Извадок на дел од дневни настани 16.06.2021


На 15.06.2021 во 21.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје во близина на с.Миладиновци го лишиле од слобода В.М.(22) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 14.06.2021 во 20.50 часот во СВР Штип, од Казнено-поправната установа Затвор Штип било пријавено дека биле пронајдени неколку пакувања марихуана и прашкаста материја. Според пријавеното, затворските службеници забележале дека затвореникот Ф.З. ги фрлил од прозорец пакувањата, а потоа потврдил дека се негови. Дрогата била одземена од полициски службеници од СВР Штип за понатамошна постапка. За настанот бил известен Јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 15.06.2021 во периодот од 09.00 до 14.00 часот на подрачјето на СВР Тетово била спроведена сообраќајна акциска контрола во која биле откриени, законски санкционирани и исклучени од сообраќај 15 технички неисправни возила (ТЕ-8 и ГВ-7). Најголемиот број од нив имале нефункционални сопирачки (ТЕ-8 и ГВ-2). Покрај ова, биле санкционирани и 4 возачи (ТЕ) кои управувале возила без возачки дозволи и 1 возач почетник (ТЕ) кои, исто така, биле исклучени од сообраќај. Во акцијата биле констатирани и 12 други видови прекршоци.

На 15.06.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена засилена контрола во областа на сообраќајот, при што било констатирано дека осум возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, седум возачи управувале возило без возачка дозвола, пет возачи разговарале на мобилен телефон, еден возач управувал возило под дејство на алкохол и бил исклучен од сообраќај. За сите неправилности издадени се соодветни поднесоци.

Во текот на изминатото деноноќие (15/16.06.2021) на територијата на Република Северна Македонија за мерката за носење лична заштита на лице регистрирани се 90 прекршоци.

На 15.06.2021 во 16.15 часот во Полициската станица Аеродром Д.П.(18) од Скопје пријавил дека на бул.„АСНОМ“ бил каснат од куче скитник.
 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Е.(36) од с.Теарце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 22.03.2021, од Здружение на новинари на Македонија пријавено е дека на социјалната мрежа „Фејсбук“ пријавениот објавил текст со закани кон новинари од повеќе медиуми.

На 15.06.2021 околу 20.00 часот во СВР Скопје, Г.М.(38) од Тетово пријавил дека околу 19.45 часот на подрачје на Бит Пазар бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 15.06.2021 во 12.15 часот во СВР Скопје, Љ.П.(40) од Скопје пријавил дека неговиот татко З.П.(68), кој имал здравствени проблеми, се оддалечил од неговиот дом. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 16.06.2021 во 01.30 часот во СВР Скопје, Д.И.(50) од Скопје пријавила дека на 15.06.2021 во 23.00 часот на подрачјето на Центар нејзината ќерка била физички нападната од Х.М.(33) од с.Врановци- Врапчиште. Против Х.М. е поднесен соодветен поднесок.

На 15.06.2021 во 14.05 часот во Полициска станица Кисела Вода, од Итна медицинска помош било пријавено дека во куќа во Кисела Вода бил пронајден починат С.П.(72) од Црна Гора, кој немал документи за идентификација, а за кој, по кажување на соседите живеел подолг период во куќата. По наредба на Јавен обвинител телото било дадено на обдукција.

На 16.06.2021 во 05.54 часот во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека на Одделение за токсикологија бил донесен Р.Б.(30) без знаци на живот. Според пријавеното, веднаш потоа телото го земале членови на семејството и заминале со патничко возило, кое набргу било пронајдено. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено за обдукција.

На 16.06.2021 во СВР Скопје од полициски службеници во полициска станица биле приведени М.А, М.С.(35) од с.Страчинци и Н.Џ.(27) од с.Арачиново, постапувајќи по пријава според која околу 02.00 часот, по претходна расправија, во с.Арачиново, скопско, М.А.(31) од с.Страчинци, скопско, испукал од огнено оружје и го повредил Б.А.(36) од с.Арачиново, скопско, поради долг што го имал Б.А. кон него. Подоцна, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ со повреди од огнено оружје се пријавил М.А., додека во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ со повреди од огнено оружје бил донесен Б.А.. Во истата болница со повреди од огнено оружје бил донесен и Ф.Н., кој пред полициските службеници изјавил дека се повредил во сообраќајна незгода, по што заминал без да му биде утврден карактерот на повредите. Во врска со случајот, од местото биле подигнати чаури од пиштол и две патнички возила. Се преземаат мерки за комплетно расчистување на случајот по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.