Извадок на дел од дневни настани 10.02.2020

 
На 09.02.2020 во 12.50 часот, полициски службеници од СВР Скопје од подрачјето на Гази Баба го лишиле од слобода Д.Г.(44) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена кафеава прашкаста материја. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок. 
 
На 09.02.2020 во 20.20 часот, полициски службеници од СВР Скопје на ул.„Есперанто“, при извршен преглед кај В.М.(23), Д.С.(26) и А.Т.(27), сите од Скопје, пронашле три ножеви. Тие биле приведени, поради сомнение за сторен прекршок од Законот за оружје. По документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. 
 
На 09.02.2020 околу 19.50 часот на влезот во с.Шемшово, тетовско, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода албанските државјани А.Д.(57) и А.Б.(35), кои непријавено престојувале на подрачјето. Тие биле задржани во Полициската станица Тетово, по што биле предадени во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка.
 
На 09.02.2020 во 19.50 часот било пријавено дека на ул.„Лука Геров“ во Скопје, патничко возило „пежо“, со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Р.(29) од Скопје, удрило во пешак Т.С.(48) од Скопје. Во незгодата, Т.С. се здобила со тешки телесни повреди, по што била пренесена во Градската општа болница „8 Септември“ за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје.
 
На 09.02.2020 во 12.10 часот било пријавено дека на регионалниот пат Дебар - Маврови Анови, пред крстосница за с.Ростуше, товарно возило „ивеко“, со тетовски регистарски ознаки, управувано од И.Ф.(56) од с.Стримница, општина Желино, излетало од патот. Во незгодата, возачот се здобил со тешки телесни повреди, по што бил пренесен во Клиничката болница Тетово за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Гостивар.
 
Полициски службеници од СВР Битола за време на викендот извршиле контрола за алкохол, брзина, управување без возачка дозвола. Притоа, било констатирано дека осум  возачи разговарале на  мобилен телефон додека управувале возило, осум возачи не поседувале возачка дозвола, брзината ја надминале четворица возачи и 13 биле под дејство на алкохол. За сите неправилности издадени се соодветни налози.
 
На 09.02.2020 околу 15.00 часот на крстосницата од регионалниот пат Делчево - Берово и ул.„Јулија Веселинска“ во Пехчево, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „фолксваген голф“, со беровски регистарски ознаки, управувано од Љ.П.(43) од Пехчево и патничко возило „сеат леон“, со беровски регистарски ознаки, управувано од А.С.(28) од Пехчево. Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобила Е.П.(76) од Пехчево, сопатничка во возилото „фолксваген голф“ и била пренесена во Клиничка болница Штип за укажување на лекарска помош. За настанот е известен јавен обвинител, а увид на местото извршила увидна екипа од СВР Штип.
 
На 09.02.2020 во 16.50 часот во Полициската станица Аеродром, И.В.(28) од Скопје пријавил дека на ул.„Владимир Комаров“ бил каснат од куче скитник во пределот на десната потколеница.  
 
Во текот на 07, 08 и 09.02.2020 на подрачјето на СВР Скопје преземени се мерки и активности при што од сообраќај се исклучени: еден возач затоа што управувал возило под дејство на алкохол, двајца возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување на моторно возило и едно возило бидејќи било нерегистрирано. Санкционирани се и еден возач поради поминување на крстосница на црвено светло и двајца возачи поради недавање првенство на минување на пешаци. Во однос на пешаците, санкционирани се 21 пешак. Во текот на изминатите денови 88 возила се подигнати со специјално возило „пајак".
 
На 09.02.2020 во 17.00 часот во Полициската станица Центар, А.К.(64) од Битола пријавил дека на бул.„Кочо Рацин“ бил каснат од куче скитник во пределот на левата потколеница.
 
        
СВР Тетово поднесе кривична пријава против З.Ф.(42) од с.Палатица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. Пријавениот, подолг период психички и физички ги малтретирал негова сопруга А.Ф.(38) од с.Палатица и нејзините три малолетни деца. На 13.12.2019 во семејниот дом во с.Палатица, по претходна расправија, со нож ѝ се заканил по нејзиниот живот. 
 
СВР Куманово поднесе кривична пријва против В.Ј.(28) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 04.08.2019 на ул.„Страшко Симонов“ во Куманово полициски службеници извршиле претрес кај пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.
 
На 09.02.2020 во 00.30 часот во СВР Скопје, К.Б.(37) од с.Инџиково, скопско, пријавила дека на 08.02.2020 околу 21.00 часот во нејзиниот дом на ул.„Методија Андонов Ченто“ била физички нападната од К.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 09.02.2020 во 12.30 часот во СВР Скопје, Л.А.(53) од Скопје пријавила дека околу 12.00 часот на ул.„Фуштанска“, поради нарушени семејни односи, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу неа и нејзиниот зет М.З.(28) од Скопје. Во 16.00 часот М.З. пријавил дека околу 15.40 часот, поради претходниот настан, со метален предмет бил физички нападнат од Д.А. и В.А., синови на Л.А. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 09.02.2020 во 19.00 часот во СВР Скопје, Х.Ј.(21) од Скопје пријавил дека околу 03.30 часот на паркинг пред угостителски објект на ул.„532“ во с.Марино, скопско, поради претходно случена сообраќајна незгода, бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 09.02.2020 во 21.30 часот во Полициска станица Аеродром, М.Т.(30) од Скопје пријавил дека околу 17.30 часот на пешачка патека покрај река Вардар, во близина на ПИОМ, бил каснат од куче скитник. 
 
На 09.02.2020 во 14.50 часот во Одделението за внатрешни работи Крушево било пријавено дека во с.Нарово настанал пожар на електрично броило поставено на бетонски столб, кое било во сопственост на верски објект. Пожарот бил изгаснат од страна на стручен работник од ЕВН, кој бил на местото и отстранувал дефект. Според него, пожарот не бил предизвикан од човечки фактор. 
 
На 10.02.2020 околу 02.30 часот во СВР Битола било пријавено дека во продавница за мобилни телефони во Битола, непознат сторител со употреба на сила и тврд предмет влегол внатре и одзел пари и мобилни телефони. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 
 
На 09.02.2020 во 07.35 часот било пријавено дека во с.Порој, тетовско, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „санг јонг“, сопственост на МВР, а управувано од Р.А.(37) и патничко возило „фолксваген голф“, со тетовски регистарски ознаки, управувано од С.А.(57) од с.Теарце. Во незгодата со телесни повреди се здобила 17-годишна сопатничка од возилото „фолксваген голф“, по што била пренесена во Клиничката болница Тетово за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Тетово, во присуство на полициски службеник од Одделот за внатрешна контрола.