Извадок на дел од дневни настани 16.10.2020

 
На 15.10.2020 во 21.45 часот, полициски службеници од СВР Куманово, врз основа на судска наредба, го привеле Ф.З.(26) од Куманово за доиздржување казна затвор од две години и 11 месеци во Казнено-поправната установа Затвор Идризово. За него била распишана потерница за осудено лице кое избегало од затвор, осудено за сторено кривично дело по член 418 и по член 131 од Кривичниот законик.
 
На 15.10.2020 околу 15.30 часот на ул.„Христијан Тодоровски Карпош“, пред крстосница со ул.„Втора македонска бригада“ во Скопје, патничко возило „шкода октавија“, со скопски регистарски ознаки, управувано од 17 - годишник од Скопје, удрило во пешак С.С.(38) од Скопје. Пешакот  починал на местото на незгодата, а возачот го напуштил местото, но набргу потоа бил пронајден. Увид извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Скопје.
 
На 15.10.2020 во 13.00 часот во СВР Скопје, К.М.(40) од Скопје пријавил дека на бул.„АСНОМ“ бил каснат од куче скитник.
 
На 15.10.2020 во 20.20 часот во Полициската станица Карпош, Н.И.Д.(29) од Скопје пријавила дека во парк на ул.„Огражден“ нејзиното дете било каснато од куче скитник. 
 
На 15.10.2020 во 22.00 часот, полициски службеници од Полициското одделение Македонска Каменица ги лишиле од слобода В.С.(27) и В.М.(22), двајцата од Македонска Каменица, затоа што при преглед кај нив биле пронајдени марихуана и прашкаста материја. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
 
ОВР Струга поднесе кривична пријава против К.М.(38) од струшкото село Мислешево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 11.02.2020 на ул.„Пролетерски бригади“ во Струга, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин. 
 
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.Н.(20) од Охрид, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, бидејќи полициски службеници кај Б.Н., при извршен преглед во такси возило во кое бил заедно со И.М.(38) од Охрид, пронашле и одзеле марихуана.
 
На 15.10.2020 околу 13.45 часот во Маврово, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар ги привеле Г.Ш.(36), К.Т.(32) и К.Т.(30), тројцата од Република Албанија, поради сомнение за злоупотреба на туристичкиот престој. Албанските државјани се задржани во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка.
 
На 15.10.2020 во СВР Битола, Н.С. од с.Карамани, битолско, пријавил дека во нива во атарот на селото пронашол две стари минофрлачки гранати од Првата светска војна калибар 75 мм. Гранатите се безбедно подигнати од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување. Увид извршила екипа од СВР Битола.
 
На 15.10.2020 во 11.35 часот, Д.Ѓ.(30) од Скопје пријавил дека околу 11.30 часот на подрачјето на Бит Пазар бил физички нападнат од неколку лица. Во врска со настанот бил приведен И.Ф. (56) од Скопје и се работи на расчистување на случајот.
 
На 15.10.2020 во 23.00 часот, Н.Д.(34) од Скопје пријавил дека околу 22.45 часот во угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Т.(20) и 16 – годишник, и двајцата од Скопје. Сочинети се записници за константиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. 
 
На 15.10.2020 во 15.30 часот, С.М.(54) од Скопје пријавила дека околу 13.00 часот на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.
             
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против А.Х.(31) од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 03.08.2020, пријавениот позајмил возило „фолксваген голф“ од М.С.(29) од Гостивар, сопственост на таткото на неговата сопруга и наместо да го врати возилото, го продал во отпад за возила во Дебар, стекнувајќи се со противправна имотна корист во износ од 153.750 денари.
 
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против П.К.(23) од с.Обршани, прилепско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,измама“. Во период од една година и шест месеци, односно до пријавување на настанот во септември 2020 година, пријавениот, во повеќе наврати од оштетената В.Г. позајмил пари во вкупна вредност од 760.000 денари, со изговор дека ќе ги врати, но не ѝ ги вратил парите.
 
СВР Струмица поднесе кривична пријава против Д.Д. од Скопје, правен субјект од Скопје и М.С. од Скопје, поради основи на сомнение за сторено кривично дело „оддавање на службена тајна“. На 14.07.2020 првопријавениот, сопственик и управител на второпријавеното правно лице, коe билo и сопственик на интернет-веб страна, како и третопријавениот, сопственик на друга интернет-веб страна, објавиле фотографија со податоци од класифицирани информации со кои располага само МВР, при што класифицираните информации ги направиле достапни на јавноста преку објавени содржини на уреден текст и фотографија на наведените интернет-веб страни.