На 16.03.2021 во 09.15 часот, полициски службеници од Полициската станица Гази Баба го привеле И.М.(24) од Скопје кој се барал по судска наредба од Основен суд Скопје за сторено кривично дело „тешка кражба“.
На 16.03.2021 во 12.45 часот, полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Бит Пазар го лишиле од слобода О.Б.(21) од Скопје затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана и дробилка. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 16.03.2021 во 22.00 часот на Граничен премин „Табановце“, полициски службеници ги привеле Р.В.(27) и К.А.(30), двајцата од Р.Косово, бидејќи при пасошка контрола тие дале на увид туѓи патни исправи. Лицата биле предадени на полициски службеници од Полициска станица Куманово за понатамошна постапка.
Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (16.03.) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.На територијата на град Скопје изречени се вкупно 174 мерки, меѓу кои за непочитување на брзина на движење 29, осум санкции за возење без возачка дозвола, шест за непрописно престигнување и обиколување.Изречени се 15 санкции за користење мобилен телефон, седум за минување на затворен сигнал(црвено светло), две санкции за некористење сигурносен појас и 46 за непрописно паркирани возила.
На 16.03.2021 во 11.30 часот во Полициската станица Прилеп било пријавено дека во с.Дебреште, прилепско, од мопед „атв“ без регистарски ознаки, управуван од малолетник, на коловозот паднал сопатникот - малолетник. Во незгодата тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската болница Прилеп. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Прилеп.
На 16.03.2021 во 12.40 часот во Полициската станица Чаир, М.Л.(62) од Скопје пријавила дека на ул.„Галичник“ била касната од куче скитник.
На 16.03.2021 во 12.30 часот во Полициската станица Центар, А.Ј.(80) од Скопје пријавил дека на Кеј „13-ти Ноември“ бил каснат од куче скитник.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.А.(21) од с.Чифлик, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 19.02.2021 на социјалната мрежа „Тик Ток“, пријавениот објавил видео клип со песна со говор на омраза.
Одделението за прекуграничен криминал и миграции Скопје поднесе кривични пријави против двајца државјани на Република Северна Македонија, двајца државјани на Република Турција и еден државјанин на Швајцарија поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и ,,непостапување според здравствените прописи за време на епидимија“. На 08., 10. и 12.03.2021 на Граничен премин Меѓународен аеродром - Скопје, пријавенит ена увид приложиле фалсификуван негативен ПЦР тест.
Регионалниот центар за гранични работи Исток поднесе кривични пријави против три лица од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и ,,непостапување според здравствените прописи за време на епидимија“. На 31.01.2021 на Граничен премин „Деве Баир“, пријавените на увид приложиле фалсификуван негативен ПЦР тест.
ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против Х.Ш.(32) од с. Неготино, гостиварско, поради постоење на основи на сомнение дека извршил кривично дело „непостапување според здраствените прописи за време на епидемија“. На 18.02.2021, пријавениот постапил спротивно на издадено решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат, со кое му биа одредена изолација.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Д.Р.(34) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здраствените прописи за време на епидемија“. На 11.03.2021 во 23.45 часот, во време на забрана на движење на лица од 22.00 до 05.00 часот, полициски службеници го затекнале пријавениот на ул.„Плачковица“ во Делчево без дозвола за движење.
СВР Штип во текот на вчерашниот ден спроведе засилена акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на Кочани. Притоа изречени се вкупно 41 санкција, меѓу кои: 13 за возење без возачка дозвола, 3 за измината важност на сообраќајната дозвола (нерегистрирани возила), 1 за управување под дејство на алкохол, 5 за користење мобилен телефон, 6 за неносење заштитни маски, 2 за непрописно престигнување... Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.
На 16.03.2021 од 18 до 22.00 часот, Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид изврши сообраќајна контрола, при што биле санкционирани 10 возачи на моторни возила кои извршиле непрописно паркирање и еден возач кој управувал возило под дејство на алкохол. Тој бил исклучен од сообраќај и му биле одземени возачките документи.
На 16.03.2021 во 22.00 часот во Делчево, полициски службеници од ОВР Делчево ја лишиле од слобода Б.Д.В.(44) од Република Бугарија, со привремено живеалиште во Делчево, бидејќи претходно со остар предмет се заканувала на нејзиниот невенчан сопруг и неговите родители. Лицето било задржано во Полициската станица Делчево за понатамошна постапка.
На 16.03.2021 во 12.00 часот во СВР Битола, 43-годишна жена од Битола пријавила дека С.Ќ. од Битола извршил обљуба врз нејзината ќерка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 16.03.2021 околу 11.30 часот во Полициската станица Гази Баба, П.Ј.(52) од Скопје, сопственик на приватна фирма во с.Идризово, скопско, пријавил дека во канцеларија настанал пожар и дека со домарот успеале да влезат и да ја отстранат греалката која била опожарена и стопена. Повредени лица нема,а увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.
На 16.03.2021 околу 18.30 часот на пругата Табановце-Скопје, поточно помеѓу железничка станица Миладиновци и железничка станица Илинден - во близина на надвозникот за с.Бунарџик, патнички воз наишол на камен поставен помеѓу шините. Од ударот во каменот направена е материјална штета, а нема повредени лица.
На 17.03.2021 во 02:06 часот во СВР Скопје било пријавено дека во објект на бул.„Борис Трајковски“ непознат сторител со употреба на сила влегол внатре и одзел пари. Извршен бил увид на местото и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 16.03.2021 во 21.23 часот во СВР Скопје, С.С.(34) од Скопје пријавил дека на паркинг на подрачјето на Аеродром бил физички нападнат од М.К.(41) од Скопје. Се работи на расчистување на случајот.
На 16.03.2021 во 20.30 часот во Полициската станица Кисела Вода, В.М.(30) од Скопје пријавила дека во населба Пинтија била касната од куче скитник.