Извадок на дел од дневни настани 27.06.2020

На 26.06.2020 од полициски службеници од Единицата за насилен криминал - Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје, по претходна наредба од Основен кривичен суд Скопје, при извршен претрес во дом и други простории кај М.Д.(38) од Скопје, на ул.„Дижонска“, бил пронајден револвер „Црвена застава“, модел „магнум 357“. Против М.Д. е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, а по дадениот исказ пред ОЈО Скопје, М.Д. бил изведен пред судија на претходна постапка и одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.   

На 27.06.2020 во 00.15 часот, полициски службеници од СВР Скопје на бул.„Гоце Делчев“ го лишиле од слобода А.М.(22) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена прашкаста материја. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 26.06.2020 во 21.30 часот, полициски службеници од СВР Скопје на ул.„Орце Николов“ ги лишиле од слобода А.К.(36) и С.К.(34), двајцата од Скопје, затоа што при извршен преглед кај нив била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 26.06.2020 околу 21.00 часот под надвозникот на магистралниот пат Струмица – Штип, кај клучката за Радовиш, од полициски службеници од Полициската станица Радовиш биле пронајдени 17 лица-мигранти, од кои двајца од Пакистан, еден од Сомалија, пет од Иран и девет од Авганистан. Во близина од надвозникот, покрај патот за Радовиш, било пронајдено и патничко возило „рено лагуна“, со тетовски регистарски ознаки, за кое пронајдените мигранти изјавиле дека биле истоварени од него. По наредба на Јавен обвинител мигрантите се предадени во Привремениот транзитен центар Винојуг-Гевгелија за понатамошна постапка. Се работи на расчистување на случајот.
На 26.06.2020 во 16.00 часот во Скопје пред Полициската станица Гази Баба, Н.Т.(53) од Скопје го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон полициски службеници. Сочинет е записник за констатиран прекршок по чл.13 од ЗППЈРМ.

На 26.06.2020 во 13.30 часот било пријавено дека во Прилеп, на ул.„Александар Македонски“, во фабрика за текстил, Д.К.(35) од Прилеп се повредил додека извршувал работни задачи. Тој бил пренесен во Општата болница Прилеп за укажување на лекарска помош, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Полициски службеници од Полициската станица Прилеп излегле на местото на настанот.

На 26.06.2020 во 05.45 часот било пријавено дека во Кавадарци, на ул.„Шишка“, се случила сообраќајна незгода помеѓу автобус „сетра“, со кавадаречки регистарски ознаки, управуван од С.К.(65) од Неготино и трактор „ИМТ 533“, со велешки регистарски ознаки, управуван од Т.Т.(80) од Кавадарци. По незгодата, возачот на тракторот бил пренесен во Општата болница Кавадарци за укажување на лекарска помош, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Кавадарци.

На 27.06.2020 од страна на полициски службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје, со претходна наредба од Основен кривичен суд Скопје, извршен е претрес во домот на С.Ц.(25), на ул.„Киро Фетак“, при што била пронајдена растителна материја. С.Ц. е лишена од слобода, а за случајот е известен Јавен обвинител.
 
 

На 26.06.2020 во 20.00 часот било пријавено дека во с.Огњанци, скопско, на место викано „Кај рампа“, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со меѓусебна пресметка помеѓу М.А.(44), В.А.(19) и Н.А.(53), од една страна и М.Б.(52), И.Б.(43), И.Б.(50), Р.Б.(48), М.Б.(20), К.С.(20), Р.К.(22), Ф.К.(21) и П.А.(26), од друга страна, сите од Скопје. Сочинети се записници за констатирани прекршоци по чл. 11 од ЗППЈРМ.

На 26.06.2020 во 16.30 часот било пријавено дека во Штип на ул.„Славчо Стојменски“, непознато лице со употреба на сила ѝ одзело златен накит на Д.С.(44) од Штип. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.06.2020 од страна на полициски службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје бил лишен од слобода Д.А.(36), бидејќи при извршен претрес во неговиот дом на ул.„Киро Фетак“, по претходна наредба од Основен кривичен суд Скопје, биле пронајдени растителна материја и прашкаста материја. За настанот е известен Јавен обвинител.

На 26.06.2020 во 11.45 часот во Полициската станица Кисела Вода, 54-годишна жителка на Скопје пријавила дека околу 08.30 часот во нејзиниот дом, по кратка вербална расправија, била физички нападната од нејзиниот сопруг Б.Т.(64), при што се здобила со тешки телесни повреди. Се работи на расчистување на случајот.
                                      
На 27.06.2020 во 01.05 часот во Полициската станица Неготино од Итната медицинска помош Неготино било пријавено на ул.„Киро Крстев“, во неговиот дом, во бессознание и без траги на насилство бил пронајден М.А.(43), кој за време на транспортот до болница починал. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Неготино. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено за обдукција.
На 26.06.2020 во 16.15 часот во Полициското одделение Сарај, И.А.(55) од с.Ласкарци, скопско, пријавил дека од домот се оддалечила неговата ќерка С.А.(17). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
                                          

На 26.06.2020 околу 20.00 часот во Куманово, на бул.„Октомвриска револуција“, од страна на полициски службеници на возач на моторцикл му бил даден знак да застане, но тој не ја испочитувал наредбата, туку продолжил да се движи во правец кон полициските службеници и со моторциклот удрил еден од нив во пределот на ногата. Потоа, изгубил контрола и паднал, по што се дал во бегство. По преземени мерки моторциклистот бил пронајден и приведен во полициска станица. Неговиот идентитет бил утврден и станува збор за Н.С.(28) од Куманово. По целосното расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок. 

На 26.06.2020  во 16.08 часот било пријавено дека с.Жидилово, кривопаланечко, Ч.С., по претходна расправија, бил нападнат со секира од неговиот брат Д.С.. Се работи на расчистување на случајот.  

На 26.06.2020 во 23.00 часот во ОВР Кавадарци М.Ј. од Кавадарци пријавил дека околу 20.45 часот му била загрозена сигурноста од страна на З.Б. од Кавадарци, кој преку објавен статус на социјалната мрежа „Фејсбук“ му упатувал закани. Се работи на расчистување на случајот. 

На 26.06.2020 во 14.55 часот во Полициската станица Бит Пазар Н.Б.(51) од Скопје пријавил дека на ул.„Бајрам Шабани“ неговиот петгодишен син бил каснат од куче скитник. 

На 26.06.2020 во 15.10 часот Џ.С.(40) од Тетово, вработен како обезбедување во ИВЗ Тетово, во објектот на „Арабати Баба Теќе“ во Тетово, пријавил дека околу 14.10 часот во објектот влегле група лица, по што Б.К. и А.А. започнале вербална расправија со него, а М.А. го турнал, по што тие го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.06.2020 во 18.00 часот во Полициската станица, Р.Т.(52) од Скопје пријавила дека на ул.„Маџари“ била касната од куче скитник.