Извадок на дел од дневни настани 25.03.2020

 
На 24.03.2020 во 16.40 часот, полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Гази Баба го лишиле од слобода О.М.(23) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 24.03.2020 во 14.00 часот било пријавено дека на надвозникот од локалниот пат с.Ерџелија - с.Кадрифаково, патничко возило „сеат леон“, со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Ѓ.(23) од с.Ерџелија, излетало од патот. Во незгодата возачот се здобил со тешки телесни повреди, по што бил пренесен во Клиничката болница Штип за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Штип.             
 
На 24.03.2020 во 20.00 часот било пријавено дека на регионалниот пат Богданци-Гевгелија, поточно на место викано Лгот, патничко возило „рекстон“, сопственост на МВР, управувано од полицискиот службеник Б.Ј. излетало од коловозот. Во возилото се превезувале и шест припадници на Армијата, кои биле на испомош во Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Богородица“. Во незгодата со полесни повреди се здобиле тројца припадници од Армијата, по што биле пренесени во Јавната здравствена установа Гевгелија за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Гевгелија.
 
 
Во текот на 24.03.2020 на подрачјето на СВР Скопје преземени се мерки и активности, при што се санкционирани двајца возачи, затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување на моторно возило, едно возило бидејќи било нерегистрирано, а две возила се подигнати со специјално возило „пајак".
  
СВР Штип  поднесе кривична пријава против С.З.(24) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“. Имено пријавениот, вработен во Јавното претпријатие „Исар“ Штип, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, во текот на јануари 2020, во два наврата присвоил парични средства во вкупен износ од 135.241 денари, и тоа на 22.01.2020, средства во износ од 26.041 денари, кои  му биле дадени од вработената за да ги однесе од наплатниот центар во населбата Сењак до благајната на ЈП „Исар“, а во вториот случај,  на 27.01.2020, паричен износ од 109.200 денари, кои од вработената во благајната му бил доверен да го уплати во банка во Штип, на  сметката на ЈП  „Исар“.
 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.Н.(21) и Б.Б.(20), двајцата од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 16.02.2020 пред угостителски објект на ул.„Маршал Тито“ во Тетово, полициски службеници пристапиле да ги разделат  пријавените кои се расправале и физички се пресметувале, но првопријавениот физички нападнал полициски службеник, а второпријавениот покрај тоа, оштетил и автомобил. Двајцата биле приведени во полициска станица за понатамошна постапка.
 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.И.(23) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 14.02.2020 во Тетово, во домот на М.Л., додека полициски службеници вршеле претрес, влегол пријавениот и ставил во устата опаковка со прашкаста материја, со намера да ја проголта. Во тој момент двајцата полициски службеници презеле мерки за спречување на пријавениот во намерата, при што С.И. давал активен отпор. Набрзо бил совладан и пренесен во Клиничката болница Тетово за укажување на лекарска помош.
 
На 24.03.2020 во 09.10 во СВР Скопје било пријавено дека од Јавна установа за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение се оддалечил нивниот штитеникот К.Д.(15) од Кавадарци, кој и претходно во повеќе наврати се оддалечувал и бил враќан назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
 
На 24.03.2020 година полициски службеници од ОВР Кичево, извршија преглед во домот на И.З.(58) од Кичево, при што пронајдоа и одзедоа 43 куршуми и 355 семки од марихуана. Тој е приведен и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
 
На 24.03.2020 година, при извршена контрола на ул.„11 Септември“ во Кичево, полициски службеници пронајдоа и одзедоа кокаин. Притоа, приведен е А.К.(24) од Кичево. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена кривична пријава.
 
ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против С.Д.(21) од с.Страјане, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 23.03.2020 во 21.15 часот, на ул.„Беличица“ во Гостивар пријавениот, иако бил должен да постапува согласно донесените одлуки на Владата на Р.С.Македонија, кои се однесуваат на спречување на ширење на коронавирус, преку забрана за движење на населението во временски период од 21.00 часот до 05.00 часот, не ги почитувал задолжителните мерки, се движел низ подрачјето на Гостивар и од полициски службеници бил приведен во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка.
 
ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против С.Б.(44) од с.Страјане, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 23.03.2020 во 21.15 часот, на ул.„Беличица“ во Гостивар пријавениот, иако бил должен да постапува согласно донесени одлуки на Владата на Р.С.Македонија, кои се однесуваат на спречување на ширење на  коронавирус инфекција, преку забрана за движење на населението во временски период од 21.00 часот до 05.00 часот, не ги почитувал задолжителните мерки, се движел низ подрачјето на Гостивар, поради што бил приведен во Полициската станица Гостивар за понатамошно постапување.
 
ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против А.Љ.(33) од с.Балиндол, Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 23.03.2020 во 22.15 часот во населбата „Питарница“ на подрачјето на Гостивар пријавениот, иако бил должен да постапува согласно донесените одлуки на Владата на Р.С.Македонија, кои се однесуваат на спречување на ширење на коронавирус, преку забрана за движење на населението во временски период од 21.00 часот до 05.00 часот, не ги почитувал задолжителните мерки и бил забележан како се движи со патничко возило „фолксваген бора“. Тој бил приведен во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка.
 
СВР Тетово поднесе кривична  пријава  против Б.З.(29) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 24.03.2020 по претходна пријава, полициски службеници констатирале дека угостителски објект на ул.„107“ во Тетово не ги почитувал мерките за затворање и неработење. На местото на настанот бил затекнат пријавениот, кој е сопственик на угостителскиот објект и изјавил дека во угостителскиот објект преку шалтерски систем се послужувале граѓани со кафе и пијалаци. Во координација со Државниот пазарен инспекторат – Подрачна единица Тетово, наведениот угостителски објект бил затворен.
 
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривични пријави против М.С.(27), И.Д.(32), С.А.(21), сите од Свети Николе и С.Ѓ. (19) од с.Немањици,Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 23.03.2020, М.С. и И.Д. не постапиле според писмената наредба издадена од страна на Министерството за здравство и потпишаната изјава за задолжителна самоизолација од 17.03.2020, при остварен влез во Р.С.Македонија, односно при извршена проверка биле надвор од своите домови,додека С.А. и С.Ѓ. на 24.03.2020 не го испочитувале воведениот полициски час, ги напуштиле своите домови и со патничко возило „сузуки свифт“ биле пресретнати од полициски службеници и биле лишени од слобода.
 
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против А.Г.(31) од Виница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело„непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 18.03.2020 А.Г. остварил влез во Р.С.Македонија и се обврзал на задолжителна самоизолација во времетраење од 14 дена. На 19.03.2020 тој не се придржувал на изречените мерки, односно полициски службеници од Полициската станица Виница на магистралниот пат Кочани-Делчево сопреле и контролирале товарно возило „пежо“, управувано од пријавениот.
 
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривични пријави против В.Ќ.(44) од Виница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 22.03.2020 во 23.25 часот на место викано „Јакимовска  раскрсница“  во  Виница,  за време на полициски час, полициски службеници дале знак за сопирање на патничко возило управувано од пријавeниот, но тој не застанал и продолжил со движење,  постапувајќи спротивно на одлуката на Владата на Р.С.Македонија за спроведување на полициски час.
 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.К.(32) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Пријавениот, на 18.03.2020 остварил влез од Германија во Р.С.Македонија преку Граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје и потпишал изјава за спроведување на задолжителна самоизолација во времетраење од 14 дена. На 20.03.2020 при извршена контрола од полициски службеници на адреса која била наведена во изјавата како место на кое ќе ја спроведувал самоизолацијата, тој не бил пронајден.
 
СВР Куманово поднесе кривични пријави против А.С.(39) од с.Водоврати, Градско и С.С.(35) од с.Ќојлија, Петровец поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело„непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Пријавените, на 22.03.2020 во 23.10 часот за време на епидемија од коронавирус прогласена на територијата на Р.С.Македонија, постапил спротивно на забраната за движење на населението од 21.00 до 06.00 часот, односно се движеле со патничко возило „мерцедес“, управувано од првопријавениот, по магистрален пат Крива Паланка - Куманово. Од полициски службеници од Полициското одделение Ранковце биле сопрени и првопријавениот одбил да се легитимира, по што го стартувал возилото и заминал во правец на Куманово. Околу 23.35 часот возилото било забележано од полициски службеници од СВР Куманово, по што пријавените, откако биле легитимирани и бил извршен преглед на возилото, и двајцата биле лишени од слобода.
 
На 24.03.2020 во 12.00 часот во Полициска станица Аеродром, Д.Д.(37) од с.Долно Лисиче, скопско, пријавил дека од нивниот дом се оддалечил неговиот брат В.Д.(36), од с.Долно Лисиче, кој имал здравствени проблеми. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.