Извадок на дел од дневни настани 08.04.2021


 На 07.04.2021 во 22.40 часот од полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Кисела Вода од слобода бил лишен Д.Г.(39) од Скопје, бидејќи кај него била пронајдена марихуана. Исто така, тој постапил и спротивно на член 206 од Кривичниот законик и не ги почитувал донесените мерки за забрана за движење по 20.00 часот. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.  

На 07.04.2021 околу 15.45 часот во с.Непроштено, тетовско, полициски службеници од СВР Тетово лишиле од слобода малолетник од ова село, кај кого била пронајдена марихуана, којашто се обидел да ја фрли. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 07.04.2021 во 13.30 часот на граничен премин „Меѓународен аеродром-Скопје“ биле приведени А.Е.(25) и Б.Е.(26), двајцата од Швајцарија, кои поседувале и македонски патни исправи, затоа што при гранична контрола било констатирано дека се наоѓаат во системот за задолжителна самоизолација и поседувале невалидни негативни ПЦР тестови. Двајцата биле предадени за понатамошна постапка, а по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 07.04.2021 СВР Штип спроведе засилена акциска контрола во областа на сообраќајот, при што се изречени 39 мерки, меѓу кои 18 за управување возила со брзина поголема од дозволената, 5 за управување возило без возачка дозвола, 1 за нерегистриранo возило, 7 за некористење сигурносен појас, 1 за користење мобилен телефон, 2 мерки за возач почетник и 5 за непрописно паркирање.

На 07.04.2021 во 19.40 часот во СВР Струмица било пријавено дека на крстосница од ул.„Ленинова“ и ул.„4 Јули“ во Струмица, патничко возило „нисан“, со струмички регистарски ознаки, управувано од И.Ч.(18) од Струмица, удрило во В.Б.(20) од с.Русиново, беровско. Во незгодата, В.Б. се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница Струмица. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Струмица.

На 07.04.2021 на подрачјето на ОВР Кавадарци и ОВР Неготино била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзината поголема од пропишаната. Притоа биле регистрирани 27 прекршоци, и тоа, 18 во Кавадарци и девет во Неготино, кои ќе бидат соодветно санкционирани.

На 07.04.2021 во 18.30 часот во Полициската станица Карпош, Д.Г.(28) од Скопје пријавил дека на ул.„Иван Цанкар" во Скопје бил каснат од куче скитник.

На 07.04.2021 во 16.30 часот во Полициската станица Чаир, С.Ј.(81) од Скопје пријавил дека на ул.„Радишанска" во Скопје бил каснат од куче скитник. 

  
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против А.Б.(19) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 30.07.2020 на магистралниот пат Кичево-Гостивар, во близина на с.Зајас, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „рено“, со скопски регистарски ознаки, во кое пријавениот бил сопатник, при што кај него биле пронајдени и одземени таблети од синтетичка дрога МДМА.  
 
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против А.К.(48) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Тој ја искористил електронската пошта, сопственост на друго лице и во негово име, без да го запознае и да добие одобрение, склучил договор со правен субјект за подигнување парични средства во вид на кредит. Откако кредитот бил одобрен, од трансакциска сметка, сопственост на оштетеното лице, ги подигнал одобрените парични средства и ги искористил за лични потреби.
 
На 07.04.2021 во 09.35 часот во Полициската станица Центар, Г.Г.(56) од Скопје пријавил дека  околу 09.15 часот во Комплекс клиники „Мајка Тереза", на Оддел токсикологија, додека извршувал работни задачи, бил физички нападнат од пациентот Г.С.(38) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 07.04.2021 во 09.00 часот во Полициската станица Аеродром, З.Ј.(42) од Скопје пријавила дека на бул.„Јане Сандански" во Скопје нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.  
 
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Ф.П.(31) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 28.09.2020, полициски службеници од ОВР Прилеп извршиле претрес на дом и други простории кај пријавениот, при што пронашле и одзеле хероин и дигитална вага со остатоци од хероин. Претресот бил извршен во присуство на адвокат поради отсуство на пријавениот.
 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ж.Т.(46), Т.Ј.(55) и Т.Д.(28), сите од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. Во периодот од 01.03.2020 до 08.03.2020 во куќа во Тетово, сопственост на М.И., пријавените со употреба на сила влегле и одзеле предмети од домот. По преземени мерки дел од предметите биле пронајдени и вратени на пријавителот.
 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.М.(33) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 17.08.2020, полициски службеници од СВР Тетово извршиле преглед над пријавениот, кој бил на издржување затворска казна во Казнено-поправната установа Затвор Тетово, при што кај него била пронајдена марихуана.
 
ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против Ф.С.(69) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Во текот на 2020 година во с.Старо Турчане, гостиварско, на место викано „Оревиште“, во земјиште сопственост на Република Северна Македонија, Ф.С. изградил викенд куќа без соодветна документација. Извршен бил увид на местото на настанот за што е изготвена фотодокументација.
 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Р.А.(27) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. На 24.11.2020 во с.Виштица, општина Липково, пријавениот, во својство на физичко лице, со товарно возило „мерцедес“, сопственост на С.А., вршел јавен превоз на огревни дрва со испратница издадена од фирма од с.Гошинце, општина Липково, без да поседува лиценца за јавен превоз издадена од Министерство за транспорт и врски.
 
ОВР Кратово поднесе кривична пријава против Н.И.(29) од Пробиштип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 07.03.2021 во с.Кнежево, кратовско, пријавениот, додека управувал мотоцикл „кавасаки“ во близина на брана Злетовица, удрил во оштетениот А.А.(21) од Пробиштип, нанесувајќи му тешки телесни повреди. 
 
СВР Куманово, СВР Велес, СВР Штип и СВР Тетово поднесоа кривични пријави против Ф.Б.(34) од Скопје, Н.Д.(27), М.А.(26) и Ф.Н.(28), тројцата од Куманово, С.К.(33) и Е.А.(47), двајцата од с.Бистренци, демиркаписко, А.С.(26) од Скопје, С.С.(28) од Демир Капија, Д.В.(17) од Кочани, Б.П.(29), М.М.(29) и С.Д.(23), тројцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Пријавените, во периодот од 11.03 до 05.04.2021 постапиле спротивно на одлуката на Владата на Република Северна Македонија и без дозволи за движење се движеле за време на забрана за движење на лица во периодот од 22.00 до 05.00 часот.
 
На 07.04.2021 полициски службеници од Полициското одделение Матејче извршиле контрола во напуштена куќа во с.Лојане, при што биле пронајдени 6 мигранти од Пакистан. Извршен бил увид на местото од екипа на СВР Куманово и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 07.04.2021 во 18.30 часот во СВР Скопје И.К. пријавил дека од куќата каде биле на гости се оддалечил неговиот син А.К.(24). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Е.М.(53) од с.Дебреше, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Во текот на декември 2020, полициски службеници од СВР Тетово, на регионалниот пат Тетово-с.Брвеница, извршиле контрола во возило комбе „форд транзит“, управувано од Е.М., при што биле затекнати повеќе патници од дозволеното, односно не се придржувал на одлуката на Владата на Република Северна Македонија со која исполнетоста на возилото со патници треба да биде максимум 50% од вкупниот капацитет.