Извадок на дел од дневни настани 21.07.2021


 На 19 и 20.07.2021 ЕВР Аеродром и Драчево расчисти повеќе кривични дела – пет измами во врска со дрва и една кражба. На 19.07.2021 во 16.00 часот, поради сомнение дека ги сторил измамите, полициски службеници го лишиле од слобода Н.Д.(45) од с.Вражле, општина Зелениково, а на 20.07.2021 во полициска станица било извршено препознавање од оштетените, кои потврдиле дека тој е сторителот. Н.Д. ги сторил делата во текот на 2021 година на тој начин што одел кај оштетените и им нудел огревни дрва за ниска сума, а откако ќе ги земел парите заминувал и не им ги доставувал договорените дрва. Н.Д. извршил и кривично дело кражба на 08.06.2021 во хотел, при што оштетена била Б.В. од Скопје. Врз основа на судска наредба, бил извршен и претрес во домот каде престојувал Н.Д., а украденото е пронајдено и вратено на оштетената. По целосно документирање на случаите против него ќе биде поднесена соодветна пријава, а од страна на судија на претходна постапка, му е одредена мерка притвор.

На 20.07.2021 во ОВР Кичево, приведен е С.М.(21) од Кичево, бидејќи при преглед извршен во 23.50 часот на ул.„Маршал Тито“ во Кичево, кај него биле пронајдени и одземени три кеси со марихуана. Против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 20.07.2021 на локацијата „Маркови кули“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода Л.С.(24), Е.Е.(26), М.В.(21), А.Е(37) и М.А.(25), сите од Прилеп, затоа што при преглед кај нив била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 20.07.2021 во 18.30 часот полициски службеници од ОВР Кичево, при контрола на патничко возило „БМВ“, со кичевски регистарски ознаки, кај сопатничката Ф.Р.(23) од Кичево пронашле кокаин. Таа е лишена од слобода и против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 21.07.2021, од страна на полициски службеници од ОВР Гевгелија лишен од слобода е Ј.Н.(44) од Гевгелија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик. Имено, по претходно обезбедена судска наредба, извршен бил претрес на дом и помошни простории каде живее Ј.Н. во Гевгелија, при што биле пронајдени и одземени листови од канабис сатива во фаза на сушење, машинка за дробење, 7 пакувања хероин, два боеви куршуми од 7,9мм калибар и засадени растенија канабис сатива. Ј.Н. е приведен во полициска станица и во координација со Јавен обвинител против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 20.07.2021 во СВР Охрид се приведени О.Д.(20) од Охрид и А.И.(32) од Скопје. При контрола извршена околу 18.00 часот на бул.„Туристичка“ во Охрид, О.Д. фрлил ќеса со марихуана. Против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 20.07.2021 СВР Штип спроведе акциска контрола за непрописно престигнување. Притоа, биле откриени 52 прекршоци од кои 10 за непрописно престигнување, 10 без возачка дозвола, 1 за нерегистрирано возило. 20 за управување возило со брзина поголема од пропишаната, 5 за некористење сигурносен појас, 3 за користење мобилен телефон при управување возило и 3 прекршоци сторени од возачи на мотоцикли. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции.

На 20.07.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена засилена контрола во областа на сообраќајот, при што било констатирано дека 70 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, седум возачи управувале возило без возачка дозвола, три возила биле со измината регистрација, еден возач разговарал на мобилен телефон, тројца возачи управувале возило под дејство на алкохол и биле исклучени од сообраќај. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

На 20.07.2021 во 23.50 часот во Полициската станица Прилеп било пријавено дека на ул.„Димо Наредникот“, велосипед управуван од З.Б.(43) од Прилеп удрил во паркирано патничко возило „пежо 206“, со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Д.К.(46) од Прилеп. Во незгодата велосипедистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница Прилеп. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Прилеп.

Во текот на изминатото деноноќие (20.07/21.07.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 49 прекршоци.


Во текот на вчерашниот ден (20.07.2021) Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 311 возачи. Од нив, 17 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а шест возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.                        


На 20.07.2021 околу 19.00 часот на бул.„Македонски просветители“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Н.С.(47) од Охрид, затоа што го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон вработени во Јавното претпријатие „Билјанини извори“ и со оштетување на наплатната куќарка и инвентарот. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.


СВР Штип поднесе кривична пријава против Е.А.(26) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 17.10.2020 во Штип, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле хероин.


На 21.07.2021 во 00.30 часот во СВР Скопје, С.М.(38) од Скопје пријавил дека на 20.07.2021 во 22.20 часот, во угостителски објект на подрачјето на Центар, бил физички нападнат од Р.Л.(45) од Скопје. Сочинет е записник за констатиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.


СВР Битола поднесе кривична пријава проитив Љ.М.(64) и И.Ч.(70) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „поднесување лажни докази“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“. Првопријавениот, во управна постапка за утврдување на статус за бесправно изграден објект, што се водела во општина Прилеп, на 02.09.2011 поднел лажни докази до општина Прилеп, поднел писмено барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од локално значење, кој го имал изнајмено за користење под наем, а за него, со имотен лист, носител на правото на сопственост е РСМ, додека корисник на имотот е Железници на Република Северна Македонија. Второпријавениот, во својство на раководител на Одделението за урбанизам и заштита на животната средина при општина Прилеп, како овластен потписник издал Урбанистичка согласност за бесправен објект со некомплетна и неуредна документација.


На 21.07.2021 околу 05.00 часот на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје ја привеле Ј.Р.(37) од Свети Николе, бидејќи во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ го нарушила јавниот ред и мир со агресивно однесување кон полициските службеници кои вршеле службени дејствија, во врска со претходна пријава од Ј.Р. дека околу 03.20 часот во близина на хотел на подрачјето на Центар била физички нападната со тврд предмет од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот и по документирање ќе биде поднесен соодветен поднесок.


СВР Штип поднесе кривична пријава против А.Д.(39) од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 22.09.2020 надзорниците во Затвор Штип извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле хероин.  

На 20.07.2021 во СВР Скопје било пријавено дека во 20.15 часот во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ со повреди бил донесен Г.Љ.(21) од Скопје. Во разговор со полициски службеници тој кажал дека бил физички нападнат од неколку лица, при што едно од нив употребило остар предмет. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот.


ОВР Дебар поднесе кривична пријава против А.Д.(51) од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Тој, на крајбрежјето на Дебарско езеро узурпирал површина од 65 метри квадратни, дел во државна, а дел сопственост на ЕСМ и на неа изградил нелегален станбен објект. Со тоа, тој се стекнал со противправна имотна корист.  


На 20.07.2021 во 19.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Хаџи Јован Шишков“ во Скопје бил пронајден починат М.Ф., од Скопје. Смрт без траги на насилство констатирал лекар од Итна медицинска помош, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.  


СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.В.(42) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 17.07.2021 на ул.„Женевска“ во Скопје, полициски службеници извршиле преглед на возило, во кое пријавениот бил сопатник и при преглед кај него биле пронајдени и одземени марихуана и амфетамин.


На 20.07.2021 во 21.45 часот во Полициската станица Центар, К.М.(28) од Скопје пријавил дека околу 20.25 часот на ул.„Филип Втори Македонски“ едно лице со закана му одзело пари и предмети. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот.


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ј.С.(55) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело кривично дело „бесправно градење“. Во ноември 2020 на подрачјето на с.Маврово, пријавениот без решение за градба изградил потпорни ѕидови, што било констатирано од овластен градежен инспектор при општина Маврово и Ростуше на Записник од инспекциски надзор од 23.11.2020 година. Потоа, со правосилно решение од 19.03.2021 му било наредено во рок од 15 дена по приемот на решението да ги отстрани потпорните ѕидови.


СВР Штип поднесе кривична пријава против Б.Д.(42) с.Стар Караорман, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Пријавениот, со намера да заземе во владение туѓа недвижност, во два наврати извршил обработка на околу 20 декари земјоделско обработливо државно земјиште во Таринци.


СВР Битола, СВР Штип и СВР Тетово поднесоа кривични пријави против С.А.(24) од нас.Три Чешми од Штип, А.З.(18) од Тетово, А.Ф.(20) од с.Нераште, тетовско, А.О.(22) од Битола и З.Ѓ.(23) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Пријавените, во периодот од 04.05. до 19.07.2021 се движеле без дозвола за движење за време на забрана за движење.

На 20.07.2021 околу 12.30 часот на тротоарот на ул.„11 Октомври“ пронајдено е залутано зрно. Увид бил извршен и се работи на расчистување на случајот.


 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Н.З.(33) од с.Беловиште, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. На 13.07.2021, полициски службеници извршиле контрола и не ја затекнале пријавената во домот и покрај тоа што имала решение за изолација.