Извадок на дел од дневни настани 01.09.2021

Вчера (31.08.2021) Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 302 возачи. Од нив, 33 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а пет возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа,119 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 183 надвор од населено место. Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.

На 31.08.2021 во 19.15 часот на ул.„Славеј Планина“ во Скопје, полициски службеници од ЕВР Кисела Вода-Отсек потраги, го лишиле од слобода Р.К.(35) од Скопје кој се барал по потерница за издржување казна затвор од една година и шест месеци. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (31.08.2021) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.На територијата на град Скопје изречени се вкупно 121 меркa, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 26 санкции, 6 за возење без возачка дозвола, 5 за управување под дејство на алкохол, пет за користење мобилен телефон, две за минување на црвено светло, 7 за нерегистрирани и технички неисправни возила и 42 за непрописно паркирање.

На 31.08.2021 во 18.20 часот на ул.„Валандовска“ во Скопје, полициски службеници од ЕВР Гази Баба-Отсек потраги, го лишиле од слобода Љ.Н.(58) од Скопје, кој се барал по потерница за издржување казна затвор од една година. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Скопје за издржување на казната.

На 31.08.2021 во СВР Битола, А.Ј од с.Нижеполе, битолско, пријавил дека во близина на стара куќа во с.Нижеполе пронашол бомба. Пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување излегол на местото и било констатирано дека се работи за четири рачни бомби од Втората светска војна кои биле безбедно подигнати.

Во текот на вчерашниот ден (31.08.2021), СВР Штип спроведе засилена акциска контрола во областа на сообраќајот, при што се изречени 63 мерки, меѓу кои 28 за управување возила со брзина поголема од дозволената, 18 за возење без возачка дозвола, 2 за управување возило под дејство на алкохол, 1 за технички неисправно возило, 3 за нерегистрирани возила, 1 за непочитување првенство на минување, 5 за некористење сигурносен појас, 1 за користење мобилен телефон и 4 прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли.

На 31.08.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. Притоа било констатирано дека 36 возачи возеле побрзо од дозволеното, од кои во населено место 14, додека 20 возачи ја пречекориле брзината надвор од населено место. Откриени се и 12 други прекршоци. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

На 31.08.2021 во 12.00 часот во Полициската станица Аеродром, Е.С.(72) од Скопје пријавила дека на ул.„Ѓорѓи Капчев“ била касната од куче скитник.

На 31.08.2021 во 11.30 часот во Полициската станица Карпош, М.С.(52) од Скопје пријавил дека во Градски парк бил каснат од куче скитник.

Во текот на изминатото деноноќие (31.08/01.09.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 83 прекршоци.

На 31.08.2021 во периодот од 08.00 до 16.00 часот на подрачјето на СВР Велес била спроведена засилена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната.  Притоа, било констатирано дека 50 возачи ја пречекориле дозволената брзина, од кои 45 надвор од населено место и 5 во населено место. При контролите било утврдено дека еден возач ја пречекорил брзината за над 70 километри на час и еден возач ја пречекорил брзината за над 50 километри на час повеќе од дозволеното. 


На 31.08.2021 во СВР Скопје било пријавено дека во 16.45 часот во објект во изградба на бул.„Борис Трајковски“ во Скопје, Г.И.(28) од с.Порој, тетовско, додека извршувал работни задачи паднал и се здобил со тешки телесни поврди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Скопје, а за настанот бил запознаен трудов инспектор.     


СВР Охрид поднесе кривична пријава против З.Д.(63) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На 12.08.2021 на негов имот на ул.„Бистрица“ во Охрид, пријавениот како инвеститор, без одобрение за градба изградил  куќа, за која при извршен инспекциски надзор било констатирано дека објектот е изграден без соодветна дозвола и било донесено решение за отстранување на објектот.  


На 01.09.2021 во 04.00 часот на Граничниот премин Блато, поради пречекорување на престојот во Република Северна Македонија бил приведен М.А.(35) од Република Албанија. Тој бил предаден на полициски службеници за понатамошна постапка. 


На 01.09.2021 во 09.12 часот во СВР Скопје било пријавено дека во населба Топанско поле било пукано во Е.Б.(33) од Скопје, кој починал од повредите. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 


На 31.08.2021 во 21.30 часот кај наплатната рампа Сопот, на автопат Скопје-Гевгелија, полициски службеници запреле патничко возило „форд фокус“ со скопски регистарски ознаки, управувано од таксистот И.Т.(42) од Скопје, а во кое се превезувале тројца државјани на Куба. По насоки од Јавен обвинител, мигрантите биле сместени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“-Гевгелија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


На 01.09.2021 во 00.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека во семеен двор од куќа на подрачје на Чаир, поради нарушени семејни односи, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ф.Ш.(30) и Е.Ш.(42), од една страна и В.Ш.(59) и С.Ш.(24), од друга страна, сите од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


На 31.08.2021 во 20.30 часот во Полициската станица Аеродром, Ф.А.(48) од Скопје пријавил дека во парк на бул.„Јане Сандански“ бил каснат од куче скитник. 


 

На 01.09.2021 околу 02.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Градски парк едно лице физички го нападнало со тврд предмет В.С.(27) од Гостивар и му одзело пари и мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.