Извадок на дел од дневни настани 03.09.2021

На 02.09.2021 околу 22.15 часот, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар ги лишиле од слобода А.Б.(31) од Гостивар и С.Ф.(33) и А.И.(31) од гостиварските села Беловиште и Чегране поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психоптропни супстанци и прекурсори“. Претходно, од возило во кое се превезувале, во близина на наплатната станица Гостивар, фрлиле кесе со кокаин, кое било пронајдено. По документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 02.09.2021 во 16.40 часот на ул.„Џон Кенеди“, полициски службеници од ЕВР Кисела Вода-Отсек потраги го лишија од слобода Ф.И.(30) од Скопје, кој се барал по потерница поради сомнение за сторено кривично дело по член 242 од Кривичниот законик.
Лицето било предадено во Полициската станица Бит Пазар за понатамошна постапка.

Вчера (02.09.2021) Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 272 возачи. Од нив, 24 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа,120 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 152 надвор од населено место. Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.

На 02.09.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле преземени 44 мерки, од кои 29 за пречекорување на максималната дозволена брзина во населено место и 15 за пречекорување на брзината надвор од населено место. Откриени се и 10 други прекршоци. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

Во текот на вчерашниот ден (02.09.2021), СВР Штип спроведе засилена акциска контрола во областа на сообраќајот, при што се изречени 58 мерки, меѓу кои 50 за управување возила со брзина поголема од дозволената, 2 за управување технички неисправни возила, 1 за непрописно престигнување, 3 за некористење сигурносен појас и 2 прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли.

На 02.09.2021 во 07.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Шуто Оризари“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.Ј.(53) од Скопје и патничко моторно возило „фолксваген“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.М.(58) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила сопатничка од возилото „ауди“, Р.И.(45) од Скопје, а со телесни повреди се здобиле двајцата возачи и двајца малолетни сопатници од двете возила, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ и Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје.

На 02.09.2021 во 06.20 часот во СВР Охрид било пријавено дека на магистралниот пат Охрид-Кичево, патничко моторно возило „фолксваген пасат“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Т.М.(67) од с.Лешани, охридско, излетало од коловозот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката Љ.М.(36) од с.Лешани, констатирани во болницата за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“-Охрид. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Охрид.

На 02.09.2021 во 13.15 часот во СВР Охрид било пријавено дека на ул.„АСНОМ“ во Охрид, мотоцикл „бмв“ со бугарски регистарски ознаки, управуван од М.Ц.(43) од Струга, удрил во малолетен пешак од Охрид. Во незгодата малолетничката се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Болницата за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“-Охрид. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Охрид.

На 02.09.2021 во 19.43 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул.„Солунска“ во Битола, патничко моторно возило „форд“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Ј.Ј.(21) од Битола, удрило во велосипед управуван од З.В.(50) од Битола. Во незгодата З.В. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Битола. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Битола.

На 02.09.2021 во 16.00 часот во Полициската станица Аеродром, В.Д.(73) од Скопје пријавил дека на бул.„Јане Сандански" бил каснат од куче скитник.

На 02.09.2021 во 09.40 часот во Полициската станица Кисела Вода, З.В.(64) од Скопје пријавил дека на ул.„Вера Јоциќ" бил каснат од куче скитник.

Во текот на изминатото деноноќие (02.09/03.09.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 93 прекршоци.

 На 02.09.2021 во 16.00 часот во СВР Тетово пријавено е дека во атарот на тетовското село Сиричино со градежна механизација незаконски се врши ископ на песок и други минерали. На местото биле затекнати камион „мерцедес“ со тетовски регистарски ознаки, натоварен со песок и багер, сопственост на градежна фирма од тетовско Желино. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава. 


Вчера (2 септември) во 12.20 часот во СВР Тетово е пријавено дека во гостиварско Ѓурѓевиште, С.И.(23) од с.Ѓурѓевиште, од возило во движење пукал од пиштол кон луѓе кои се враќале од погреб. Притоа, со телесни повреди се здобил Ф.М.(46) од истото село, на кој му е укажана помош во гостиварската општа болница „Ферид Мурад“. Извршен е увид од екипа на Одделението за внатрешни работи Гостивар, пронајдени и подигнати за вештачење се две  чаури и еден проектил. Се преземаат мерки за  расчистување на случајот.


На 02.09.2021 во ОВР Кавадарци, лекар од Итна медицинска помош од Кавадарци пријавил дека околу 11.00 часот, додека бил на работа заедно со неговиот медицински тим и вршеле интервенција на ул.„Браќа Џунови“, бил физички нападнат од Џ.Д.(31). По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава. 


На 02.09.2021 околу 09.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во фирма на ул.„Боца Иванова“ во Скопје, врз Џ.Е.(40) од с.Елово, скопско, паднала бандера додека извршувал работни задачи, по што починал. Смртт констатирал лекар од Итна медицинска помош, а увид на местото извршила екипа на СВР Скопје.    


ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против Л.Ј.(34) од с.Дебреше, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здраствените прописи за време на епидемија“. На 15.08.2021, полициски службеници од ОВР Гостивар извршиле контрола, но пријавената не била затекната во својот дом и покрај тоа што била потврден позитивен случај на Ковид 19 и имала решение за изолација и домашно лекување. 


СВР  Куманово поднесе кривична пријава против Р.М.(25), Ј.И.(19), Т.М.(25) и Д.Ј.(50), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Пријавените, во периодот од 12.04.2021 до 12.06.2021, за време на забрана за движење биле затекнати од полициски службеници како се движат без дозвола за движење. 


На 02.09.2021 во 13.36 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ бил донесен повреден В.Ф.(39) од Скопје, кој пријавил дека околу 12.30 часот на подрачје на Бит пазар, поради нерасчистени должничко доверителски односи, Б.Ќ. го нападнал со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 


На 02.09.2021 во 20.00 часот во Полициската станица Аеродром. И.В.(28) од Скопје пријавила дека на бул.„АВНОЈ" била касната од куче скитник. 


СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.Т.(33) од с.Мешеишта, општина Дебрца, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“, „Кражба“ и „Спречување на докажување“ и против П.Т.(28) од с.Мешеишта поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „спречување службено лице во вршење на службено дејствие“ и „помагање на сторител по извршено кривично дело“. На 31.08.2021 во с.Мешеишта, првопријавениот со товарно возило превезувал огревни дрва и кога полициски службеници дале знак за запирање тој со возилото тргнал кон нив и се обидел да ги прегази. После тоа кога се исклучил од патот, го оштетил возилото за да не му биде одземено, а второпријавениот му помагал и ги попречувал полициските службеници во извршувањето службени дејствија.