09.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле преземени 126 мерки, од кои 77 за пречекорување на максималната дозволена брзина во населено место и против 49 возачи за пречекорување на брзината надвор од населено место. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

На 09.09.2021 на подрачјето на СВР Велес, полициски службеници спроведоа акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 45 прекршоци, од кои 13 во Велес, 25 во Неготино и седум во Кавадарци. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции.

На 09.09.2021 на подрачјето на СВР Штип, полициски службеници спроведоа акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 32 прекршоци, од кои 12 надвор од населено место и 20 во населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции.

Полициски службеници на СВР Тетово вчера (9 септември) околу 12 часот и 30 минути, на улица „Борис Кидрич“ во Тетово, го лишиле од слобода С.Б.(80) од Тетово. При негов преглед пронајден му е хероин, а нешто подоцна при претрес на семејниот дом, реализиран со судска наредба, пронајдени му се вкупно 197 куршуми со различен калибар. По целосно документирање на случајот на С.Б. ќе му биде изготвен поднесок за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстаници и прекурсори“ согласно член 215 од Кривичниот законик и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, казниво по член 396 од Кривичниот законик. Со соодветен поднесок денеска (10 септември) С.Б. ќе биде изведен пред судија во претходна постапка на Основниот суд Тетово.


На 09.09.2021 година во 13.50 часот во Полициската станица Струмица било пријавено дека на регионален пат Струмица-Берово, кај место викано „Хамзали“, А.В.(41) од Скопје, управувајки товарно моторно возило „фолксваген кеди“ со скопски регистарски ознаки излетал од коловозот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот С.П.(43) од Скопје, констатирани во Медицински центар Струмица. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Струмица.

На 09.09.2021 во 16.20 часот на ул.„Финска“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода А. А.(32) од Скопје, кој се барал по потерница поради бегство од затвор.Тој бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Идризово за дозидржување казна затвор од три години и пет месеци за сторени кривични дела по член 215 став 1 и член 383 став 2 од Кривичниот законик.

На 09.09.2021 во 20.40 часот во СВР Охрид било пријавено дека на магистралниот пат Ресен-Охрид, на влезот за с.Свиништа, патничко моторно возило „опел“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Д.И.Ч.(93) од Стар Дојран, излетало од коловозот. Во незгодата Д.И.Ч. се здобила со тешки телесни повреди констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Охрид.

На 09.09.2021 во 22.30 часот во Полициската станица Карпош, Б.Р.(41) од Скопје пријавил дека на ул.„Новопроектирана“ бил каснат од куче скитник.

На 09.09.2021 во 15.10 часот во Полициската станица Чаир, Е.Џ.(41) од Скопје пријавила дека на ул.„Краишка“ нејзината ќерка била касната од куче скитник.

Во текот на изминатото деноноќие (09.09/10.09.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 29 прекршоци.

На 09.09.2021 во 22.30 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Е.Б.(32) од Куманово затоа што кај него била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОВР Ресен до Основно јавно обвинителство Ресен, поднесе кривична пријава протвив Д.Ф (37) од Ресен поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност”, „незаконитит лов” и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”. Пријавениот, на 26.12.2020, со истрел од ловечка пушка му нанел повреди на главата, вратот и градниот кош на Х.Т., со кој биле заедно на лов на место викано „Честак“ во атарот на с.Лева Река, ресенско. Увид извршила увидна екипа на ОВР Ресен, а по извршените проверки било утврдено дека ловечката пушка неовластено ја поседувал. Исто така, по проверките било утврдено дека тој не е ниту член на Здружение на ловци и тој ден немал издадена никаква дозвола за лов.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против правно лице од Скопје и Ш.И.(53) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Пријавениот Ш.И., во својство на управител на правното лице, склучил писмен договор со Х.А.(50) од тетовско село за монтажа и инсталација на лифт во фирмата на Х.А. за сума од 18.880 евра според кој Х.А. требал да исплати дел од средствата како аванс, а остатокот по целосно завршување на работата. Х.А. ги исплатил договорените пари, а пријавениот не се придржувал до договорот и не ја завршил работата.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.Џ.(41) од Тетово пради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“. На 23.04.2021 година, полициски службеници извршиле увид на ул.„Љуботенска“ каде било забележано дека пријавениот без соодветна дозвола од надлежен орган оградил државно земјиште со бетонски столбови и жичана ограда.

Вчера (09.09), полициски службеници од СВР Куманово спроведоа засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возило со брзина поголема од пропишаната, при што на подрачјето на Куманово санкционирани се 16 возачи.

На 09.09.2021 година од 12 до 16 часот на подрачјето на Струга извршена е акциска сообраќајна контрола, при што полициските службеници осум возила упатиле на вонреден технички преглед, а кај седум возила била констатирана техничка неисправност. Тие се исклучени од сообраќај а против возачите се поднесени прекршочни платни налози. Поради погрешно паркирање на коловозна лента во Струга, со специјално возило „пајак“ подигнати се девет моторни возила. Истиот ден, од 07 до 12 часот, при акциска контрола во Кичево, полициските службеници регистрирале и санкционирале 31 возач на патнички моторни возила кои се движеле со поголема брзина од дозволената (06 ја надминале дозволената брзина надвор од населено место, а 25 возачи ја пречекориле брзината во населено место).

По добиени оперативни сознанија од Регионалниот центар за гранични работи Исток, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција при МВР и СВР Струмица во координација со пазарен инспекторат од Струмица извршија контрола во фирма во Струмица, при што пронајдоа 330 килограми режан тутун без бандерола. По целосно документирање и расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 10.09.2021 во 10.35 часот на Граничен премин Делчево, полициски службеници го лишиле од слобода З.С.(49) од Кочани затоа што при преглед во товарното возило „опел“ со кочански регистарски ознаки, кое го управувал и кај него биле пронајдени пари кои не ги пријавил и за кои не поседувал никаква документација. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 09.09.2021 во 13.00 часот во Полициската станица Центар, воспитувачка во Јавната установа за згрижување деца со воспитно социјални проблеми пријавила дека од установата се оддалечил нивниот штитеник С.Ј.(13), кој и претходно се оддалечувал од установата. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 09.09.2021 околу 12.30 часот во СВР Скопје, З.М.(34) од Скопје пријавила дека на автобуска постојка на бул.„Никола Карев“ физички била нападната од едно лице кое ѝ одзело накит од вратот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Ноќеска (10 септември) десетина минути по полноќ, вработена во Инфективното одделение на тетовската Клиничка болница во СВР Тетово пријавила дека петнаесетина минути пред тоа едно лице дошло, го зело и потоа во возило “форд“ го ставило телото наводно на неговата мајка, а која претходно починала од „ковид -19“ и со возилото се оддалечило од местото. Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

На 09.09.2021 во 23.50 часот во СВР Скопје, Н.К.(38) и Д.А.(34), двајцата од Скопје, пријавиле дека околу 23.50 часот на подрачје на Шуто оризари биле физички нападнати од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 09.09.2021 во 21.00 часот во СВР Скопје, А.К.(31) од с.Средно Коњари, скопско, пријавила дека на 08.09.2021 околу 18.00 часот на спортско игралиште во с.Средно Коњари, по претходна расправија меѓу малолетници, двајца малолетници биле физички нападнати од М.К. и малолетниот син на М.К.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 09.09.2021 во 12.50 часот во СВР Скопје, Т.Т.(57) од Скопје пријавил дека на 06.09.2021 околу 18.00 часот во с.Волково, скопско, бил физички нападнат од И.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Е.Ш.(61) од струшко, А.А.(23) од струшко и А.М.(28) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривични дело „издавање и употреба на невистинито лекарско уверение“. Во текот на 2019, А.А. со цел да го добие детето во бракоразводна парница, решил да обезбеди невистинито лекарско уверение дека неговата поранешна сопруга е психички болна и ја ангажирал А.М. - негова сестра да му обезбеди лажно лекарско уверение. На 03.12.2019 година, без присуство на оштетената, која се наоѓала надвор од државата, извадила уверение кое му го предала на нејзиниот брат да го приложи како доказ во Меѓуопштински центар за социјални работи, кое го примил Е.Ш..

ОВР Виница поднесе кривична пријава против М.Р.(17) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 22.08.2021 година, полициски службеници извршиле проверка и не го пронашле пријавениот во својот дом и покрај тоа што имал решение за изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.Е.(50) од с.Челопек, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пренесување заразна болест“. На 20.08.2021 година полициски службеници од СВР Тетово извршиле контрола и не ја пронашле пријавената во својот дом и покрај тоа што била лабораториски потврден случај на Ковид 19.
На 08.09.2021 во 10.00 часот во СВР Скопје, Ш.С.(38) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечиле неговите две деца Р.С.(16) и Р.С.(15), кои според него заминале едното во Прилеп, а другото во Велес. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Х.(20) од с.Бродец, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пренесување заразна болест“. На 10.08.2021 година, полициски службеници од СВР Тетово извршиле контрола и не ја пронашле пријавената во својот дом и покрај тоа што била лабораториски потврден позитивен случај на Ковид 19.

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против И.И.(29) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 09.08.2021 година, полициски службеници извршиле редовна контрола и не ја пронашле пријавената во својот дом и покрај тоа што имала решение за изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
На 09.09.2021 околу 14.15 часот во СВР Скопје, П.А.(27) од Скопје пријавил дека во влез од зграда на бул.„Кирил и Методиј“ бил физички нападнат од едно лице кое му одзело накит од вратот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.