Извадок на дел од дневни настани 18.11.2020

На 17.11.2020 околу 23.15 часот, на локален пат за тетовски Пирок, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода Б.Ј.(31) и И.А.(30), од тетовско Боговиње, бидејќи при нивен и преглед на возило „фолксфаген голф 5“, со тетовски регистарски ознаки, во кое се превезувале, а што го управувал Б.Ј., бил пронајден кокаин. Двајцата се задржани во Полициската станица Тетово за документирање на случајот, по што против нив ќе следува соодветен поднесок.                                        

 

На 17.11.2020 во 22.40 часот, полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Центар го лишиле од слобода М.П.(29) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.    

 

На 17.11.2020 во 01.00 часот, од полициски службеници од СВР Скопјена автопатот „Мајка Тереза“, при извршен преглед кај Е.Т.(24) од Скопје биле пронајдени два ножа. Тој бил приведен поради сомнение за сторен прекршок од Законот за оружје.По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.  

                                   

На 17.11.2020 во 12.10 часот, на магистралниот пат Кичево - Гостивар, кај селото Трапчин Дол, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничките возила „фиат сеиченто“, со кичевски регистарски ознаки, управувано од Д.Д.(35) од Кичево и „тојота“, со косовски национални ознаки, управувано од Б.Н.(40) од Приштина. Во незгодата Д.Д. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. По насока на Јавен обвинител увид на местото на незгодата извршила увидна екипа од Полициската станица Кичево.

 

На 17.11.2020 полициските службеници на подрачјето на СВР Битола извршиле контрола на возачите за управување под дејство на алкохол, брзина, престигнување, техничка исправност на возилата, користење на мобилен телефон, носење на сигурносен појас, поседување на возачка дозвола, при што било констатирано дека 15 возачи управувале возила без возачка дозвола, девет мерки биле донесени за нерегистрирани возила, а четворица возачи биле под дејство на алкохол и истите се отстранети од сообраќај. На мобилен разговарале пет возачи. Констатирани се и други прекршоци. За сите неправилности издадени се соодветни налози.

 

На 17.11.2020 во 20.40 часот било пријавено дека на магистралниот пат Делчево-Македонска Каменица, кај место викано „Баткова чешма“, атар на с.Драмче, делчевско, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „цитроен“, управувано од Љ.Т.(49) од Македонска Каменица и патничко возило „волво“, управувано од П.С.(52) од Македонска Каменица, и двете со регистарски ознаки од Македонска Каменица. Во незгодата, П.С. се здобил тешки телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде што им подлегнал на повредите. Со тешки телесни повреди се здобил и Љ.Т., констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид на местото на незгодата од Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Делчево.

 

На 17.11.2020 во 13.30 часот во Полициската станица АеродромЕ.Д.(39) од Скопје пријавил дека на бул.„Србија“ бил каснат од куче скитник. 

 


СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.Џ.(33) од с.Требош, општина Желино, поради постоење основи на сомнение дека е сторител на кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Тој, во близина на угостителски објект во Охрид, во неговото патничко возило бил затекнат од полициските службеници како на А.А. од Тетово му овозможува користење кокаин. При преглед, кај пријавениот се пронајдени и одземени кокаин и марихуана.

 

ОВР Струга до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Б.Н.(39) од струшкото село Велешта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“. Тој, на 10.10.2020 во Струга, на59-годишен жител на селото Франгово упатувајќи му закани, побарал да му го исплати наводниот паричен долг од неговиот син во износ од 20.000 швајцарски франци.

 

На 17.11.2020 во 23.00 часот А.Ј.(21) од Скопје пријавила дека околу 18.30 часот на подрачјето на Центар била физички нападната од едно лице. Се работи на расчистување на случајот. 

 

На 17.11.2020 во 17.30 часот било пријавено дека на подрачјето на Бит Пазар бил нарушен јавниот ред и мир со меѓусебна пресметка помеѓу С.М.(34) и С.М.(38), од една страна и А.И.(39) од друга страна, сите од Скопје. Сочинети се записници за констатиран прекршок по чл.11 од ЗППЈРМ.

 

ОВР Македонски Брод поднесе кривична пријава против Ѓ.В.(74) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“ на дрва, против З.М.(54) од Македонски Брод, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против В.К.(46) од с.Битово, Македонски Брод и С.Т.(56) од с.Требино, Македонски Брод, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Во текот на мај и јуни 2020 година, првопријавениот ги одвел второпријавениот - инженер во Подрачно шумско стопанство „Сандански“ - Македонски Брод и третопријавениот - шумочувар во истото шумско стопанство, во атар на с.Василковци - Македонски Брод, на катастарска парцела која била во државна сопственост. Второ и третопријавениот, без да утврдат кој е носител на правото на сопственост на парцелата, со службен чекан извршиле маркирање на повеќе дабови стебла. Првопријавениот, откако ги исекол маркираните дабови стебла, исекол и повеќе немаркирани стебла, а четвртопријавениот, референт за извоз на дрвна маса во истото шумско стопанство, исто така, без да изврши проверка, ги жигосал исечените дрва и му издал испратници на првопријавениот за да ја изнесе дрвната маса од парцелата. На тој начин првопријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 145.950 денари.

 

На 17.11.2020 во 23.35 часот во СВР Скопје од Итна медицинска помош било пријавено дека на пунктот во Поликлиника „Јане Сандански“ бил донесен Р.Д.(70) од Скопје без знаци на живот. Од страна на лекар била констатирана смрт без траги на насилство.  Полициски службеници излегле на местото на настанот, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено за обдукција.

 

На 17.11.2020 во 12.00 часот, С.М.(23) од Скопје пријавил дека на 13.11.2020 околу 10.00 часот на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат со тврд предмет од М.М. од Скопје. Се работи на расчистување на случајот.  

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава противО.Л.(44) одДелчево, поради постоење основи на сомнениеза сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 23.06.2020 на магистралниот пат Кочани-Делчево, од полициски службеници било запрено такси возило во кое се наоѓал пријавениот со уште три лица. На истите им бил извршен преглед и кај пријавениот била пронајдена марихуана.

 

На 17.11.2020 во 11.30 часот С.С.(34) од Скопје пријавила дека на 13.11.2020 околу 10.30 часот во Градската општа болница „8 Септември“, додека извршувала работни задачи во амбуланта во рамки на Ковид центарот, била физички нападната од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.  

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава противЕ.Д.(34)одДелчево, поради постоење основи на сомнениеза сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.На 17.10.2020 во Делчево од полициски службеници било сопрено патничко возило „опел”, управувано од Е.Д. и по извршени проверки во евиденцијата за лица под здравствен надзор и домашна изолација било констатирано дека на Е.Д. му била изречена мерка за домашна изолација од Центар за јавно здравје Кочани, но тој не постапил според прописите во наведеното решение, со што го сторил кривичното дело.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава противЛ.Д.(55) од Штип,поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 03.06.2020 пријавената го напуштила местото на изолација, според издадено решение на 31.05.2020 од страна на ДСЗИ, што било утврдено при редовна контрола од полициски службеници. 

На 18.11.2020 во 03.35 часот било пријавено дека на ул.„Лазо Трповски“ во Скопје настанал пожар во патничко возило „голф“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.А. од Скопје. Од пожарот биле делумно зафатени и две други патнички возила. Повредени лица нема, а пожарот е изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Извршен е увид.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против Ј.В.(32) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 24.07.2020 пријавениот го напуштил местото на самоизолација, според издадено решение на 22.07.2020 од страна на ДСЗИ, што било утврдено при редовна контрола од полициски службеници.