Извадок на дел од дневни настани 10.03.2021

 На 09.03.2021 во 17.30 часот, полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Гази Баба го лишиле од слобода С.С.(22) од Скопје затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 09.03.2021 во 19.30 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Б.Т.(52) од Куманово затоа што при преглед кај него била пронајдена марихуана и  бела прашкаста материја. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.  

На 09.03.2021 во периодот од 08.00 до 16.00 часот Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип на автопатот Штип – Миладиновци (од клучка Три Чешми до клучка Преод) спроведе контрола на возачи кои управуваат возило со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле откриени 14 возачи кои управувале возила со брзина поголема од дозволената. Констатирани биле и три останати видови на прекршоци. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции.    

На 09.03.2021 во 21.30 часот, полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Бит Пазар извршиле преглед кај М.А.(27) од Скопје, при што пронашле нож на расклопување и еден пендрек (палица). Тој бил приведен поради сомнение за сторен прекршок од Законот за оружје. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.  

На 09.03.2020 во 13.45 часот на Граничен премин „Долно Блаце“ од слобода бил лишен Н.С.(27) од Скопје бидејќи при извршени гранични проверки било констатирано дека се наоѓа на листата со мерка „апси“ по барање на СВР Скопје. Лицето било предадено на полициски службеници од СВР Скопје за понатамошна постапка.  

На 09.03.2021 во 22.20 часот на Граничен премин „Јажинце“ од слобода бил лишен М.А.(33) од с.Балин Дол, гостиварско, бидејќи по извршена пасошка контрола било констатирано  дека е предмет на потрага во „стоп листа“ со мерка „апси“ поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „измама“ ,а бил баран по телеграма од ОВР Гостивар и Сектор за меѓународна полициска соработка. Лицето било предадено на полициски службеници од Полициско одделение Чегране за понатамошна постапка.

На 09.03.2021 во 10.30 часот на Граничен премин „Деве Баир“ од слобода бил лишен О.А.(39) од Република Турција бидејќи при извршена проверка било констатирано дека постои основано сомнение дека зелениот картон е фалсификуван. Лицето било предадено на полициски службеници од Полициска станица Кратово за понатамошна постапка.

На 09.03.2021 во 09.15 часот во Полициската станица Драчево, С.В.(37) од Скопје пријавила дека на ул.„Коперникова“ била касната од куче скитник.

На 09.03.2021 во 15.45 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Д.Ц.(41) од Скопје пријавил дека во с.Волково неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.   

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Р.М.(22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени осум кривични дела „тешка кражба“ и едно кривично дело „тешка кражба во обид“. Тој, во периодот од 24.02.2021 до 06.03.2021 со употреба на физичка сила и погоден алат во осум патнички моторни возила паркирани на улиците „Гоце Делчев“, „Ристо Чадо“ и „1-ва МУБ“ во Охрид одзел пари и други вредни предмети, а од гаража извршил кражба на велосипед. На тој начин пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 56.000 денари.  

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против А.Д.(55) од кичевското село Трапчин Дол поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Тој, до Бирото за метрологија поднел барање за издавање потврда за отворање на постапка за идентификација и регистрација на увезено товарно возило „мерцедес бенз“ и со цел да докаже дека е сопственик, приложил копија од странска сообраќајна дозвола за возилото, на која извршил преправки во податоците.

На 09.03.2021 во периодот од 08 до 13.00 часот на подрачјето на СВР Тетово била спроведена акциска контрола на прекршоците што ги прават пешаците во сообраќајот. При контролата откриени и законски се санкционирани вкупно 42 прекршоци (ТЕ-33 и ГВ-9). Најголемиот број од прекршоците се однесувале на некористење на тротоари и на преминување на улиците надвор од пешачки премини. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци. Исто така, на улиците „Маршал Тито“ и Видое Смилевски-Бато“ во Тетово полициски службеници на СВР Тетово времено одзеле три патнички моторни возила со скопски и тетовски регистарски ознаки, што ги управувале тетовци на возраст од 30, 38 и 45 години, а кои имале истечена регистрација повеќе од шест месеци.

На 09.03.2021 во периодот од 08 до 13 часот на подрачјето на СВР Охрид била спроведена акциска контрола на прекршоците што ги прават пешаците во сообраќајот. Притоа, полициските службеници затекнале 39 пешаци кои сториле небезбедно преминување на улица и преминале коловоз надвор од пешачка патека (Охрид-11, Струга-14, Кичево-10, Дебар-04). Тие се соодветно санкционирани. При сообраќајната контрола, полициските службеници од Охрид санкционирале 12 возачи поради непрописно запирање и паркирање на возилата, додека полициските службеници во Струга со специјално возило „пајак“ подигнале седум непрописно паркирани возила.

На 09.03.2021 во периодот од 08.00 до 13.00 часот на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола за прекршоците што ги прават пешаците во сообраќајот. Од извршената контрола биле констатирани 30 прекршоци. На сите им биле изготвени соодветни поднесоци. Санкционирани биле и 22 останати прекршоци.

На 09.03.2021 во периодот од 08.00 до 13.00 часот на подрачјето на СВР Велес била спроведена акциска контрола на прекршоците кои ги прават пешаците во сообраќајот. Притоа, регистрирани се 18 прекршоци, од кои 10 во Велес, четири во Кавадарци и четири во Неготино, кои ќе бидат соодветно санционирани.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Р.М.(20) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. На 20.11.2020, пријавениот, без знаење на 17-годишен малолетник, го снимал нивниот разговор, по што видеото го објавил на социјалните мрежи и на негов Youtube канал.  

СВР Скопје поднесе кривична пријава против приватна фирма од Скопје и Н.Р.(49) од Скопје-сопственик и управител на фирмата поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“. На 07.05.2020 во атар на с.Орман, пријавените со две товарни возила „мерцедес“, сопственост на правното лице, фрлиле поголема количина на градежен шут и друг вид на отпад, со што довеле до создавање на депонии спротивно на прописите за заштита на животната средина.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.А.(25) од с.Мерово, тетовско, осудено лице во во Казнено-поправната установа - Затвор Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 13.07.2019, пријавениот бил забележан од вработените во затворската полиција како од бетонска подлога подига најлонска ќеса во која, по извршен преглед, било утврдено дека има марихуана.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ќ.Р.(59) од с.Ваксинце, општина Липково- вработен во Царинска Управа - Царинска испостава „Белановце“ поради постоење основи ан сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. На 05.12.2020, додека бил на работа, пријавениот не ја пресметал вредноста на работите кои ги превезувало лице од с.Матејче во своето возило и не ја наплатил царинската увозна давачка со што му овозможил да се стекне со противправна имотна корист. Исто така, пријавениот не го евидентирал возилото во дневната евиденција за извршени прегледи.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.А.(45) и М.А.(48), двајцата од с.Порој, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“. Пријавените, во текот на 2020 година во својство на инвеститори, во с.Порој извршиле узурпација на површина од 2.343 метри квадратни, сопственост на Република Северна Македонија, на која бесправно изградиле четири деловни објекти без да поседуваат соодветна документација.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Р.Т.(33) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Во текот на 2020 година на ул.„Видое Смилевски Бато“ во Тетово до коритото на реката Пена, пријавениот Р.Т. на земјиште сопственост на Република Северна Македонија изградил бесправен објект без соодветна дозвола за градба.

ОВР Делчево поднесе кривична пријава против 17-годишен малолетник од Делчево и против Б.И. од с.Град, делчевско, со престојувалиште во Италија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“. Во периодот од 25.10.2020 до 27.11.2020 малолетникот набавил и држел кај себе повеќе фалсификувани банкноти во апоени од 50 евра, од кои четири пуштил во оптек во продажни објекти и менувачница во Македонска Каменица. При претрес кај него биле пронајдени и одземени 35 банкноти. Б.И. земал една фалсификувана банкнота од малолетникот и ја дал на друго лице, кое не знаејќи дека е фалсификувана ја пуштил во оптек во продажен објект во Делчево.

Одделението за прекуграничен криминал и миграции Скопје поднесе 11 кривични пријави против 18 сторители (13 државјани на Република Северна Македонија и пет државјани на РепубликаТурција) поради постоење основи на сомнение за сторени по 11 кривични дела „фалсификување исправа“ и ,,непостапување според здравствените прописи за време на епидимија“. Пријавените, во периодот од 23.02 заклучно со 04.03.2021, на Граничен премин Меѓународен аеродром- Скопје приложиле фалсификуван негативен ПЦР тест.  

СВР Тетово поднесе кривична пријава против правно лице – угостителски објект од Тетово и М.А.(38) од Тетово-управител на угостителскиот објект поради постоење основи на сомнение  за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 14.02.2021, полициски службеници извршиле контрола во објектот и констатирале дека не било почитувано пропишаното работно време. .

СВР Тетово поднесе кривична пријава против правно лице – угостителски објект од Тетово и Е.Х.(25) од Тетово - сопственик на угостителскиот објект поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 05.02.2021, полициски службеници во содејство со Државниот пазарен инспекторат извршиле контрола во угостителскиот објект и констатирале дека внатре има околу 100 гости и дека не се почитуваат пртоколите за работа на угостителските објекти и за спречување на ширење на Ковид 19.
 
На 09.03.2021 во 15.45 часот во Полициската станица Драчево, В.П.(36) од Скопје пријавила дека на ул.„Коперникова“ нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против О.М.(21) од с.Дебреште, општина Долнени, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“. Пријавениот, во своето возило допирал малолетно девојче и се обидел да изврши обљуба над неа.