Извадок на дел од дневни настани 15.09.2020

 
 
На 14.09.2020 во 21.15 часот, полициски службеници од СВР Скопје на ул.„Џон Кенеди“, при извршен преглед кај Џ.Д.(46) од Скопје, пронашле нож. Тој бил приведен поради сомнение за сторен прекршок од Законот за оружје. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок. 
 
На 14.09.2020 околу 16.30 часот  полициски службеници од Полициската станица Центар го лишиле од слобода Ф.П.(38) од Скопје, затоа што кратко време пред тоа со закана со нож од вработена во аптека на бул.„Климент Охридски“ одзел 6000 денари и мобилен телефон. Парите и телефонот биле пронајдени, а лицето било приведено во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 14.09.2020 во 21.20 часот било пријавено дека на регионалниот с.Дабиле - с.Петралинци, струмичко, патничко возило „фолксваген пасат“, со струмички регистарски ознаки, управувано од А.М.(22) од с.Старо Балдовци, струмичко, излетало од патот. Во незгодата возачот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар Струмица. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Струмица.
 
На 14.09.2020 околу 21.00 часот од полициски службеници од СВР Скопје бил лишен од слобода Д.А.(45) од Р.Албанија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „одземање на моторно возило“ по член 242 од Кривичниот законик. Тој бил задржан во Полициската станица Чаир за понатамошна постапка.
 
На 14.09.2020 во 19.10 часот било пријавено дека на ул.„5“ во с.Јурумлери, скопско, патничко возило „мерцедес“, со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Е.(38) од с.Долно Количани, скопско, удрило во малолетен пешак од с.Јурумлери. Во незгодата пешакот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Скопје.
 
На 14.09.2020 во 16.30 часот на Граничниот премин „Долно Блаце“, при проверка на Б.И.(44) од Р.Албанија, кoј управувал патничко возило „ауди А8“, со албански национални ознаки, било констатирано дека возилото е во оперативната евиденција по барање на Интерпол од Албанија. Тој бил лишен од слобода и заедно со возилото се предадени на полициски службеници од Полициската станица Чаир за понатамошна постапка.
 
На 14.09.2020 во 07.45 часот во Полициската станица Центар, И.Д.(36) од Скопје пријавил дека на ул.„Филип Втори Македонски“ бил каснат од куче скитник.
 
На 15.09.2020 во 00.40 часот било пријавено дека на локален пат во с.Кучково, скопско, патничко возило „фиат добло“, со скопски регистарски ознаки, управувано од П.М.(19) од Скопје, излетало од коловозот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот В.С.(19) од Скопје, а со телесни повреди се здобиле возачот и уште еден сопатник Н.Е.(19), кои биле констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Скопје.
 
На 14.09.2020 во 17.20 часот во Полициската станица Кисела Вода, С.К.(45) од Скопје пријавила дека на бул.„Борис Трајковски“ била касната од куче скитник. 

 
На 14.09.2020 околу 22.15 часот на ул.„Браќа Миладинови“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода Л.Р.(34), Е.Р.(29), Ф.С.(38) и М.С.(28), сите од Тетово, затоа што при преглед кај нив била пронајдена марихуана. Тие биле задржани во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 15.09.2020 околу 07.30 часот било пријавено дека на излезот од Гевгелија патничко возило „мини морис", со бугарски регистарски ознаки, управувано од З.Д.(50) од Скопје, излетало од патот. На местото на незгодата починал возачот, а увид извршиле увидна екипа од ОВР Гевгелија и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било предадено на обдукција.
 
На 14.09.2020 во СВР Тетово полициски службеници од Полициска станица Тетово ги лишиле од слобода Е.С.(19), Ј.М.(18) и Д.А.(19), сите од тетовско Теарце, постапувајќи по претходна пријава. Според пријавеното, 17-годишник од тетовско Пршовце, заедно со неговиот татко, околу 16.30 часот во автопералница во ова село, во која работел, бил физички нападнат од три лица, кои нападнале и лице кое се обидело да ги раздели, при што користеле тврди предмети и на малолетникот му нанеле тешки телесни повреди. Тројцата напаѓачи биле задржани во Полициската станица Тетово за документирање на случајот, по што ќе следува поднесок. 
 
На 14.09.2020 во 16.00 и 18.20 часот, полициски службеници на СВР Тетово - Одделение за внатрешни работи Гостивар ги лишиле од слобода Л.М.(21) и Х.М.(21) од гостиварско Форино, поради сомнение дека извршиле кражба на опрема за земјоделска механизација во ова село. По документирање на случајот ќе им биде изготвен поднесок.
 
На 14.09.2020, во рамки на сообраќајно-контролни активности спроведени на поширокото тетовско подрачје, биле откриени и законски санкционирани шест лица кои ги управувале возилата без положен возачки испит, 10 кои непрописно ги паркирале нивните возила, еден возач чие возило било со истечена регистрација, а биле регистрирани и други прекршоци.
 
На 15.09.2020 околу 03.00 часот во СВР Битола било пријавено дека настанал пожар на тревната површина и тераса на ул.„Караорман“ во Битола, зад куќата сопственост на Ш.К., во која живее Ѓ.В.(35). Пожарот бил изгаснат од Ѓ.В. и негов роднина. Увид извршила екипа од СВР Битола. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 15.09.2020 во 01.45 часот во СВР Скопје, С.А.(41) од Скопје пријавил дека околу 01.00 часот на ул.„Титовелешка“ во Скопје, по претходна расправија со неколку лица, во куќа сопственост на К.Г. и Д.С., во дворот од куќата со стаклен предмет бил физички нападнат од П.Н. и уште едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 14.09.2020 во 22.10 часот во СВР Скопје, С.И. и А.И. пријавиле дека, додека биле на лулашки во Градскиот парк во Скопје, една од лулашките паднала и ја повредила нивната малолетна ќерка. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. За настанот бил известен Јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 14.09.2020 околу 09.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека во близина на Спортски центар „Борис Трајковски“ настанал пожар, при што бил опожарен отпад. Пожарот е изгаснат од Противпожарната единица од Скопје. На местото на настанот излегле полициски службеници од СВР Скопје.
 
На 14.09.2020 во 11.30 часот во СВР Скопје, Ф.Ф.(29) од Скопје пријавил дека околу 11.00 часот пред зграда на ул.„Валандовска“ настанал пожар во неговото патничко возило „голф 5“, со скопски регистарски ознаки.Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.
 
На 14.09.2020 во 22.00 часот во СВР Куманово, З.В.(55) од с.Пепелиште, неготинско, пријавила дека од домот се оддалечил нејзиниот татко Б.П.(81) од Куманово. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето. 
 
На 14.09.2020 во 12.00 часот во Полициската станица Велес, Ј.Т.(32) од Велес пријавил дека на ул.„Страшо Пинџур“ бил каснат од куче скитник.
 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против К.В.(26) и Л.Б.(30), двајцата од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 26.07.2020 на ул.„Браќа Миладинови“ во Тетово, пријавените со метални предмети го нападнале Г.З.(37) од с.Требош, тетовско, а го оштетиле и неговото патничко возило „бмв“.
 
На 14.09.2020 во 07.30 часот во СВР Велес, В.А.(29) од Велес пријавила дека на ул.„Вардарска“ била касната од куче скитник.
На 14.09.2020 во 14.00 часот во Полициската станица Карпош, социјален работник во Организациона единица Влае 2 пријавила дека од установата се оддалечил Џ.А.(17). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
 
На 15.09.2020 во 00.49 часот во Полициската станица Чаир, Р.С.(36) од Скопје пријавил дека, додека со патничко возило „даеву рејсер“, со скопски регистарски ознаки, бил на паркинг просторот позади поликлиника Бит Пазар, заедно со Р.К.(19), С.А.(31) и Р.В.(28), сите од Скопје, неколку лица со закана со пиштол им одзеле пари и лични документи. Притоа, според пријавеното, лицата испукале два куршума во воздух. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 
 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Е.И.(65) од с.Шемшово, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. На 01.09.2020, полициски службеници во содејство со Агенцијата за катастар на недвижности - Тетово излегле на местото и извршиле мерење на фактичката состојба, за што изготвиле известување во кое било наведено дека пријавениот извршил узурпација на предметната катастарска парцела на површина од 276 метри квадратни во сопственост на Република Северна Македонија.