Извадок на дел од дневни настани 17.09.2020

 
На 15.09.2020, врз основа на судска наредба, полициски службеници од СВР Тетово извршиле претрес во домот во с.Мала Речица и патничко возило „бмв“, сопственост на Г.Р.(43) од с.Мала Речица. При претресот биле пронајдени и одземени марихуана и дробилка со остатоци од марихуана. Додека, при извршен претрес во стан на ул.„Илинденска“ во Тетово, сопственост на Г.Р., во кој престојувал М.С.(21) од с.Идризово, скопско, а каде повремено престојувал и Г.Р., биле пронајдени  и одземени ќесички со остатоци од марихуана и ризла. За настанот бил известен Јавен обвинител. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
 
На 17.09.2020 во 01.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје во Градскиот парк го лишиле од слобода Д.Д.(28) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
           
На 16.09.2020 во 22.45 часот, полициски службеници од СВР Скопје на бул.„Партизански одреди“ го лишиле од слобода Б.Л.(20) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 17.09.2020 во 01.35 часот, полициски службеници од СВР Скопје на ул.„Панајот Гиноски“ го лишиле од слобода И.Ј.(36) од Тетово, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 17.09.2020 во 01.50 часот, полициски службеници од СВР Скопје во Градскиот парк, ја лишиле од слобода Е.Ѓ.(19) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај неа била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против неа ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 16.09.2020 во 07.45 часот било пријавено дека на крстосницата од бул.„Србија“, бул.„Трета македонска бригада“ и бул.„Дванаесетта македонска бригада“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „фолксваген пасат“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Ј.В.(38) од Скопје, патничко возило „форд фокус“, со скопски регистарски ознаки, управувано од М.С.(29) од Скопје и патничко возило „рено“, со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Т.Б.(58) од Скопје. Во незгодата тројцата возачи се здобиле со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ и Комплекс клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Скопје.
На 16.09.2020 во 23.53 часот на Граничниот премин „Табановце“, при гранична проверка и контрола, било констатирано дека С.К.(52) од Валандово, А.Б.(42) од Валандово и М.П.(30) од Гевгелија во оперативната евиденција се наоѓаат на листата со мерка „задржи и извести“. Тие биле лишени од слобода и предадени за понатамошна постапка.
           
На 16.09.2020 во 20.40 часот во Велес, покрај железничката пруга Гевгелија– Скопје, полициски службеници пронашле 22 лица мигранти, меѓу кои и двајца малолетници (10 од Бангладеш, седум од Пакистан и пет лица од Авганистан). Тие биле предадени на полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ и ќе бидат транспортирани во Транзитен центар Винојуг-Гевгелија.
 
На 16.09.2020 во 14.30 часот било пријавено дека во производствен погон во фабрика  во Куманово, А.Д.(22) од Скопје, додека извршувал работни задачи, паднал и од здобиените повреди починал на местото. Од страна на лекар била констатирана смрт, а по наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.
                                         
На 16.09.2020 во 13.50 часот во Полициската станица Аеродром, К.Г.(41) од Скопје пријавила дека на ул.„23 Октомври“ била касната од куче скитник.          
 
На 16.09.2020 во 11.43 часот било пријавено дека на ул.„Илинденска“ во Битола, при вршење на ископ, била пронајдена артилериска граната калибар 75мм од Првата светска војна. Гранатата била безбедно подигната од екипа на Дирекцијата за заштита и спасување  - Подрачна единица Битола. 
 
На 16.09.2020 во 15.30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Е.К. од Скопје пријавила дека на ул.„Шарпланина“ нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.  
 
На 16.09.2020 околу 21.15 часот на ул.„Иљо Антевски-Смок“ во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишле од слобода А.А.(34) од Гостивар, затоа што при преглед кај него била пронајдена кафеава прашкаста материја. Тој бил задржан во Полициската станица Гостивар и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 16.09.2020 околу 17.15 часот на регионалниот пат Тетово-Jажинце, во близина на тетовско Џепчиште, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода Ј.Х.(40) од с.Џепчиште, поради постоење основи на сомнение дека извршил повеќе кражби и оштетувања во реонот на Теарце. Против Ј.Х. ќе биде поднесен соодветен поднесок.     
 
На 16.09.2020 во 21.20 часот во СВР Битола било пријавено дека на булевар „Први мај“ во Битола се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „ауди“, со битолски регистарски ознаки, управувано од В.Т.(37) од Битола и патничко возило „фолксваген голф“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Д.Т.(58) од Битола. Според пријавеното, потоа В.Т. со закана со остар предмет го одзел возилото на Д.Т. , но набргу бил фатен и лишен од слобода. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесе соодветен поднесок.
 
На 16.09.2020 во 21.05 часот во СВР Скопје, Д.И.(37) од Скопје пријавил дека околу 21.00 часот пред угостителски објект на крстосница од ул.„Симеон Кавракиров“ и ул.„Фрањо Клуз“, неговиот 15-годишен син и уште еден 14-годишник, поради претходно недоразбирање, биле физички нападнати од Д.П.(35) од Скопје. Сочинет е записник за констатиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.  
 
На 16.09.2020 во 20.00 часот во СВР Скопје, Т.Т.(68) од Скопје пријавил дека околу 16.40 часот во неговиот дом на ул.„Димо Хаџи Димов“ бил физички нападнат од соседот Д.Т., кој притоа користел и остар предмет и му нанел повреда на рацете. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.    
 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.И.(27) од с.Вруток, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 29.08.2020 во аптека на ул.„Видое Смилевски Бато“ во Тетово, пријавената со закана од вработената одзела пари.
 
СВР Велес поднесе кривична пријава против Н.Д.(20) од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „детска проституција“. Во периодот од 04.07. до 13.07.2020 пријавената во повеќе наврати подведувала 15–годишно девојче да дава сексуални услуги на повеќе локации во Скопје и Велес, а паричниот износ кој го добивала за услугите ѝ го одземала. На 13.07.2020 девојчето го пријавило настанот, по што биле преземени мерки.
 
СВР Скопје поднесе кривична пријава против О.Р.(37) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 27.04.2020 на ул.„Б.М.К. бригада“, полициски службеници извршиле преглед на пријавениот, при што пронашле куршуми калибар 22 LR.  
 
На 16.08.2020 околу 02.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Љуба Ивановиќ“ во Скопје, било опожарено патничко возило „бмв 118“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Е.Д.(37) од Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.
 
На 16.09.2020 во 14.30 часот во СВР Скопје, 47-годишна жена од Скопје пријавила дека истиот ден Б.М. извршил обљуба врз нејзината 17-годишна ќерка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
 
СВР Скопје - Единица за насилен криминал поднесе кривична пријава против В.Д.(40) од Тетово, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „телесна повреда“. На 30.08.2020 во семејниот дом и на 01.09.2020 на ул.„Васко Карангелевски“ во Скопје, пријавениот физички ја нападнал неговата поранешна сопруга. По преземени мерки тој бил лишен од слобода.