Извадок на дел од дневни настани 19.07.2021

 На 18.07.2021 околу 22.30 часот на ул.„Илинденска“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода К.Е.(25), Ш.Е.(24) и Ф.Б.(26), тројцата од тетовско Горно Палчиште, затоа што при преглед им биле пронајдени: марихуана, дробилка и ризла.Тие се задржани во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци.

На 18.07.2021 околу 23.15 часот на локалниот пат што ги поврзува тетовските села Слатино и Теарце, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода Р.Л.(28) од Слатино, затоа што кај него била пронајдена марихуана. Тој бил задржан во Полициска станица Тетово и по документирање на случајот против него ќе следува поднесок.

СВР Струмица на 18.07.2021, во периодот од 08.00 до 12.00 часот, презеде засилени мерки за санкционирање на возачи кои управуваат моторни возила со брзина поголема од дозволената. Притоа биле констатирани 43 прекршоци. Истиот ден во периодот од 18.00 до 24.00 часот биле преземени засилени мерки и санкционирање на прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли, при што биле констатирани 21 прекршок и одземени биле 4 мотоцикли. Сите констатирани прекршоци биле соодветно санкционирани.

На 18.07.2021 во периодот од 18.00 до 24.00 часот на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола за прекршоци кои ги прават возачите на мотоцикли. За време на акциската контрола биле констатирани 19 прекршоци и сите биле соодветно санкционирани. На 18.07.2021 биле констатирани и 49 прекршоци за пречекорување на брзината, 13 за управување возило без возачка дозвола, 10 за управување возило под дејство на алкохол, 1 за нерегистрирано возило, 1 за минување на црвено светло и 1 за некористење сигурносен појас. И за овие прекршоци биле поднесени соодветни поднесоци.

Во периодот од 16 до 18.07.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена засилена контрола во областа на сообраќајот, при што било констатирано дека 179 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, 48 возачи управувале возило без возачка дозвола, 11 возила биле со измината регистрација, шест возачи разговарале на мобилен телефон, 46 возачи управувале возило под дејство на алкохол при што истите се исклучени од сообраќај. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

На 18.07.2021 во 16.30 часот било пријавено дека на пругата помеѓу железничките станици Велес и Чашка, поточно на патен премин кај с.Горно Оризари се случила сообраќајна незгода помеѓу товарен воз кој сообраќал на релација Прилеп-Трубарево и патничко возило „цитроен берлинго“, со велешки регистарски ознаки, управувано од Е.П.(46) од Велес. Во незгодата, возачот Е.П. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар Велес. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Велес.

На 18.07.2021 во 16.30 часот во Полициската станица Кисела Вода, М.Е.(41) од Скопје пријавила дека на ул.„1519“ нејзиниот син бил каснат од куче скитник.

Во текот на изминатото деноноќие (18.07/19.07.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 35 прекршоци.

На 18.07.2021 во 19.50 часот во Полициската станица Чаир, Л.М.(24) од Скопје пријавил дека на ул.„Иван Манолев“ бил каснат од куче скитник.

На 19.07.2021 по преземени мерки и активности полициски службеници од ОВР Кочани ги привеле С.М.(19) и М.А.(21) двајцата од Кочани, поради постоење основи на сомнение дека во два наврата, на 17.07 и 18.07.2021, извршиле кривични дела „тешка кражба“ на електричен кабел од Радио Кочани, кој бил наменет за напојување на опремата на радиото. По комплетирање на случаите, против С.М.и М.А. ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави за сторени две кривични дела „тешка кражба“.

На 19.07.2021, полициски службеници од Полициската станица Штип го лишиле од слобода Џ.А.(40) од Кочани, бидејќи околу 02.40 часот бил затекнат при вршење на кривично дело „тешка кражба“, односно додека се обидувал со употреба на сила и алат да влезе во продажен објект на ул.„Енгелсова“ во Штип. По целосно документирање на случајот, против Џ.А. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Регионален центар за гранични работи Југ поднесе кривична пријава против Ш.М. (52) од Стар Дојран, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „незаконит лов“. На 20.06.2021 на место викано „Стара Мрдаја“ пријавениот бил затекнат со чамец во водите на Дојранското Езеро, во кој имало уловена риба со вкупна тежина од 49 килограми.

На 19.07.2021 во 09.00 часот во Гостивар, полициски службеници од Полициската станица Гостивар ги лишиле од слобода М.К.(18) од Гостивар и 17-годишен малолетник од Кочани, со живеалиште во Гостивар, поради сомнение дека извршиле кривично дело „кражба“ на 18.07.2021 врз лице од Кичево на Железничката станица во Гостивар.Тие биле приведени во полициска станица и во разговор со полициски службеници го признале делото. По целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 18.07.2021 во 13.00 часот во место викано „Под камен“ во село Лојане, општина Липково, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот го лишиле од слобода В.А.(21) од Пакистан, поради постоење основано сомнение дека со уште неколку мигранти, со употреба на тврди предмети, физички нападнале мигранти од Пакистан, Гамбија и Индија, кои ги држеле противправно, при што им одзеле пари и накит. СВР Куманово презема мерки за расчистување на случајот.

На 18.07.2021 околу 18.40 часот во с.Страхојадица, скопско, полициски службеници од Полициската станица Драчево го лишиле од слобода С.Ќ.(37) од с.Страхојадица, затоа што физички, со употреба на остар предмет, нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 18.07.2021 во 12.00 часот на подрачје на Бит Пазар, полициски службеници го лишиле од слобода А.А.(49) од Скопје поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „насилство“, казниво по член 386 од Кривичен законик. Претходно, Н.А.(37) од Скопје пријавил дека околу 11.00 часот во зграда на подрачје на Бит Пазар, по претходна расправија, бил физички нападнат со тврд предмет од А.А.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 18.07.2021 во 16.40 часот во СВР Скопје, Љ.К.(23) од Скопје пријавила дека во 13.00 часот во трговски центар на подрачјето на Карпош, по претходно недоразбирање, била физички нападната од М.К.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 18.07.2021 во 18.05 часот во СВР Куманово, од Територијалната противпожарна единица Куманово било пријавено дека во с.Отља настанал пожар во погон за рециклирање на картони. Пожарот бил изгаснат во 19.40 часот, а повредени лица нема. Увид извршила екипа од СВР Куманово.

На 18.07.2021 во 19.25 часот во СВР Тетово било пријавено дека во месноста „Карабунар“, атар на тетовски Урвич, бил пронајден починат Е.О.(25) од тетовско Долно Палчиште, кој бил усмртен од удар на гром. Смрт констатирал лекар по судска медицина, увид извршиле екипа од СВР Тетово и Јавен обвинител по чија наредба телото е предадено на семејството.

СВР Велес поднесе кривична пријава против Б.Д.(50) од Демир Капија - вработен во ЈП „Национални шуми“ – Шумско стопанство Демир Капија, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ и Б.П.(48) од Демир Капија - вработен во ЈП „Национални шуми“ – Шумско стопанство Демир Капија, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување исправа“. Првопријавениот - референт по шуми го поттикнал второпријавениот - директор во ЈП „Национални шуми“ – Шумско стопанство Демир Капија, да му овозможи да се стекне со противправна имотна корист, а на штета на јавното претпријатие. Првопријавениот организирал на лице од с.Тремник, неготинско, да му бидат однесени огревни дрва и за нив платил во готово. Подоцна, првопријавениот уплатил само дел од парите, а 30.836 денари задржал за себе, а на штета на ЈП „Национални шуми“ – Шумско стопанство. Второпријавениот, ги пречекорил службените должности и овластувања со тоа што спротивно на законските прописи му одобрил на првопријавениот испорачаните огревни дрва да ги наплати, а паричните средства да си ги задржи за себе. Исто така, второпријавениот, со намера да ги прикрие кривичните дела со незаконска наплата на огревните дрва, сочинил лажна опомена адресирана кон лицето од с.Тремник и ја приложил на полициските службеници како вистинска, а при увидот во архивската книга, под наведениот број бил заведен друг акт.

На 19.07.2021 во 05.00 часот во СВР Скопје, В.В.(43) од Скопје пријавил дека околу 00.20 часот, додека бил заедно со К.Н. и Г.С. во близина на угостителски објект на подрачје на Центар, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат со тврд предмет од В.Б., по што за кратко време В.Б. со уште едно лице оштетиле три моторни возила паркирани во дворот од неговата куќа. Според пријавеното, подоцна на К.Н. телефонски му биле упатени закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 18.07.2021 во 17.20 часот на магистралниот пат Струга – Граничен премин „Ќафасан“, во близина на крстосницата за с.Мали Влај, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „шкода јети“, сопственост на МВР, патничко возило „бмв“, со швајцарска национална ознака, управувано од Р.Н.(38) од с.Градец, гостиварско и патничко возило „мерцедес“, со охридски регистарски ознаки, управувано од Г.М.(25) од Охрид. Во незгодата, двајца полициски службеници, возачот на возилото „бмв“ и двајца сопатници од неговото возило се здобиле со повреди, констатирани во Медицинскиот центар Струга и болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Увид на местото извршила екипа од СВР Охрид.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Ќ.Р.(38) од с.Смиланци, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 16.01.2021 во близина на црква „Св.Петар и Павле“ во с.Ратево, на имотот на В.Р., пријавениот свесно ја запалил новоизградената куќа во која живеел, паркираната земјоделска механизација, други помошни објекти и куќи.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против А.М.(37) од с.Октиси, струшко, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 14.05.2021 на локален пат с.Октиси - с.Долна Белица, пријавениот со тврд предмет се обидел да го нападне Е.И.(37) од с.Октиси, но бил спречен од случајни минувачи.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против фирма од Скопје, В.Т.(52) од Скопје - управител на фирмата, Б.К.(27), Е.А.(29), М.Р.(43), Н.Р.(39), Б.З.(22) и Е.И.(24), сите од Куманово, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. На 12.06.2021 во 01.50 часот во казино во Куманово биле затекнати пријавените за време на забрана за движење.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Б.С.(20) од с.Кучичино и 16-годишник од с.Уларци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“. На 06.06.2021 околу 23.30 часот во с.Уларци и с.Тркање пријавените физички нападнале малолетничка.