Извадок на дел од дневни настани 30.06.2020

 
На 29.06.2020 во 16.05 часот било пријавено дека на пат Крива Паланка - Деве Баир, во близина на место викано „Бегови бавчи“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „пежо 407“, со струмички регистарски ознаки, управувано од А.Д.(27) од Крива Паланка и патничко возило „фолксваген пасат“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.П.(23) од Крива Паланка. Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобила С.П., констатирани во Здравствениот дом Крива Паланка, каде била пренесена за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Крива Паланка.
           
 
На 29.06.2020 во 10.56 часот во Полициското одделение Велушина, Б.Б.(40) од с.Меџитлија пријавил дека на влезот на гробиштата во с.Меџитлија, при изведување земјоделски работи, пронашол неексплодирана граната. Од полициски службеници било излезено на местото на настанот, а од страна на пиротехничар од ДЗС била подигната артилериска граната 75 мм од Првата светска војна.
 
 
На 29.06.2020 во 15.15 часот било пријавено дека 15-годишник од с.Добрејци и 14- годишник од с.Пиперево со трактор „ИМТ 539“, кој го управувал 14 годишникот, се упатиле кон место викано „Таре“ на реката Струмица за да ловат риби. Во еден момент, тракторот се превртел и паднал во реката, а малолетниците се удавиле. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Струмица.
 
На 29.06.2020 во 10.55 часот во Скопје, на ул.„Борис Сарафов“, Б.Б.(31) од Скопје го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Сочинет е записник по чл. 13 од ЗППЈРМ.
 
На 29.06.2020 во 10.40 часот било пријавено дека на локалниот пат с.Побожје – Радишани патничко возило „даеву матиз“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.Г.(43) од Скопје, излетало од коловозот. По незгодата, Н.Г. била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Скопје.
 
На 29.06.2020 во 20.30 часот било пријавено дека во с.Банско, струмичко, моторцикл „хусун“, без регистарски ознаки, управуван од Ш.И.(29) од с.Банско удрил во девојче пешак на возраст од пет години од с.Банско. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобило девојчето, констатирани во Медицинскиот центар Струмица, каде било пренесено за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Струмица.
 
На 29.06.2020 во периодот од 03.50 часот до 06.10 часот на подрачје на Карпош, полициски службеници од Полициска станица Карпош ги привеле С.Л.(22) и Л.Н.Е.(45), двајцата од Скопје, бидејќи во 03.50 часот на крстосницата од бул.„Партизански одреди“ со ул.„Бледски договор“, С.Л. кој бил во алкохолизирана состојба го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон полициски службеници, додека во 06.10 часот во просториите на Полициска станица Карпош, Л.Н.Е. го нарушила јавниот ред и мир со агресивно однесување, бидејќи не ѝ било дозволено самоволно и без дозвола да влезе во просторија каде бил нејзиниот син С.Л., кој бил претходно приведен. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 29.06.2020 во 18.40 часот во Полициската станица Карпош Б.А.(52) од Скопје пријавил дека во Градски парк неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.
           
Во текот 29.06.2020 на подрачјето на СВР Скопје се санкционирани три возила бидејќи биле нерегистрирани, шест возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување на моторно возило, еден возач бидејќи поминал на црвено светло и 48 возила се подигнати со специјално возило „пајак".
 На 29.06.2020 околу 09.00 часот во СВР Велес било пријавено дека на фарма за добиток во с.Превалец, велешко, четири непознати лица кои се претставиле дека се од с.Сарај, скопско, го измамиле П.К.(67) од Велес, така што договориле купопродажба на девет грла крупен добиток за сума од 6.000 евра, а откако добитокот го натовариле во товарно возило „мерцедес“, со кумановски регистарски ознаки, двајца од нив заминале, додека П.К. со останатите две лица, кои биле со патничко возило „мерцедес“, со скопски регистарски ознаки, се упатиле до Ветеринарна станица во Велес за да ги комплетираат документите за купопродажбата. По ова, едно од лицата, користејќи  изговор дека ќе го пренесува неговиот брат, на П.К. му оставил паричник како гаранција, по што лицата заминале. Откако П.К. го отворил паричникот, кој бил наполнет со хартија, дошол до сознание дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 29.06.2020 во 12.00 часот во Полициска станица Дебар Г.Д.(85) од Дебар пријавил дека околу 08.30 часот, на пат во Дебар, две непознати лица кои се претставиле како државјани на Израел и на Црна Гора, со прикажување на лажни факти го измамиле Г.Д., така што со изговор дека им требаат пари за породување на сопругата на едниот од нив, му одзеле 1.000 американски долари и 100 евра, а како гаранција му дале ланец во жолта боја, по што го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
                                        
На 29.06.2020 во 15.23 часот во СВР Битола, Р.М. од с.Сопотница пријавила дека од домот се оддалечил нејзиниот син Д.М.(26) од с.Стругово, демирхисарско. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
 
На 30.06.2020 во 01.00 часот во СВР Скопје, М.Л.(26) од Скопје пријавил дека во 00.00 часот на ул.„13“ во с.Инџиково бил физички нападнат од повеќе непознати лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 29.06.2020 во 11.30 часот во СВР Скопје, Г.Г.(32) од Скопје пријавил дека на 27.06.2020 околу 00.10 часот, во близина на паркинг пред угостителски објект на ул.„Народен фронт“, додека бил со Џ.Р. и Н.Т., бил физички нападнат од две непознати лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 29.06.2020 во 20.20 часот во СВР Скопје, Ј.Д.(48) од Скопје пријавил дека на 28.06.2020 околу 20.30 часот на детско игралиште на ул.„Влае“, неговиот 11-годишен син бил физички нападнат од О.А.(39) од Скопје. Сочинет е записник за констатиран  прекршок по чл. 12 од ЗППЈРМ .
 
На 28.06.2020 околу 21.00 часот во СВР Велес било пријавено дека настанал пожар во место викано „Грнчишка река“, при што биле зафатени бали слама во штала сопственост на Н.Р.(70) од с.Кочилари, велешко. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица од Велес. Бил извршен увид на местото на настанот.
 
На 29.06.2020 околу 17.00 часот во Полициската станица Кавадарци, Љ.С.(40) од с.Ваташа, кавадаречко, пријавил дека на ул.„Благој Крстиќ“ во Кавадарци бил каснат од куче скитник. 
 
На 29.06.2020 околу 11.50 часот, полициски службеници од СВР Тетово – ОВР  Гостивар, на ул.„Мајор Чеде Филиповски“ во Гостивар, каде без заштита на лицето чекала во ред пред банка, ја привеле М.Ж.(41) од Гостивар, затоа што го нарушила јавниот ред и мир со агресивно однесување кон полициските службеници. На М.Ж. ѝ е изготвен соодветен поднесок.
 
На 28.06.2020 околу 22.00 часот во СВР Велес било пријавено дека во с.Сирково настанал пожар во трло со овци, сопственост на В.А.(40), при што изгорел добиток. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица од Кавадарци. Бил извршен увид на местото на настанот.
 
На 29.06.2020 во 23.40 часот во Полициската станица Штип, Ќ.М.(46) од Штип пријавил дека тој и неговиот брат околу 22.10 часот на ул.„Широк дол“ во Штип биле физички нападнати од повеќе лица кои употребиле и тврди предмети, а им ги оштетиле и возилата. Според пријавеното, потоа лицата влегле и во нивните домови каде физички ги нападнале и нивните семејства. За настанот бил запознаен Јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе кривична пријава против А.Т.(27) од с.Кутретино, демирхисарско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“. На 28.06.2020 во 00.01 часот, по претходна телефонска дојава дека на пат Куманово - Крива Паланка, кај место викано „Ливаде“ биле забележани две товарни возила од кои излегле мигранти, од полициските службеници биле пронајдени двајца повредени мигранти од Пакистан и Бангладеш, кои биле пренесени во Општа болница во Куманово за укажување на лекарска помош. Притоа, еден од нив се здобил со тешки телесни повреди, додека вториот мигрант се здобил со телесни повреди. Во врска со случајот, на место викано  „Четал“, во Страцин, од полициски службеници било запрено товарно возило со полуприколка, управувано од пријавениот, при што било утврдено дека тој со товарното возило прифаќал и превезувал мигранти, но поради недостаток на воздух во него, мигранитите биле принудени да скокнат од возилото додека било во движење. Од страна на судија на претходна постапка, на пријавениот  му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, по што истиот бил спроведен во КПУ „Затвор Скопје“.
 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.А.(59) и А.А.(25), двајцата од с.Добарце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 24.04.2020 во с.Добарце, во дворот од куќата на И.М.(43), а поради  нерасчистени меѓусебни односи, второпријавениот започнал вербална расправија, а потоа и физички го нападнал И.М., по што заминал. По ова, внукот на И.М. отишол во домот на пријавените, каде тие физички го нападнале, а откако дошол и И.М. со намера да ги раздели, со употреба на метален предмет и дрвена палка бил нападнат од пријавените, здобивајќи се со тешки телесни повреди.
 
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Ф.Ј.(33) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 30.05.2020 околу 20.15 часот во Прилеп, на ул.„Јоска Јорданоски“ пред пекарница, пријавениот испукал истрели од огнено оружје, со што предизвикал општа опасност.
 
ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против М.З.(46) од с.Добридол, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 06.06.2020 околу 14.00 часот, на локалниот пат во с.Добридол, при разминување со патнички возила, пријавениот преку прозорец упатил закани по неговиот и животот на семејството на Х.Ш. (33) од с. Градец, кој се движел со службено возило, а потоа со неидентификуван повик се јавил на неговиот телефон и продолжил да му упатува закани по животот.
 
Регионалниот центар за гранични работи Север, преку СВР Куманово, поднесе кривична пријава против А.А.(28) од с.Василево, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“. На 13.03.2020 во 22.10 часот пријавениот, управувајќи патничко возило „опел зафира“, не застанал на даден светлосен и звучен сигнал за запирање од страна на полициски службеници, туку ја зголемил брзината и се упатил по обиколница кон Крива Паланка. Откако бил престигнат,  го оставил возилото и се дал во бегство, а во возилото биле пронајдени 16 мигранти од Пакистан, Авганистан и Сирија, од кои осум биле малолетни лица.
 
ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против А.Ф.(19) од село Чегране, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 08.02.2018 во Гостивар, на ул.„Илинденска“, при извршен преглед на пријавениот од страна на полициски службеници, била пронајдена и одземена марихуана.            
 
СВР Куманово  поднесе три кривични пријави против Љ.С.(35),  М.С.(23) и С.М. (32), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнениедека сториле кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Во периодот од 02.05. до 06.06.2020 пријавените биле затекнати надвор од нивните домови, со што постапиле спротивно на здравствените прописи, односно воведената мерка за забрана на движење заради спречување на вирусот Ковид-19.
 
На 29.06.2020 во 23.10 часот во СВР Охрид биле приведени Д.Н.(29) од Охрид и В.К.(36) од охридското село Велгошти, бидејќи при нивни преглед извршен од страна на полициски службеници во с.Долно Лакочереј, била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот, против приведените ќе биде поднесена соодветна пријава.