Извадок на дел од дневни настани 17.02.2020

 
На 16.02.2020 полициски службеници од Eдиницата за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Скопје го привеле Л.Ѓ.(39) од Скопје, затоа што при претрес во неговиот дом во населбата Карпош, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 16.02.2020 во 13.55 часот, полициски службеници од СВР Скопје на ул.„Женевска“, ги лишиле од слобода В.Х(26), Д.Ј.(25), В.И.(29), сите од Тетово и Б.Л.(28) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 16.02.2020 во 17.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје на ул.„Михаил Чаков“ го лишиле од слобода Д.Д.(24) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 16.02.2020 во 22.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје на ул.„Скупи“ го лишиле од слобода Ш.С.(31) од Пехчево, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 16.02.2020 во 15.15 часот, полициски службеници од СВР Скопје, по претходна судска наредба, на ул.„Методија Шаторов Шарло“ го лишиле од слобода Н.А.(29) од с.Патишка Река, скопско, во врска со сторено кривично дело „измама“, како и за издржување на казна затвор. 
 
На 16.02.2020 во 08.20 часот на Граничниот премин „Блато“, при пасошка контрола, било констатирано дека лицето K.J.(38) од Р.Албанија се наоѓа во евиденцијата на листа со мерка „апси“, по барање на Интерпол од Италија, заради издржување на казна затвор. Тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Дебар за понатамошна постапка. 
 
На 16.02.2020 во 14.20 часот било пријавено дека на ул.„Железничка“ во Охрид патничко возило „пежо“, со охридски регистарски ознаки, управувано од С.Н.(33) од Охрид, удрило во пешакот З.С.(62) од с.Велгошти, охридско. Во незгодата З.С. се здобила со тешки телесни повреди, по што била пренесена во Општата болница Охрид за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Охрид.
 
На 16.02.2020 во 21.35 часот во Полициската станица Аеродром, Д.Р.(19) од Скопје пријавил дека во трговски центар на бул.„Јане Сандански“ бил каснат од куче скитник во пределот на десната нога.
 
Во текот на 14, 15 и 16.02.2020 на подрачјето на СВР Скопје преземени се мерки и активности при што од сообраќај се исклучени: четири возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, еден возач затоа што управувал возило без да се стекне со право на управување на моторно возило и едно возило бидејќи било нерегистрирано. Санкционирани се и три возачи поради поминување на крстосница на црвено светло. Во текот на изминатите денови 125 возила се подигнати со специјално возило „пајак".
 
На 16.02.2020 во 15.15 часот на крстосница помеѓу ул.„Драги Крупишки“ и ул.„Кратовска“ во Штип се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „југо корал 55“, со штипски регистарски ознаки, управувано од Р.Ѓ.(24) од с.Долни Балван, општина Карбинци и мопед „гарели гсп 50“, со штипски регистарски ознаки, управуван од 13-годишен малолетник од Штип. Во незгодата малолетникот се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Клиничката болница Штип за укажување лекарска помош. За настанот бил запознаен јавен обвинител, а увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Штип.
 
На 16.02.2020 во 11.20 часот во Полициската станица Гази Баба, А.С.(41) од Скопје пријавила дека на ул.„Париска комуна“ била касната од куче скитник во пределот на десната потколеница.
   
На 16.02.2020 околу 18.20 часот на ул.„Гоце Делчев“ во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово - Одделение за внатрешни работи Гостивар ги лишиле од слобода В.А.(21), Ф.З.(27) и 16-годишник, сите од Гостивар, затоа што при преглед кај нив била пронајдена марихуана. Тие биле приведени во Полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 16.02.2020 околу 19.30 часот на локалниот пат с.Калуѓерица – с.Подареш, радовишко, полициски службеници од Полициската станица Радовиш пронашле товарно возило „форд транзит“, со гостиварски регистарски ознаки, во кое имало 32 лица – мигранти (девет лица од Авганистан, 14 од Пакистан, седум од Египет, едно лице од Индија и едно од Турција). Возачот побегнал од местото пред доаѓањето на полициската патрола, а по наредба на јавен обвинител мигрантите ќе бидат сместени во Прифатниот центар за странци „Гази Баба“ во Скопје и во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 16.02 2020 во 10.40 часот во Полициската станица Кичево било пријавено дека во Итната медицинска помош со тешки телесни повреди бил донесен Е.Б.(39) од Кичево. Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал градежни работи во Кичево. Се работи на расчистување на случајот.
 
На 15.02.2020 во периодот од 08.00 до 14.00 часот Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип спроведе засилена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, било утврдено дека 20 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената во населено место, додека шест надвор од населено место. Преземени се вкупно 26 мерки, односно за сите прекршоци изречени се соодветни казни. Санкционирани се и осум останати прекршоци.
 
На 16.02.2020 во 10.20 часот во СВР Битола, лекарка во Итна медицинска помош пријавила дека во ноќен клуб во Битола, каде биле на интервенција по добиен повик на телефонскиот број 194, била физички нападната од едно лице. За настанот бил известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 17.02.2020 во 01.00 часот во Полициската станица Центар, Ѓ.Т.(45) од Скопје пријавил дека на 16.02.2020 околу 21.30 часот пред угостителски објект на ул.„Македонија“ тој и А.Т. биле физички нападнати од две лица, кои потоа со патничко возило „опел астра“ го прегазиле во пределот на стапалото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 16.02.2020 во 04.10 часот во СВР Скопје, Б.Б.(22) од Скопје пријавил дека околу 03.20 часот, пред угостителски објект на ул.„Димитрие Чуповски“, бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 16.02.2020 во 15.20 часот во СВР Скопје, А.П.(34) од Пробиштип пријавил дека во 14.20 часот во Градски парк, поради претходно недоразбирање околу сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 16.02.2020 во 03.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред угостителски објект на ул.„Димитрија Чуповски“, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу К.Н.(22) и В.М.(24), од една страна и О.С.(21) и И.С.(21), од друга страна, сите од Скопје. Сочинет е записник за констатиран прекршок по член 4, 6 и 11 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
 
На 16.02.2020 во 17.30 часот во СВР Скопје, М.С.(70) од Скопје пријавила дека на ул.„Димо Хаџи Димов“, по претходна расправија, била физички нападната од И.М.(27) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 16.02.2020 година во 06.00 часот во СВР Скопје, Т.Д.(44) од с.Стајковци, скопско, пријавил дека околу 04.10 часот на крстосница од ул.„Есперанто“ и ул.„Ангел Динев“, по претходна расправија, бил физички нападнат од Г.Т.(33) и Р.Т.(44), двајцата од Скопје. Сочинет е записник за констатиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. 
 
На 16.02.2020 околу 02.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Ефтим Спространов“ настанал пожар во помошен објект, кој бил во непосредна близина на објект во изградба, сопственост на фирма од Скопје. Во пожарот целосно изгорел помошниот објект. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита, а повредени лица нема. Увид извршила екипа од СВР Скопје. 
 
На 16.02.2020 околу 11.00 часот во СВР Тетово, планинар од тетовско планинарско друштво, кој се движел на тој терен со група планинари, пријавил дека над тетовското с.Вејце, на патот кон планинскиот врв Кобилица, забележале безживотно машко тело. Екипа од СВР Тетово и лекар по судска медицина со хеликоптер на МВР се упатиле на местото и извршиле увид, при што била констатирана смрт без траги на насилство. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било пренесено во Институтот за судска медицина во Скопје за обдукција. При увидот, било утврдено дека најверојатно станува збор за 32-годишниот сириски државјанин М.Р., кој поседувал фалсификувани документи на име на друго лице од Шпанија, а кој на 28 декември минатата година во СВР Тетово бил пријавен како исчезнат. 
 
На 16.02.2020 во 19.00 часот во СВР Битола, М.С.(34) од Битола пријавил дека од домот се оддалечила неговата сопруга Е.С.(24), заедно со нивните малолетни деца на возраст од три и една година. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата. 
 
На 16.02.2020 во 21.00 часот во Полициската станица Кичево, А.Ј.(33) од Кичево пријавил дека на ул.„Рудничка“ во Кичево бил каснат од куче скитник, при што паднал и се здобил со повреди.  
 
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Неготино поднесе кривична пријава против М.П.(32) од Неготино, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и навлегување во компјутерски систем“. На 13.01.2020 пријавената пронашла банкарска платежна картичка на Б.К. од Неготино и ја употребила при плаќање на трговска стока во четири фирми од Неготино, со што се стекнала со противправна имотна корист.