Извадок на дел од дневни настани 24.11.2020

На 23.11.2020 во 21.00 часот, од полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Центарбил приведен В.Н.(31) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена бела прашкаста материја. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 23.11.2020 во 23.30 часот, од полициски службеници од СВР Скопје, на подрачјето на Центар, при извршен преглед кај А.Б.(46) од Скопје, бил пронајден нож. Тој бил приведен поради сомнение за сторен прекршок од Законот за оружје. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок. 

 

На 23.11.2020 во 19.30 часот полициски службеници од ОВР Кочани, во близина на градскиот плоштад во Кочани, ја лишиле од слобода Т.З.(20) од с.Зрновци, затоа што при извршен преглед кај неа била пронајдена и одземена марихуана. Се работи на комплетирање на случајот по што против Т.З. ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 23.11.2020 во 16.30 часот било пријавено дека во Тетово на бул.„Благоја Тоска“ патничко возило „ауди А4“, со тетовски регистарски ознаки, управувано од Т.К.(38) од с.Слатино, тетовско, удрило во пешакот К.С.(67) од Тетово. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила К.С., констатирани во Клиничкиот центар Тетово. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Тетово.

 

На 23.11.2020 околу 12.00 часот, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода Б.С.(26), од гостиварско Врапчиште, бидејќи при претрес извршен со судска наредба во неговиот дом билe пронајдени марихуана и гасен пиштол калибар 9 милиметри со куршум. Тој е задржан во Полициската станица Гостивар. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 23.11.2020 година во 21.30 часот на автопатот А1, делница од Гевгелија кон село Прдејци, полициски службеници од Полициска станица Гевгелија го лишиле од слобода И.Г.(40) од Гевгелија, под сомнение дека истиот ден сторил една тешка кражба на дрзок начин и  тешка кражба во обид во две аптеки во Гевгелија. Лицето било задржано во просториите на Полициска станица Гевгелија и по документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.


Поради постоење основи на сомнение за сторенo кривично дело „бесправно градење“, ОВР Струга поднесе кривична пријава против Р.А.(52) од Струга. Тој, во својство на сопственик на катарстарска парцела во Струга,  во текот на годинава, без соодветно одобрение и спротивно на основниот урбанистички проект, започнал со изградба на станбена куќа. Од извршениот инспекциски надзор донесено е решение со кое на инвеститорот му се наложува да се отстрани дел од нелегалната градба.


ОВР Струга поднесе кривична пријава против З.М.(59) и С.Г.(44), двајцата од струшкото село Радолишта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. При контрола извршена од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај на 20.10.2020 на ул.„Маршал Тито“ во Струга, полициските службеници ги затекнале при превоз на патници, и тоа првопријавениот со такси возило „мерцедес“, а второпријавениот со такси возило „сеат“, без да поседуваат лиценца за вршење на општински такси превоз на патници во внатрешниот патен сообраќај.


На 23.11.2020 во 20.15 часот во Полициската станица Драчево, А.М.(28) од Скопје пријавил дека во 20.00 во неговиот дом влегол неговиот братучед А.М.(38) со син му М.М.(18) и физички ги нападнале со остар и тврд предмет него, неговата мајка и неговата сопруга. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 


На 23.11.2020 во 15.50 часот во Полициската станица Центар било пријавено дека од Јавна установа за згрижување на деца се оддалечил Ч.С.(14). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Р.Е.(25) од Нераште, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 07.08.2020 на Граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје, по извршена контрола кај пријавениот, во багажникот пронајдени биле  два куршуми калибар 7.62x25 мм.


СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ш.Џ.(72) од Р.Албанија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пренесување на заразна болест“. На 15.11.2020 во Тетово, во домот каде престојувала пријавената со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат за изолација во домашни услови, од полициски службеници биле извршени проверки и било констатирано дека не се наоѓала во домот, со што ги прекршила прописите издадени од надлежен орган за спречување на пренесување на заразната болест ковид-19.


На 23.11.2020 во 13.00 часот во Полициската станица Чаир било пријавено дека од Јавна установа за згрижување на деца се одалечил Н.К.(18). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ш.А.(48) од с. Речица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 24.10.2020 околу 00.30 часот, на автопатот Тетово–Гостивар, во угостителски објект, сопственост на пријавениот, од полициски службеници била извршена контрола и било констатирано дека работи, при што  биле затекнати седум гости кои биле послужени со пијалаци. За констатираната состојба биле известени и инспектори од Државен пазарен инспекторат Тетово. Со стореното дејство пријавениот постапил спротивно на одлуката на Владата за ограничување на работата на угостителските објекти, барови и кафетерии до 23.00 часот.