Извадок на дел од дневни настани 23.02.2021

На 22.02.2021 во 15.00 часот на Граничниот премин „Меѓународен aеродром“-Скопје, при проверка на Р.Б.(36) и Л.Б.(34), двајцата од Боговиње, тетовско, било констатирано дека на увид приложиле фалсификувани негативни ПЦР тестови. Тие биле приведени и задржани за понатамошна постапка.

На 22.02.2021 на автопатот Штип – Миладиновци (од клучка Кадрифаково до клучка Преод), полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Свети Николе спровеле акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле констатирани 15 прекршоци и на возачите им биле изготвени прекршочни платни налози. Санкционирани биле и три останати прекршоци.

На 22.02.2021 во 04.00 часот на Граничниот премин „Меѓународен aеродром“-Скопје, при проверка на Р.Б.(21) од Казахстан било констатирано дека на увид приложила фалсификуван негативен ПЦР тест. Таа била приведена и задржана за понатамошна постапка.

На 22.02.2021 околу 17.50 часот, во гостиварска Топлица, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го привеле 26-годишниот М.М. од Република Албанија, кој го злоупотребил туристичкиот престој, односно престојувал спротивно на целта. Тој бил задржан во Полициската станица Гостивар за натамошна постапка.

На 22.02.2021 во 05.20 часот на Граничниот премин „Меѓународен аеродром“-Скопје, при проверка на Е.С.(48) и А.С.(46), двајцата од Кoсово, било констатирано дека на увид приложиле фалсификувани негативни ПЦР тестови. Тие биле приведени и задржани за понатамошна постапка.
                                     
На 22.02.2021 на подрачјето на Одделението за внатрешни работи Радовиш била спроведена контрола на техничка исправност на возила кои вршат јавен превоз на патници, при што 8 возила биле упатени на вонреден технички преглед. Кај три од возилата била констатирана техничка неисправност на уредот за запирање и тие биле исклучени од сообраќај. Исто така, биле констатирани и 13 останати прекршоци. Сите прекршоци биле соодветно санкционирани.

На 22.02.2021 во 07.40 часот на Граничниот премин „Меѓународен аеродром“- Скопје, при проверка на Г.Х.(50) од Турција било констатирано дека на увид приложил фалсификуван негативен ПЦР тест. Тој бил приведен и задржан за понатамошна постапка.

На 22.02.2021 на подрачјето на Одделението за внатрешни работи Гевгелија била спроведена акциска контрола над возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. Притоа, биле откриени 5 прекршоци и на возачите им биле изречени соодветни санкции. Констатирани биле и 3 останати прекршоци.  

На 22.02.2021 во 08.40 часот во Полициската станица Центар, Ј.Б.(35) од Скопје пријавила дека на ул.„Мајка Тереза“ била касната од куче скитник.

На 22.02.2021 во 11.20 часот во Полициската станица Кисела Вода, Љ.П.(36) од Скопје пријавила дека на ул.„Јабланица“ била касната од куче скитник.  


 На 23.02.2021 во 13.30 часот на ул.„Мариовска" во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје, врз основа на судска наредба, го привеле А.Ј.(32) од Скопје за издржување казна затвор од две години за сторено кривично дело „измама“ по член 247 став 3 од Кривичниот законик. Лицето било предадено во Полициската станица Кисела Вода за понатамошна постапка.
 

На 22.02.2021 на подрачјето на ОВР Кичево била спроведена акциска контола на возила кои вршат општински јавен превоз на патници во внатрешниот патен сообраќај. Притоа, пет такси превозници се затекнати при вршење на превоз на патници без да поседуваат важечка лиценца за авто-такси превоз, согласно одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај и условите пропишани од страна на Советот на општина Кичево. Против нив, ќе бидат поднесени соодветни пријави.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Х. Ј.(20) и А.С.(28) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 20.02.2021, пријавените физички ги нападнале П.Ѓ.(28) и М.З.(23), двајцата од Скопје и кршеле инвентар во угостителски објект. 

На 22.02.2021 во СВР Скопје, С.Д.(59) од Скопје пријавила дека околу 14.20 часот пред банка на подрачје на Чаир, по претходно недоразбирање, едно лице физички ја нападнало. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 22.02.2021 во 07.48 часот во СВР Скопје, Н.Ф.(45) од Скопје пријавил дека околу 06.40 часот на Транспортен центар во Скопје бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

ОВР Неготино поднесе кривична пријава против М.С.(64) од с.Прждево, општина Демир Капија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривичнo делo „повреда на тајноста на гласањето“. На 15.07.2020, за време на одржувањето на „предвремените парламентарни избори 2020“, на гласачко место во с.Прждево, во својство на член на избирачкиот одбор, телефонски контактирал со друго лице и открил дали лице запишано во избирачкиот список од с.Прждево го искористило своето право на глас.

 

На 23.02.2021 во 03.30 часот на Граничниот премин „Блаце“, Е.Л.(27) од Косово пријавил дека околу 02.30 часот на Граничниот премин „Блаце“, по претходна расправија, бил физички нападнат од Г.С.(28) и Љ.С.(24), двајцата од од с.Гошинце, општина Липково. Сочинети се записници за констатиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

 

На 22.02.2021 во 13.35 часот во Полициската станица Центар, В.Б.(66) од Скопје пријавил дека на кеј „13 Ноември“ бил каснат од куче скитник.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Т.Р.(45) од Скопје, раководител на оддел за продажба на нови возила во правно лице од Илинден-Скопје, против М.А.(33) од Долно Соње, општина Сопиште, технички испитувач во правно лице од Скопје и против С.К.(50) од Скопје, раководител на техничка служба во правно лице од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување службена исправа“. На 10.07.2017, Т.Р. изготвил потврда за исполнување на техничките барања за товарно возило „ман“, внесувајќи невистинити податоци, ја заверил со свој потпис и службен печат. M.А., при спроведување на постапка за оцена на техничката состојба на возилото, изготвил потврда за сообразност на единечно одобрено возило со невистинита содржина и С.К. така изготвената потврда со невистинита содржина ја заверил со свој потпис и службен печат, со што овозможиле на други лица да склучат купопродажен договор за возилото и да извршат прва регистрација.

 

На 22.02.2021 во 14.30 часот во СВР Скопје, С.Ј.(52) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Центар, по претходна расправија, била физички нападната од Ф.С.(37) од Скопје. Сочинет бил записник за констатиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

 

На 22.02.2021 во 16.30 часот во Полициската станица Карпош, М.Ц.(47) од Скопје пријавил дека на ул.„Иван Цанкар“ бил каснат од куче скитник.

                

На 22.02.2021 во 17.54 часот во СВР Скопје, С.Ш.(45) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од Е.М. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 22.02.2021 во 10.35 часот во Полициското одделение Ропотово било пријавено дека во с.Десово, прилепско, настанал пожар во куќата на А.Ѓ.(59), при што изгорелe кровната конструкција и покуќнината. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп. Повредени лица нема, а увид изврши увидна екипа.

  

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Г.Б.(33) од с.Опае, општина Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедност“. На 31.12.2020 во казино во Куманово, пријавениот физички го нападнал И.М., вработен во агенција за обезбедување, ангажиран како обезбедување во казиното.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.Е.(48) од Тетово и А.Н.(30) од Пробиштип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 23.10.2018 Тетово, првопријавениот ѝ продал хероин на второпријавената.

 

На 22.02.2021 во 07.40 часот во Полициската станица Струга било пријавено дека во периодот од 21.02.2021 до пријавувањето непознат сторител со употреба на сила влегол во црквата „Св.Ѓорѓија“ во „Паркот на поезијата“ во Струга и одзел пари. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Струга и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднeсе кривична пријава против И.Ц.(37), Д.Ц.(39), двајцата од Крива Паланка и против Д.И.(25) од с.Огут, кривопаланечко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 15.12.2020 на регионалниот пат Крива Паланка-с.Огут, пријавените физички ги нападнале Б.Р.(72) од Скопје и Џ.С.(24) од Крива Паланка, а го оштетиле и нивното возило.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.М.(21) од с.Подгорци, струшко и А.М.(41) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба наркотични дроги“. На 06.08.2018 на ул.„Партизанска“ во Охрид, полициски службеници извршиле преглед во патничко возило, во кое биле пријавените, при што пронашле и одзеле марихуана.

 

На 22.02.2021 во 22.40 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди бил донесен Д.К.(22) од Скопје. Во разговор со полициски службеници Д.К. изјавил дека околу 22.00 часот во Скопје кај Транспортен центар бил физички нападнат од три лица, кои го повредиле со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.И.(48) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 22.10.2020 полициски службеници  извршиле претрес на дом и други простории кај М.И., син на пријавениот, кој не бил пронајден дома, при што биле пронајдени и одземени пиштол „М57“ со калибар 7.62 мм со една рамка и 23 куршуми, непозната марка и калибар.

 

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Г.Д.(35) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 05.11.2020, полициски службеници извршиле претрес во куќа во с.Горно Село, сопственост на пријавениот, тој предал ловна пушка ,,црвена застава“ со калибар 16мм за која изјавил дека била од неговиот покоен дедо.

 

На 23.02.2021 во 11.16 часот во СВР Скопје, Д.И.(22) од Скопје пријавил дека околу 10.50 часот во дворот од неговата куќа на подрачјето на Бутел едно лице фрлило експлозивна направа, која не експлодирала. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 22.02.2021 во 21.35 часот во Полициската станица Драчево, М.М.(19) од Скопје пријавил дека на ул.„Коперникова“ бил каснат од куче скитник.  

 

На 23.02.2021 околу 03.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Визбегово, скопско, настанал пожар во патничко возило „мерцедес“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Агенција на примена на јазиците, кое било паркирано во близина на влезната врата на куќата на И.С.(43). Пожарот е изгаснат и извршен е увид.