Извадок на дел од дневни настани 29.06.2020

 
На 28.06.2020 во 17.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје на бул.„Александар Македонски“ го лишиле од слобода М.В.(34) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена бела прашкаста материја. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 28.06.2020 во 23.20 часот, полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Гази Баба ја лишиле од слобода В.Р.(34) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај неа била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против неа ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 27.06.2020 во 19.45 часот на автопатот Куманово – Граничен премин „Табановце“, полициски службеници од Полициска станица Сопот го привеле Ф.Ш.(36) од Штип, поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „криумчарење мигранти“. Имено, при обид да застанат патничко возило „ауди А6“, со битолски регистарски ознаки, управувано од пријавениот, тој го напуштил местото на настанот. По кратко време Ф.Ш. бил лишен од слобода, а во близина на железничка пруга, на место викано „Чифлик“, биле забележани 10 лица-мигранти. Од нив седум избегале, а задржани биле М.Џ.(23) од Бангладеш, А.А.(30) од Јемен и М.А.(29) од Сирија, кои потоа се сместени во Транзитен центар Табановце, додека Ф.Ш. е предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.
 
 
На 28.06.2020 околу 17.30 часот во СВР Штип било пријавено дека на магистралниот пат Радовиш - Свети Николе од полициски службеници од Полициска станица Штип, по претходно добиено известување, биле пронајдени девет лица-мигранти од Сирија. За настанот е известен Јавен обвинител и по негова наредба лицата- мигранти се пренесени во ПТЦ „Винојуг“ Гевгелија.
 
На 28.06.2020 во 15.20 часот било пријавено дека на автопатот Северна обиколница на град Скопје, во близина на надвозникот „Инџиково“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „даеву рејсер“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.Б.(56) од Скопје и патничко возило „БМВ“, со тетовски регистарски ознаки, кое поради дефект, од страна на возачот М.К.(35) од Дебар било паркирано на десната страна од коловозот. Во незгодата Т.Б. починал на местото на настанот. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
 
На 28.06.2020 во 13.25 часот било пријавено дека на локалниот пат за с.Орман, охридско, пред мостот, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „даеву рејсер“, со охридски регистарски ознаки, управувано од Т.К.(41) од с.Долно Лакочереј, охридско и трактор „ИМТ“, управуван од Р.Ф.(60) од Охрид. Во незгодата Р.Ф. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св. Еразмо“, каде бил пренесен  за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Охрид.
 
На 28.06.2020 во 19.20 часот било пријавено дека на автопатот Миладиновци - Штип патничко возило „ауди“, со пробиштипски регистарски ознаки, управувано од Д.З.(37) од Скопје удрило во заштитната ограда и излетало од патот. Во незгодата, сопатниците во возилото И.Х.(21) и П.Т.(40), двајцата од Скопје, се здобиле со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Штип, каде биле пренесени за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од Полициската станица Свети Николе.
           
На 28.06.2020 во 21.10 часот било пријавено дека во Демир Хисар С.С.(85) од Демир Хисар, управувајќи патничко возило „застава 750“, со битолски регистарски ознаки, изгубил контрола и удрил во заштитна бетонска ограда. По незгодата, возачот бил пренесен во Клиничката болница Битола за укажување на лекарска помош, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од Полициската станица Демир Хисар.
 
На 29.06.2020 во 02.50 часот во Полициската станица Аеродром Х.С.(24) од Скопје пријавил дека на ул.„23 Октомври“ бил каснат од куче скитник.
           
Во текот на 26, 27 и 28.06.2020 на подрачјето на СВР Скопје санкционирани се девет возила, бидејќи биле нерегистрирани, седум возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување на моторно возило и 76 возила се подигнати со специјално возило „пајак".
 
На 28.06.2020 во 15.15 часот во Полициската станица Чаир Т.С.(49) од Скопје пријавил дека на ул.„Хо Ши Мин“ неговата 17-годишна ќерка била касната од куче скитник.
 
 На 28.06.2020 во 22.40 часот, во близина на угостителски објект покрај регионалниот пат Тетово - Јажинце, во тетовското село Пршовце, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода М.И.(20), од тетовското село Слатино, затоа што при преглед кај него била пронајдена марихуана. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово и по целосно расчистување на случајот ќе му биде изготвен поднесок.                                                      
 
На 28.06.2020 во 21.15 часот полициски службеници на СВР Тетово - ОВР Гостивар ги лишиле од слобода Е.Р.(37) и Х.Р.(31), од гостиварското село Врапчиште, поради основи на сомнение дека околу 20.30 часот во викенд куќа во Маврово извршиле кражба над 26-годишната српска државјанка М.А. Кај нив биле пронајдени одземените предмети и биле вратени на М.А. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.
 
На 28.06.2020 во 11.00 часот во СВР Скопје, од царинско складиште во Скопје било пријавено дека во товарно возило „сканија“, со ирански национални ознаки, управувано од Х.М.(64) од Иран, биле пронајдени шест лица-мигранти од Бангладеш. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Скопје. Лицата-мигранти се сместени во ПТЦ „Винојуг“ Гевгелија за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 28.06.2020 околу 16.20 часот во СВР Битола, В.Т. управител на фирма за превоз на работници, пријавил дека преку социјалната мрежа „Фејсбук“ добил заканувачки пораки од профил на „Фејсбук“ на М.Ч. дека на комбињата и автобусите на фирмата имало поставени бомби и дека истите ќе бидат активирани. Од полициски службеници биле извршени проверки, при што не биле пронајдени експлозивни направи. Во СВР Битола бил приведен З.Ѓ.(43) од с.Болно, ресенско, поради постоење основано сомнение дека е лицето кое ги упатувало споменатите закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 29.06.2020 во 05.15 часот во Полициска станица Карпош, Д.И.(22) од Скопје и Р.Ѓ.(22) од с.Друго, кичевско, пријавиле дека околу 03.40 часот во близина на болница на бул.„Партизански одреди“, додека биле во патничко возило „голф“, со кичевски регистарски ознаки, управувано од Р.Ѓ., а по случена сообраќајна незгода помеѓу нив и патничко возило „цитроен“, со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Л.(22) од Скопје, истиот им побарал пари, а потоа физички ги нападнал. Сочинет е записник за констатиран прекршок по чл. 12 од ЗППЈРМ.
 
На 29.06.2020 во 00.30 часот во Полициска станица Ѓорче Петров, С.С.(47) од Скопје пријавил дека на 28.06.2020 околу 19.20 часот на ул.„Гостиварска“ во Скопје, неговиот 10-годишен син бил физички нападнат од И.Н. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 28.06.2020 во 14.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„8“ во  с.Кучевиште, скопско, по претходна расправија околу нерасчистени имотно-правни односи, дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Р.Ш.(66) и М.Ш.(24), од една страна и Б.Ш.(42), од друга страна, сите од с.Кучевиште. Сочинети се записници за констатиран прекршок по чл.11 од ЗППЈРМ.
 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.Ч.(19) од с.Јажинце, тетовско, Х.А.(20) од с.Орашје, тетовско, и М.Ф.(18) од с.Јажинце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 26.01.2020 во с.Лешок, тетовско, во спортска сала, пријавените физички го нападнале А.М.(21) од с.Јажинце , нанесувајќи му тешки телесни повреди.
 
ОВР Пробиштип поднесе кривична пријава против Ј.Ј.(35) од Пробиштип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „силување“. На 26.06.2020 околу 01.00 часот во Пробиштип, на ул.„Христијан Тодоровски Карпош“, пријавениот со употреба на физичка сила се обидел да изврши обљуба над 43-годишна жена од Пробиштип.   
 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.А.(57) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 30.04.2020 во Куманово, на ул.„Правда Спасовска“, при извршен преглед на пријавениот од страна на полициски службеници, бил пронајден и одземен хероин.
 
СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.А.(33) од с.Арачиново, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 23.02.2020 во  с.Арачиново, скопско, од полициски службеници бил извршен претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени пиштол „Лугер М90“ калибар 9 мм ПАРА, две рамки, осум куршуми калибар 9 мм, 2.780 грама марихуана и електронска вага.
 
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава против М.А., вработен во МВР, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. На 10.06.2020 во Полициската станица за Граничен премин Табановце пријавениот, при вршење на работни задачи на пасошка контрола за влез во Р.Северна Македонија, овозможил влез на малолетничка од Кавадарци, без да ја заведе во електронскиот систем за контрола на патници и возила, а исто така, тој не побарал приложување на негативен ПЦР тест за Ковид-19 и не ја упатил во државен карантин, со што постапил спротивно на донесените одлуки на Владата.
 
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава против И.Т.(41) од Велес, вработен во МВР, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „малтретирање во службата“. На 29.05.2020 во Велес пријавениот, при преземање на службени дејствија за легитимирање и спроведување на мерките за носење на лична заштита, откако пристапил кон приведување na П.А., со употреба на физичка сила насилно го внел во службеното возило, каде на седиштето имало автоматска пушка, а откако приведениот реагирал, полицискиот слижбеник му упатил закани.
 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Љ.(34) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“ и против Г.Р.(26) од Скопје, управител на правно лице од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање“. На 25.03.2020, во телефонски разговор со Б.Ч.(36), сопственик на фирма за продажба на пелети со седиште во с.Прељубиште, тетовско, првопријавениот, со лажно прикажување на факти се претставил како претставник на правно лице, за кое било утврдено дека не било регистрирано во Централниот регистар, при што нарачал пелети во износ од 80.959 денари, наведувајќи дека сумата ќе ја исплати во текот на наредниот ден. Од оштетениот нарачката била испорачана и истоварена во складот на правното лице, сопственост на второпријавениот, кој ја купил стоката од првопријавениот за сума од 67.200 денари, за која сума знаел дека е многу пониска од реалната.  
 
ОВР Радовиш поднесе две кривични пријави против Б.Б.( 52), А.К.(46) и Д.Ф.(45), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 25.04. и на 05.06.2020, пријавените биле затекнати надвор од своите домови, со што постапиле спротивно на здравствените прописи и мерката за забрана на движење, која е воведена со цел за спречување на ширење на заразната болест Ковид-19.
 
СВР Велес поднесе кривична пријава против Х.М. (26) од с.Согле-Чашка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 19.06.2020, при контрола на лица кои биле во домашна изолација, пријавениот не бил затекнат во својот дом, со што постапил спротивно на здравствените прописи и издаденото решение од ДСЗИ.
 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против О.Р.(31) од Куманово, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 17.04.2020, пријавениот бил затекнат надвор од својот дом, со што постапил спротивно на здравствените прописи и мерка за забрана на движење, која е воведена со цел за спречување на ширење на заразната болест Ковид-19.
 
СВР Штип поднесе три кривични пријави против О.М.(23) и 16-годишник, двајцата од Штип, К.К.(20) и С.И.(18), двајцата од Струмица, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Во периодот од 01.05. до 23.05.2020, пријавените биле затекнати надвор од своите домови, со што постапиле спротивно на здравствените прописи и мерката за забрана на движење, воведена со цел за спречување на ширење на заразната болест Ковид-19.
 
Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „разбојништво“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.Ј.(32) од охридското село Косел. Тој, на 22.05.2020 во 14.00 часот, на ул.„Партизанска“ во Охрид, сопрел автомобил што го управувал И.Н.(20) од Охрид и со остар предмет му се заканил, а потоа му ги одзел парите.
 
ОВР Струга поднесе кривична пријава против С.М.(57) и А.М.(21) од струшкото село Ливада, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. Пријавените,  на 30.09.2019, насилно влегле во куќа сопственост на К.Д.(37) од струшкото село Делогожда, извршиле пребарување, а потоа со употреба на запалива течност,  целосно ја опожариле.