Извадок на дел од дневни настани 13.01.2020

 
 
На 12.01.2020 во 12.30 часот, полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Бит пазар лишиле од слобода 17 - годишен малолетник од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
                                                                                   
На 12.01.2020 во 20.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје на подрачјето на Бит пазар го лишиле од слобода Д.М.(22) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
 
На 12.01.2020 во 18.50 часот на Граничниот премин „Табановце“ од слобода бил лишен С.M.(31) од Р.Албанија, затоа што при пасошка контрола приложил несоодветна патна исправа. Лицето е предадено на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.
 
На 12.01.2020 во 17.00 часот на регионалниот пат Тетово – с.Пирок, кај с.Камењане, 14 - годишен малолетник од с.Камењане, управувајќи патничко возило „рено клио“, со тетовски регистарски ознаки, удрил во пешакот Ќ.О.(76) од с.Камењане. По незгодата пешакот бил пренесен во Клиничкиот центар Тетово каде од страна на лекар била констатирана смрт. Извршен бил увид на местото на незгодата од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Тетово.
 
Во текот на 10, 11 и 12.01.2020 на подрачјето на СВР Скопје од сообраќај се исклучени 17 возачи, од кои: 11возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол и шест возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување на моторно возило. Исто така, исклучени од сообраќај се и шест возила бидејќи биле нерегистрирани. Во однос на пешаците, санкционирани се девет пешаци поради поминување коловоз вон пешачки премин и еден пешак поради поминување коловоз на црвено светло. Во текот на изминатите денови 103 возила се подигнати со специјално возило „пајак".
 
На 13.01.2020 во 00.30 часот на магистралниот пат Ново Село - Смоларска крстосница, на излез од Ново Село, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „форд мондео“, со струмички регистарски ознаки, управувано од Д.Д.(24) од село Рич, струмичко, и патничко возило „мерцедес бенз“, со струмички регистарски ознаки, управувано од В.Ч.(23) од Ново Коњарево, струмичко. Од здобиените повреди, во незгодата починал сопатникот во возилото „мерцедес бенз“, И.И.(21) од село Ново Коњарево, со тешки телесни повреди се здобиле возачот на возилото „форд мондео“, Д.Д. и сопатникот во истото возило И.С.(19) од село Рич, а В.Ч. се здобил со телесни повреди. Повредените биле префрлени во Медицински центар Струмица за укажување на лекарска помош. Увид на местото на незгодата извршиле Јавен обвинител и екипа на Полициската станица Струмица.
                               
Полициски службеници од СВР Битола за време на викендот 10/11/12 јануари 2020 извршиле контрола за алкохол, брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство. Притоа, констатирано е дека седум возачи биле под дејство на алкохол и тие биле исклучени од сообраќај, осумвозила биле нерегистрирани, 12 возачи не поседувале возачка дозвола, пет возачи не користеле сигурносен појас. За сите неправилности издадени се соодветни налози.
 
На 12.01.2020 во 17.40 часот на магистралниот пат Прилеп - Битола, кај крстосницата Лагово, патничко возило „мерцедес“, со струшки регистарски ознаки, управувано од Р.Н.(51) од Струга, излетало од патот. Во незгодата, сопатникот од возилото А.Ш.(55) од с.Велешта се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Општата болница Прилеп за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од екипа на Полициската станица Прилеп.
 
На 12.01.2020 во 22.45 часот во Полициската станица Аеродром, А.В.(20) од Скопје пријавил дека на бул.„Трета македонска бригада“ бил каснат од куче скитник во пределот на десната дланка.
    
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ф.Т.(24) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Пријавениот, неовластено, поради продажба во својот и во домот на неговиот дедо чувал 2,6 кг. марихуана, како и амфетамин и хашиш. Дрогата била пронајдена при претреси во неговиот и домот на неговиот дедо, извршени на 10 и 11 јануари, врз основа на судска наредба. По спроведена постапка, од страна на истражен судија на претходна постапка на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. 
 
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против А.А.(41) од Кичево, А.Ч.(43) од Скопје, Ф.М. (40) од Кичево, Е.М.(27) од Битола, Р.И.(20) од Прилеп, Е.М.(30) од Кичево, М.Р.(16) од Кичево и С.М.(33) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“. Пријавениот А.А., во периодот од втората половина на декември 2019 година до 09.01.2020, ги ангажирал останатите пријавени секојдневно да сечат од 15 до 20 метри кубни дабово огревно дрво од шума, сопственост на Р.С. Македонија, кои потоа со товарно возило ги транспортирале до домот на А.А. во с.Србјани, кичевско, и до крајните купувачи во Кичево и околните села.
 
СВР Охрид, до надлежното јавно обвинителство, поднесе известување против И.К.(18) и шест други малолетници, сите од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 17.12.2019 на ул.„Питу Гули“ во Охрид, пријавените физички го нападнале П.А.(18).
 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.А.(18) од с.Страцин, кратовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво во обид“. На 31.12.2019 околу 21.00 часот во с.Страцин, во куќа сопственост на М.Ѓ(65) и В.Ѓ(60), влегол А.А., кој со закана им барал пари. 
 
Во текот на 11 и 12 јануари, на подрачјето на СВР Тетово била спроведена акциска контрола на возачи кои ги управуваат возилата под дејство на алкохол. При контролата во Тетово биле откриени 19 возачи-прекршители, кои биле исклучени од сообраќај и времено им биле одземени возачките дозволи. Откриени и законски санкционирани биле и 34 други видови прекршоци. Во контролата во Гостивар биле откриени три возачи под дејство на алкохол и тие биле исклучени од сообраќај и им биле одземени возачките дозволи. Откриени биле, исто така, и три други прекршоци.
 
На 12.01.2020 во 11.50 часот во СВР Скопје, В.Ѓ.(49) од Скопје пријавила дека околу 11.30 часот на ул.„100“ во с.Волково, скопско, била физички нападната од Д.З.(55) од с.Ново Село, скопско. Сочинет е записник за констатиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. 
 
На 12.01.2020 во Полициската станица Чаир, Б.Д.(53) од Скопје пријавил дека на 11.01.2020 околу 18.30 часот настанал пожар во неговото патничко возило „опел астра“, кое било паркирано пред неговата куќа на ул.„Скоевска“. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Извршен е увид.
 
На 12.01.2020 во 16.20 часот во Полициската станица Драчево, од Итна медицинска помош било пријавено дека околу 11.30 часот кај нив Р.И.(27) од с.Батинци, скопско, пријавил дека во неговиот дом починало неговото новороденче, старо неколку дена. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатото бебе било предадено на обдукција.
 
На 13.01.2020 во 01.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Атанас Иљоски“ настанал пожар во патничко возило „хјундаи И20“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на К.П.(49) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Извршен е увид.